Бугарија и Македонија со ниски оценки за политичка култура
3 февруари 2023Додека Северна Македонија и Бугарија спорат околу „заедничко минато“, повеќе заеднички нешта имаат во сегашноста: и двете земји спаѓаат во групата земји „Демократија со недостатоци“ и имаат многу ниска оценка во категоријата „политичка култура“.
Ова го покажува рангирањето на „Economist Intelligence Unit“ за Индексот на демократија за 2022 година, во која се анализирани 167 држави и подредени во четири категории: развиени демократии, демократии со недостатоци, хибридни режими и авторитарни режими.
Со индекс 6.10 и 72-ро место на листата, Македонија останува во групата „демократија со недостатоци“, и е за едно место повисоко од претходното рангирање, кога излезе од групата „хибридни режими“.
„Резултатот на Северна Македонија маргинално се подобрува, од 6.03 во 2021 година на 6.10 во 2022 година, поради подобрувања во оценката за граѓанските слободи, додека има опаѓање во оценката за функционирање на владата“, се вели за Македонија во оценката на „Економист“.
„Парламентот на Северна Македонија го одобри непопуларниот предлог во јули, кој резултираше со кревање на ветото на Бугарија за преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот беше непопуларен во јавноста поради загриженост дека отстапките направени кон Бугарија ќе го поткопаат македонскиот национален идентитет. Во исто време, сепак, државата конечно ги објави првите официјални податоци од пописот во 2021 година и успешно ги надмина општествените и политичките прашања кои предизвикуваат поделба поврзани со бројот на етнички Македонци и етнички Албанци во земјата“, се оценува во извештајот.
Какви оценки добила Северна Македонија? На скала од 0 до10, најниска оценка добила за „политичката култура“ (3.13) што е далеку пониска оценка во однос на другите рангирања. На пример, за „изборен процес и плурализам“ има највисока оценка (7.83), за „функционирањето на владата“ 6.07, за „политичко учество“ 6.11 и за „граѓанските слободи“ 7.35.
Откако се мери Индексот на демократијата, РСМ највисока оценка имала во 2006 година (6.33). Во сите наредни години индексот постојано се намалувал и во 2016 година паднал на 5.23. За првпат почнал да расте во 2017 година (5.57) и со континуиран раст од околу 0.10 во наредните години, во 2022 стигнал до 6.10. Но, и со овој резултат РСМ денес е под оценката што ја имала пред 17 години, во 2006 година.
Политичкиот замор
Слична е и состојбата во Бугарија. Со индекс 6.53 и 57-мо место на листата, Бугарија го има нејзиниот најслаб резултат од 2006 година до денес. Какви оценки добила Бугарија?
Исто како РСМ, и Бугарија добила најниска оценка за „политичката култура“ (4.38). Највисока оценка има за „изборен процес и плурализам“ (9.17), за „граѓански слободи" 7.65, а за „политичко учество“ 6.11. За „функционирање на владата“ Бугарија добила оценка 5.36, што е низок индекс во споредба со членките на ЕУ.
„Резултатот на индексот на Бугарија опаѓа (- 0,11) трета година по ред. Резултатот за граѓанските слободи се подобрува, но бележи пад во оценката за политичкото учество. Изборната активност во Бугарија опаѓа неколку години: на предвремените избори во 2022 година - четврти за две години - таа падна под 40%. Со продлабочувањето и продолжувањето на политичката криза во Бугарија, политичкиот замор се зголеми игласачите уште повеќе се отуѓија од политичките процеси“, се вели во оценката за Бугарија.
За споредба, и Бугарија имала највисока оценка во 2006 година (7.10), која во наредните години континуирано се намалувала и стигнала до 6.72 во 2012 година. По период на стагнација, во 2015 година забележала огромен скок и стигнала до најдобрата оценка, од 7.14. Но, таа во наредните години почнала повторно да опаѓа, за во 2022 година да стигне до 6.53, или пад од четири места подолу во однос на претходното рангирање. Со овој резултат, и Бугарија (исто како РСМ) денес е под оценката што ја имала пред 17 години, во 2006 година.
Соседи во „топ 10“
Додека Северна Македонија и Бугарија остануваат во категоријата „демократија со недостатоци“, каде што се рангирани земји кои опфаќаат 37,3% од светската популација, (речиси исто колку и авторитарните режими со 36,9%), други земји од регионот бележат напредок. Црна Гора, Грција и Албанија се меѓу „топ 10“ земји посочени за постигнување на значајни позитивни промени во споредба со 2021 година.
На листата од 167 држави каде што е мерен индексот на демократија, меѓу првите шест држави доминираат пет скандинавски земји. Прва е Норвешка, (потоа скандинавскиот синџир е прекинат од Нов Зеланд кој е на второ место) а потоа следат Исланд, Шведска, Финска и Данска. Според Индексот, само 8% од светското население живее во вистинска демократија - 24 земји, што е 14,4% од сите држави.