Трамповите царини: Има ли ЕУ причина за страв?
13 ноември 2024Доналд Трамп ги сака царините. Во неговиот прв мандат како претседател на САД, тој воведе многу царини - на машини за перење, соларни панели, а потоа и за увоз на челик и алуминиум. Тие ги погодија земјите низ целиот свет, без разлика дали тие беа политички сојузници на САД или не.
За време на последната претседателска кампања вети уште повеќе. Сега, за нешто повеќе од два месеца, самопрогласениот „човек на царините“ ќе положи заклетва како 47-ми претседател на Америка.
Во обид да ги врати работните места во производството во САД, Доналд Трамп размислуваше за воведување царини од десет проценти за целиот увоз во САД, а потоа тоа го зголеми на 20 проценти. Сè што доаѓа од Кина ќе биде погодено од катастрофални царини од 60 проценти.
Европските стоки би поскапеле. Високите американски царини за кинески стоки би можеле да ѝ наштетат и на Европа. Ако Кина веќе не може да извезува во Америка, ќе гледа да продава стоки во Европа, што би можело да го преплави европскиот пазар.
ЕУ како „мини Кина“ за Трамп
Трамп посвети големо внимание на Кина, но и ЕУ ја нарече „мини Кина“. На крајот на октомври тој предупреди дека Унијата на крајот ќе плати и вети дека ќе го донесе „Трамповиот закон за реципрочна трговија“.
„Не ни ги земаат автомобилите. Не ни ги земаат земјоделските производи. Тие продаваат милиони и милиони автомобили во САД“, рече тој на митингот во Пенсилванија. „Не, не, не! Ќе мора да платат голема цена“.
Европската унија навистина им продава на САД многу повеќе отколку што купува од нив. Но, двете страни имаат многу заедничко. И тие имаат многу да изгубат.
Царинскиот конфликт меѓу САД и ЕУ може да се претвори во проблем за американската економија. Неиспровоцираните американски царини несомнено ќе доведат до одмазда преку контрацарини, би можеле да ги зголемат цените за американските потрошувачи и да придонесат за инфлација.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својата порака во која му честиташе на Трамп за неговата неодамнешна победа, го потсети на нивното заедничко „трансатлантско тло“, кое, како што рече, е повеќе од само сојузништво.
„Ние сме поврзани со вистинско партнерство меѓу нашите народи, обединувајќи 800 милиони граѓани“, напиша таа. „Милиони работни места и милијарди во трговијата и инвестициите на секоја страна од Атлантикот зависат од динамиката и стабилноста на нашите економски односи.“
Трамп 2.0: Цената на американскиот протекционизам
Предложената економска политика на Трамп ќе претставува голем проблем за Европската унија, а особено за Германија, велат експертите.
„Царините на Трамп се сериозна закана за европската економија, а особено за извозно ориентираните земји како Германија“, вели Никлас Поaтје, експерт за трговија и меѓународна економија во тинк-тенкот „Бругел“.
„Европската економија сѐ уште е нестабилна поради нејзината погрешна одлука да купува енергија од Русија и страда од падот на побарувачката од Кина. Царините на Трамп дополнително ги влошуваат нејзините економски перспективи“, изјави Поaтје за ДВ.
Клеменс Фуест, претседател на Институтот Ифо со седиште во Минхен, во изјава дадена ден по американските избори предупреди од „извонредно протекционистичка програма заснована на повисоки увозни царини и поголеми ограничувања на меѓународната трговија, особено за Кина и потенцијално за Европа“.
Институтот Ифо пресмета дека царината од 20 отсто на увезената стока може да предизвика пад на германскиот извоз во САД за околу 15 отсто и економска штета од 33 милијарди евра.
Германскиот економски институт (ИВ) со седиште во Келн пресмета дека трговската војна со царини од 10 отсто може да ја чини германската економија 127 милијарди евра за време на четиригодишниот мандат на Трамп во Белата куќа. Царини од 20 отсто би ја чинеле германската економија 180 милијарди евра.
Задржување на стоки од странско производство
Европската унија веќе страда од бавен раст. Германија, најголемата економија во Унијата, моментално е на пат да забележи пад втора година по ред и е особено зависна од растот на извозот на возила. Новите американски царини би ги влошиле работите.
Европската унија треба да ја подобри сопствената конкурентност, да ги зајакне своите одбранбени способности и да се соочи со предизвиците што ги поставува Кина, се вели во досието објавено од Сојузот на германските индустријалци (БДИ). Пред сѐ, приоритет треба да биде спречување на воведувањето нови царини. Ако тоа не успее, ќе бидат потребни контрамерки, но тие ќе бараат обединет фронт од сите 27 земји-членки на ЕУ.
Трамп верува дека царините се ефикасна алатка за унапредување на неговите домашни производствени цели и обезбедување влијание во меѓународните преговори, оценува Пени Нас, експерт за за јавна политика во Германскиот Маршалов фонд во Вашингтон.
Новоизбраниот претседател ги гледа царините како ефикасен начин за повторно воспоставување рамнотежа во трговските дефицити, а неговите главни приоритети најверојатно ќе бидат челикот, автомобилската индустрија и стоките кои придонесуваат за создавање значајни работни места во производството во САД, смета Нас.
Високи царини меѓу пријателите?
„Трамп е творец на договори и ја користеше заканата со царини за да извлече отстапки од трговските партнери во минатото“, вели Нас за ДВ. Таа додава дека била изненадена што земјите со трговски дефицит веќе започнале разговори со новата администрација за купување повеќе од САД.
Поатје нагласува дека царините на Трамп нема да доведат до крај на глобализацијата и трговијата, како што стравуваат некои.
Сепак, овој мандат на Трамп може да го означи крајот на глобализацијата предводена од САД, вели Поaтје. Тоа, смета тој, не би довело до крај на глобализацијата, бидејќи повеќето земји сѐ уште се заинтересирани за соработка. Важно е ЕУ да престане да ја попречува подлабоката економска интеграција.
„Европа сега мора да гради коалиции со истомисленици за да го зачува својот просперитет, кој во голема мера се заснова на трговијата“, заклучува Поaтје.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик