Дали Северна Кореја се подготвува за војна во 2024 година?
20 јануари 2024Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ја заврши 2023 година со жесток говор за неговите политики пред раководството на Комунистичката партија, раскрстувајќи со можноста за помирување со Јужна Кореја карактеризирајќи ги релациите како „меѓу две непријателски земји и две завојувани страни”, извастуваше државната новинска агенција КЦНА.
Ким повика на „експоненцијална” експанзија на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја и тестирање на балистички ракети. Тој се заложи и за лансирање на три нови шпионски сателити.
Во неговиот говор, Ким ги обвини Јужна Кореја и САД за „безобѕирни потези” во подготовките за „инвазија” и предупреди дека „војна може да избувне во било кое време на корејскиот полуостров”. Северна Кореја лансираше рекорден број ракети во 2023 година вклучително и една со можност да носи нуклеарна боева глава, која според сопствените наводи од декември може да достигне која било цел во САД. Минатата година земјата лансираше ракета која во орбитата исфрли шпионски сателит.
Северна Кореја тврди дека при последното лансирање во неделата, успешно лансирала хиперсонична балистичка ракета со среден дострел.
Корејската ситуација „најопасна“ во последниве децении
Извештај објавен неодамна од севернокорејскиот аналитички портал „38 Север” поддржуван од тинк-тенкот „Стимсон центар” од Вашингтон, предупредува дека последните потези на Ким можеби одат подалеку од вообичаеното заплашување.
Роберт Карлин, поранешен шеф на Северноисточната азиска дивизија при Стејт департментот и Зигфрид Хекер, професор по студии за анти-пролиферација на Институтот Мидлбури за меѓународни студии во Монтереј, предупредува дека безбедносната ситуација на корејскиот полуостров е „поопасна отколку што кога било кога 1950-тите години”, кога изби Корејската војна.
„Може да звучи премногу драматично, но ние сметаме дека исто како и дедо му во 1950 година, Ким Јонг Ун донел стратешка одлука да оди во војна," стои во извештајот.
„Не знаеме кога или како Ким планира да го повлече чкрапалото, но опасноста е веќе надвор од вообичаените предупредувања во Вашингтон, Сеул и Токио околу провокациите од Пјонгјанг”, велат тие.
„Темите за воена подготовка во севернокорејските медиуми кои се појавуваат од почетокот на минатата година не ги сметаме за типичното заплашување”, додаваат тие.
Аналитичарите велат дека нивните предупредувања се фокусирани на севернокорејскиот режим кој се откажува од долгогодишната цел за „нормализирање” на односите со САД. Пјонгјанг сега можеби смета дека таква нормализација е невозможна.
Тие велат дека аналитичарите и оние кои ги кројат политиките ја потценуваат важноста на целта за нормализација која му послужила на Ким како заштита за неговото стратешко размислување.
Од „клучно значење" е да се разбере “колку централна улога има целта за подобрување на релациите со САД за сите тројца Ким кои беа на чело на Северна Кореја," се вели во текстот.
Аналитичарите додаваат дека тоа што Северот „комплетно се откажува од таквата цел, темелно го менува стратешкиот релјеф во и околу Кореја”.
Дали Северна Кореја останува „рационална“?
Други аналитичари пак се скептични дали Северна Кореја навистина се подготвува да започне војна.
„Повици да се подготват за војна не се невообичаени во Северна Кореја," вели Гарен Мулој, професор по меѓународни релации на универзитетот Даити Бунка во Токио и специјалист за воени прашања. „Ние не треба да бидеме наивни дека сето ова нема никакво значење, но не треба ниту да си замислуваме оти значи војна," вели тој за ДВ.
Загриженоста е како што вели, дека „било каков знак на слабост од Западот” на Блискиот исток, Украина или на друго место кај Ким може да остави впечаток дека „можеби ова е неповторлива можност, предобра за да се пропушти”. Карлин и Хекер инсистираат на тоа дека светот мора сериозно да размисли кое би било најлошото можно сценарио и дека Северна Кореја „можеби планира да фати правец тотално надвор од сите наши калкулации”.
Тоа го вклучува и досегашниот „рутински аргумент дека Ким Јонг Ун не би се осудил” да почне ракетен напад врз Јужна Кореја или врз американската војска затоа што „знае” дека Вашингтон и Сеул би “го уништиле неговиот режим ако го направи тоа”.
„Литературата за неочекувани напади треба да нѐ алармира дека комфорните претпоставки можеби имаат добро ехо во Вашингтон, но не и употребна вредност во Пјонгјанг”, пишуваат тие.
Мулој вели дека наративот во кој Северна Кореја нема друга опција освен војна затоа што не успеале да се зближат со САД, „има многу логички и дупки во однос на мотивите”.
„Ким не е лудак, тој е многу рационален чинител," вели Мулој посочувајќи дена севернокорејскиот диктатор има поволности од поблиска алијанса со Русија. Овој аналитичар вели дека режимот на Ким моментално не покажува никакви знаци на интерно несогласување или колапс.