Како медиумска бомба детонираше изјавата на премиерот—подоцна поткрепена со потврда од страна на министерот за внатрешни работи—дека политичка партија во Македонија, во случајов ДУИ, подготвува безбедносна дестабилизација. Сериозни обвинувања, изнесени од најупатените извори. Во било кои други околности, тоа би било нуклеарен потрес на политичката сцена: наводи за рушење на уставниот поредок на државата, се, по правило, повод за подигање на безбедносната состојба, свикување итен Совет за безбедност, па дури и подигање на нивото на готовност на армијата во извесни случаи. Па сепак, се има впечаток дека посериозен след на соодветни потези отсуствуваше. Таквата релативна резигнација со која се дочекаа овие најави, како и отсуството на институционален одговор, па дури и посериозна реакција од другите политички субјекти, НАТО, меѓународната заедница, и пошироката јавност, говори во прилог на заклучокот дека јавноста не им придава премногу значење на овие најави: или не го сфаќаат ДУИ сериозно, или премиерот. Или обајцата.
Безбедносна психоза
За волја на вистината, во Македонија постојано постоела една култура на континуирана безбедносна психоза со која се хранат функционерите, од страна на разузнавачките структури, поткрепена од полуинформации завиткани во „оперативни сознанија“ и „веродостојни најави“, и инуенда без конкретни чекори, што може да биде делумно објаснување за ваквата јавна реакција без оперативни дејства – зашто инаку, работа на безбедносните служби би била да ја спречи дестабилизацијата, а не да ја најавува по медиуми. Сепак, ова остануваат сериозни обвинувања – кои или ќе завршат со безбедносна акција, или ќе го нарушат кредибилитетот на безбедносните структури.
ДУИ сериозно има потреба од нова голема приказна
Во политичка смисла, ваквите обвинувања воопшто не му пречат на ДУИ, напротив. Тоа е во рамки на нивниот наратив и стратегија, да се претстават како легитимни репрезенти на Албанците, доволно силни да се спротистават на секој обид за менување на веќе исцртаните и освоени етничко-политички територии. Второ, радикалноста на оска Македонци – Албанци, секогаш им носела политички поени и на радикалните Македонци и на радикалните Албанци. За ДУИ потешки се обвинувањата за корупција и криминал, зашто тие го нарушуваат нивниот идеолошки имиџ и основни вредности (револуционери), одошто обвинувања за етничка мобилизација. Понатаму, на ДУИ им е сериозно потребна нова голема приказна, бидејќи останувањето во опозиција може да ги наруши нивните долгорочни политички позиции. Такви посериозни наративи тие веќе претходно промовираа – првата беше со Албанец премиер, а втората со т.н. „зелена агенда“. Ниту една не вроди со посериозен политички резултат, но во комуникациска смисла беа полн погодок – ја доминираа сцената, го држеа ДУИ актуелно, и се наметнаа како врвен политички приоритет.
Затоа, мислам дека овие најави за дестабилизација, масовни протести, страв кај Македонците, и ескалација на етничките тензии, на ДУИ му се добро позната и комфорна територија. Во тој наратив тие успешно се снаоѓаат, и од таквите најави ќе имаат политички бенефит. Оваа позиција, под закана, но без конкретен епилог, е за нив одлична политичка ниша – актуелни, силни, но без поголем политички и безбедносен ризик. Токму затоа мислам дека ризикот од безбедносна дестабилизација во режија на ДУИ, најмалку до локалните избори, останува низок. Мислам дека на ДУИ во основа не му одговара брза ескалација, во која би ги вклучиле безбедносните аларми дури и на меѓународната заедница и НАТО, но му одговара оваа етничко-политичка психоза.
Оттаму, мислам дека за ДУИ сепак прв приоритет ќе биде со чисто политички средства да ги добие локалните избори. Така, без поголем политички потрес, ќе ја стави ВМРО ДПМНЕ под дополнителен притисок да ги врати како коалициски партнер, а ВЛЕН да остане само епизода, како онаа со ДПА 2006-2008. Ако ДУИ, со вакви најави, имплицитно закани и други поволни наративи, успее да ги добие локалните избори (да доминира на советничките листи), тогаш нема да има потреба од дополнителна ескалација – политичкиот резултат ќе биде доволен притисок во насока на нивниот наратив – дека легитимните претставници на Албанците не се во владата. Затоа, сметам дека до тогаш поверојатно е дека ќе се држат на радикални, но дозволени политички средства – протести, блокади, и слично. Но, доколку ги изгубат и локалните избори, и им се заканува подолг период во опозиција, со власт која најавува сериозен кривичен прогон за нив, тогаш не треба да се исклучи можноста од дополнителна ескалација на методите на нивното делување.
Сепак, на крајот, крајната цел на овие најави, па и планови на ДУИ, се изборни резултати. Во таа смисла, нивното идно поведение ќе зависи од „фрејмингот" (начинот на наметнување не медиумскиот наратив). Ако успеат да ја продадат приказната дека тие се легитимните револуционери кои се под политички прогон, нема потреба да ескалираат. Ако, пак победи приказната на власта – дека ДУИ се криминалци кои се штитат од прогон со нивната етничко-револуционерна приказна – тогаш ќе мораат да посегнат по нови методи.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.